Доналд Трамп не може да се врати на Фејсбук... засега
5 мај 2021Четири месеци откако му беше блокиран профилот на Фејсбук поради поттикнување насилство кое доведе до упад во американскиот Конгрес на 6 јануари, Доналд Трамп ќе мора уште да чека за да се врати на мрежата. Независниот надзорен борд на Фејсбук ја одобри блокадата на профилот на Трамп, но порача дека таа не може да трае до недоглед.
Со одлуката де-факто се одложува враќањето на Трамп на социјалната мрежа и му се остава на Фејсбук за шест месеци самиот да одлучи дали ќе му дозволи да се врати.
Таквата одлука на бордот не му одговара на Фејсбук затоа што го става во непријатна позиција. Од една страна, поддржувачите на Трамп се бесни поради забраната; критичарите на Фејсбук, од друга, бараат построга регулација на социјалните медиуми, а на компанијата сега и останува да донесе важна одлука за која се надеваше дека ќе биде донесена од бордот.
Бордот одлучи дека Фејсбук бил во право што му го суспендирал профилот на Трамп, но истовремено компанијата згрешила што наметнала нејасна казна, а потоа му ја препуштила темата на бордот.
„Фејсбук треба или трајно да го затвори профилот на Трамп или да го суспендира на одреден временски период“, изјави поранешниот дански премиер и член на Надзорниот борд на Фејсбук, Хеле Торнинг-Шмит.
Трамп не ја коментираше директно одлуката, но преку соопштение порача дека потезите на Фејсбук, Твитер и Гугл се „целосен срам за нашата земја“.
„Овие корумпирани социјални медиуми мора да платат политичка цена“, смета Трамп.
Ден пред одлуката на бордот, Трамп го претстави својот нов блог „Од бирото на Доналд Џ. Трамп“ на неговата лична интернет страница. Страницата содржи серија изјави на Трамп кои неговите поддржувачи можат лесно да ги споделуваат на Фејсбук и Твитер, каде тој е блокиран.