Десет најлуди хотели во Германија
Сакате ли да поминете ноќ во затвор? Или во хобитска колиба? Во Германија има хотели кои нудат малку повеќе од обично ноќевање со појадок. Ви претставуваме десет најлуди хотели од Алпите до Балтичко Море.
Ноќевање во уметничко дело
Секоја соба е уникат. Во една се спие во слама, во друга мебелот виси од таванот. Кулминација на необичната понуда е собата со безброј агли и огледала. Берлинскиот хотел „Пропелер Исланд“ е целокупно уметничко дело на Ларс Строхен. Секоја соба има своја музика.
Железничка романтика
Во Јитербог, 60 километри оддалечен од Берлин, патниците-намерници можат да го доживеат духот на Транссибирската пруга. Вагоните за спиење нудат преноќиште за 25 гости. Секој оддел е опремен со кревет, седечка гарнитура и бања.
Ноќевање во куфер
Во Лунценау кај Кемниц се наоѓа веројатно најмалиот хотел во светот. Од 2004 година тука се наоѓа една кабина за спиење во форма на куфер широк еденипол и долг три метри. Затоа и го викаат „кофел“, комбинација од зборовите „куфер“ и „хотел“. Ноќевањето во сопствена вреќа за спиење чини 15 евра. Годишно овде преспиваат околу 500 гости.
Живеење како на филм-во полуземјанки
За вакви пејсажи не е потребно да се патува до Нов Зеланд, каде се снимани филмовите „Господар на прстените“. Во Тириншката шума љубителите на овие филмови можат да живеат во полуземјанки опремени по модерни станбени стандарди, со спална соба, удобна дневна соба и бања.
Кој легнува со волкот...
Паѓа мрак, волците завиваат. Така отприлика изгледа ноќевањето во хотелот Три ин, кој се наоѓа во крошната на стебло. Но, што е уште позанимливо, целата шума е до волчјиот резерват Дерверден кај Бремен. А таа куќичка на дрвото е опремена и со погодности како минибар и џакузи.
Ноќевање во канализациска цевка
Хотел во канализациска цевка со поглед на парк со скулптури. Тоа е идејата на ова необично сместувалиште во Ботроп, во северозападна Германија. За креветот и наткасната во бетонската цевка долга 2,40 метри, секој плаќа колку сака.
Ноќ зад решетки
Порано тука недраговолно ноќевале криминалци. Сега тука доброволно уживаат љубители на крими. Во бившиот затвор во Кајзерслаутерн денес се наоѓаат 56 соби. Дури и во хотелскиот бар има затворски решетки. Но, за разлика од бившите станари, сегашните можат да си заминат кога ќе посакаат.
Во буре како Диоген
Онаму каде некогаш се чувало вино, денес може да се спие во длабок сон. Хотелот се наоѓа во винарскиот регион покрај Рајна, кај гратчето Ридесхајм. Спалната соба има волумен od 6.000 литри и нуди сместување за две лица. Адекватно одморалиште по винска дегустација во некоја од блиските винарии.
По трагите на витезите
Хотелот Артус во близина на Боденското Езеро нуди патување низ времето. Во подрумот се јаде како во времето на средновековните витешки турнири. Домаќинот на вечерата води низ средновековните обичаи. Мамурлакот предизвикан од медовина може да се излечи во една од луксузните соби.
Не е за зиморливите
Пијалоците во хотелскиот бар-игло се гарантирано ладни. Од декември до средината на април на Небелхорн кај Оберстдорф 40 гости можат од сопствено игло на 2.000 метри височина да уживаат во величествениот поглед на Алпите.
Сакате ли да поминете ноќ во затвор? Или во хобитска колиба? Во Германија има хотели кои нудат малку повеќе од обично ноќевање со појадок. Ви претставуваме десет најлуди хотели од Алпите до Балтичко Море.